
По две години во кои сите пензионери добиваа ист износ на покачување, од септември повторно се враќа старата формула – пензиите ќе растат процентуално, според движењето на платите и трошоците за живот. Тоа значи дека периодот на линеарни зголемувања завршува, а околу 350.000 пензионери наскоро ќе дознаат колку точно ќе им се зголеми пензијата.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека септемвриското усогласување ќе се спроведе согласно законскиот механизам, а конечниот процент сè уште се пресметува.
„Тоа ќе биде редовно нивелирање, усогласување согласно закон“, изјави Мицкоски, додавајќи дека точниот износ на покачувањето ќе биде познат многу скоро.
Пензиите во Македонија законски се усогласуваат двапати годишно – на 1 март и на 1 септември. Во пресметката еднакво се земаат предвид растот на просечно исплатената плата и растот на трошоците за живот. Оттука, за разлика од линеарниот модел, при кој секој пензионер добива ист износ, процентуалното усогласување значи дека повисоките пензии добиваат и поголемо зголемување во денари.
Септемвриското усогласување ќе се однесува на пензиите за септември, кои пензионерите ќе ги добијат во октомври.
Со тоа завршува периодот во кој Владата интервенираше со фиксни износи. Од септември 2024 година наваму пензиите беа зголемени во четири наврати – двапати по 2.500 денари и двапати по 1.000 денари. Кумулативно, сите пензии во тој период беа зголемени за 7.000 денари, без оглед на нивната почетна висина.
Линеарното зголемување беше едно од главните предизборни ветувања на актуелната власт и беше образложувано со потребата посилно да се помогне на пензионерите со најниски примања. Но, овој модел во меѓувреме беше оспоруван.
Мицкоски рече дека токму иницијативите за оценување на уставноста на линеарните покачувања се една од причините Владата отсега да се врати на законскиот модел.
„Знаете дека постоеја иницијативи од страна на поединци, во позадина охрабрени од политички партии, пред Уставниот суд да покренат тема за линеарното зголемување на пензиите. За да ги заштитиме пензионерите и пензиите, понатаму зголемувањето ќе биде согласно усогласувањата предвидени со закон“, рече премиерот.
Практично, септември носи промена не само во износот, туку и во логиката на покачувањето. Досега пензионер со минимална пензија и пензионер со значително повисока пензија добиваа ист дополнителен износ во денари. Со враќањето на законското процентуално усогласување, покачувањето повторно ќе зависи од висината на секоја поединечна пензија.
Колкав ќе биде процентот сè уште не е објавено. Надлежните ги прават пресметките врз основа на најновите податоци за платите и инфлацијата, а Владата најавува дека бројката ќе биде позната наскоро.
За околу 350.000 пензионери, токму тој процент ќе биде една од најважните економски бројки во наредните недели – затоа што ќе покаже колку од растот на платите и трошоците за живот реално ќе се прелее во нивните месечни примања.
Аналитика








