ПОВЕЌЕ

    САМО 33.132 ДЕНАРИ – ТОЛКУ БИЛА ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА ВО ИНЖЕНЕРСКИТЕ ДЕЈНОСТИ, но кој земал речиси 26.000 евра?

    Време зa читање: 5 минути

    Зад патиштата, мостовите, енергетските системи, фабриките, водоводите и големите инфраструктурни проекти стојат инженери, проектанти, геодети, техничари, надзорни органи. Тие се луѓето што ја движат дејноста што во 2025 година оствари 187,6 милиони евра приход и 34,1 милион евра добивка.

    Но, зад силниот раст на бизнисот стои многу поскромно движење кај вработувањето и платите.

    Според анализата на Пари базирана врз податоците на Бизнис Мрежа, во 663 компании од дејноста инженерски дејности и поврзано техничко советување во 2025 година работеле 2.930 лица, само 30 повеќе од претходната година, кога биле вработени 2.900 лица. Тоа е раст од едвај 1,03 насто.

    Уште помала е промената кај платите. Просечната плата во дејноста во 2025 година изнесувала 33.132 денари, наспроти 33.094 денари една година претходно. Разликата е само 38 денари, односно раст од симболични 0,12 насто.

    Така, додека приходот на секторот за една година пораснал за 12,57 насто, а добивката за дури 50,47 насто, бројот на вработени практично останал на исто ниво, а просечната плата речиси воопшто не се поместила.

    Инженерскиот бизнис создавал значително повеќе пари, но тоа, барем на ниво на целиот сектор, не било проследено ниту со силен бран на вработувања, ниту со позначителен раст на просечната плата.

    ДЕСЕТ КОМПАНИИ ИМААТ 838 ВРАБОТЕНИ

    Кај десетте најголеми работодавачи трендот е уште поинтересен. Десетте компании во 2025 година имале вкупно 838 вработени, наспроти 846 вработени една година претходно. Значи, додека целата дејност добила 30 нови вработени, кај десетте најголеми компании бројот на работни места се намалил за осум.

    Најголем работодавач убедливо е Градежен институт Македонија – ГИМ со 281 вработен, иако колективот за една година се намалил за 16 лица, односно за 5,39 насто. Само ГИМ го вработува речиси секој десетти човек во целата дејност.

    На второто место е ГЕИНГ со 128 вработени, еден помалку од претходната година. Заедно, ГИМ и ГЕИНГ имаат 409 вработени, односно речиси половина од сите луѓе што работат кај десетте најголеми работодавачи.

    ИНЖЕНЕРСКИОТ БИЗНИС ВРЕДИ 187,6 МИЛИОНИ ЕВРА: Профитот скокна 50 насто, но една фирма ја менува целата слика

    Следуваат Енерго Систем со 79 и Техноинспект со 77 вработени. Токму кај овие две компании има и поизразено зголемување на тимовите. Енерго Систем вработила уште пет лица, а Техноинспект осум. Кај Техноинспект тоа е раст од 11,59 насто – највисок меѓу десетте најголеми работодавачи.

    КОНТРОН го зголемила бројот на вработени од 64 на 66, додека Флуид Проект со 48, Феро Комерц со 34 и Инженеринг Солушн Сервисес ЕСС со 32 вработени ја завршиле годината без промена.

    Во спротивна насока се движеле Евро Консалтинг и ЕЛНОС Македонија. Кај Евро Консалтинг бројот на вработени е намален од 55 на 51, или за 7,27 насто, а кај ЕЛНОС од 44 на 42 лица.

    Но, бројот на луѓе не кажува секогаш и колкав бизнис води една инженерска компанија. Најдобар пример се ГИМ и Енерго Систем.

    ГИМ со 281 вработен во 2025 година остварила 12,3 милиони евра приход. Енерго Систем со само 79 вработени направила 18,2 милиони евра. Со други зборови, ГИМ има повеќе од три и пол пати поголем колектив, но Енерго Систем има речиси шест милиони евра поголем приход.

    Ако приходот едноставно се стави во однос со бројот на вработени, кај Енерго Систем излегуваат околу 230 илјади евра приход по вработен, додека кај ГИМ се околу 44 илјади евра.

    Извор:Бизнис Мрежа

    ПЛАТИ И НАД 100.000 ДЕНАРИ, НО ВРВОТ ГО ДРЖАТ ФИРМИ СО МАЛКУ ВРАБОТЕНИ

    Ако листата на најголемите работодавачи ја споредиме со листата на највисоките просечни плати, тие речиси и да немаат допирни точки.

    Меѓу десетте компании со највисоки просечни примања нема ниту една од најголемите ‒ ГИМ, ГЕИНГ, Енерго Систем и Техноинспект. Од најголемите работодавачи таму се појавува само КОНТРОН.

    А врвот од листата е приказна сама за себе.

    Кај Хидропроект – Сообраќај, Подружница Скопје, за 2025 година е евидентирана просечна плата од неверојатни 1.589.325 денари. Но, зад овој просек стојат само двајца вработени. И не станува збор за нагол скок од една година – во 2024 година просечната плата била речиси идентични 1.580.137 денари.

    И второто место покажува дека листата на највисоки плати треба да се чита заедно со бројот на вработени. Искра Системи-М има просек од 124.999 денари, но само седуммина вработени.

    Инженеринг Системи исплаќа просечно 116.767 денари на тим од тројца, додека Елтех-Системи од Виница има еден вработен и просечна плата од 116.250 денари.

    Во оваа категорија компанијата КОНТРОН има најмногу вработени, просечната плата им е 101.639 денари, а истовремено е и меѓу десетте најголеми компании според приход со 5,3 милиони евра.

    Најголем раст на просечната плата меѓу компаниите за кои има споредливи податоци бележи ЦЕС Цонсултинг Енгинерс. Од 74.462 денари во 2024 година просекот се искачил на 96.273 денари во 2025 година, или за 29,29 насто, но и во 2024 и во 2025 брои само еден вработен.

    Најголемиот пресврт, пак, е кај Инфра Системи.

    Компанијата во 2024 година имала просечна плата од 363.683 денари, при што имала само еден вработен, а една година подоцна тој вработен земал 98.145 денари. Тоа е пад од 265.538 денари, односно за 73,01 насто.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Катерина Михајлова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично