ПОВЕЌЕ

    Како до поправеден пензиски систем и до помал јаз меѓу најниските и највисоките пензии?

    Време зa читање: 8 минути

    Нашиот пензиски систем добива преодна оценка како во однос на пензиските системи на другите земји, така и во однос на системите внатре во земјата: образовниот, здравствениот, правосудниот и др. Но, тоа е главно поради две причини: учеството на возрасното население е сѐ уште околу 18 насто[1], а не 25 насто или 35 насто, како што е во многу европски земји, како и поради добрите решенија сочувани уште од времето на социјализмот.

    Воспоставувањето на правилата на пензискиот систем и нивното утврдување во законски норми отсекогаш било во рацете на осигурениците што очекувале високи пензии или веќе имале високи пензии. Притоа, пензискиот систем покажува тенденција на „поголема грижа“ за високите пензии. Така, проблемот на ниските пензии бил систематски запоставуван, претворајќи се во една од најголемите слабости на нашиот пензиски систем. И системот добива оценка на неправичност.

    ПЕНЗИЈАТА Е И ЕКОНОМСКА И СОЦИЈАЛНА КАТЕГОРИЈА

    Следејќи го развојот на законската регулатива од првиот Закон за пензиското и инвалидското осигурување донесен во 1993 година па до денес, може да се забележи дека отсуствува грижата за малите (ниски) пензии. Со овој прв закон е направена т.н. „тивка национализација“ на пензискиот систем, со право на Владата да ги назначува членовите на Управниот одбор и директорот на Фондот на ПИОМ (можеби не можеше ништо друго да се направи, но треба да се има предвид дека тоа не значеше само едноставно укинување на СИЗ-от за пензиското и инвалидското осигурување). Оттука и обврската на државниот буџет да интервенира во воспоставувањето на буџетската урамнотеженост на Фондот на ПИОМ. Намерно го избегнувам зборот „дупка“, кој за нас, пензионерите, има призвук на пејоративност со елементи на навредливост. Во документите на ЕУ не се употребува тој термин, туку неурамнотеженост или дефицит.

    Втората непринципиелност е што за едни пензијата е исклучиво економска категорија, а за други е само социјална категорија. Тоа не е точно. Пензијата е и економска, но и социјална категорија. Таа е столбот на социјалната заштита. Членот 35 од Уставот кажува каква треба да биде, па пишува: „…согласно начелото на социјална праведност“. Оттука доаѓа обврската дека мораме да водиме многу, многу поголема грижа за ниските пензии. Ако платата и профитот ја сочинуваат новосоздадената вредност, платата и пензијата ја сочинуваат личната потрошувачка. Ако првото создава некакво чувство на резервираност кон пензионерите, второ го поттикнува економскиот раст.

    Третата е дилемата: зголемување на стапката на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување или продолжување на старосната граница. Тоа е наметната, но не и вистинска дилема, барем сѐ додека не започне процесот на зголемување на животниот век. Македонија е единствената земја во Европа во која животниот век се намалува. Времето на користење на пензиите до 2017 година било 16,5 години, а потоа паѓа. Денес е околу 11,5 години. Овој факт е застрашувачки. Зголемувањето на стапката на задолжителниот придонес за ПИО е во судир со политиката на неоптоварувањето на живиот труд, како наша лажна компаративна предност.

    Четврто, останува поведување процес за подобрување на пензискиот систем, односно неговата усогласеност со начелото на социјална праведност, на што нѐ обврзува Уставот.

    ПОДИГАЊЕ НА НАЈНИСКИОТ ИЗНОС НА ПЕНЗИЈА

    На институтот најнизок износ на старосната пензија мора да му се обрати многу поголемо внимание, и тоа:

    – од која календарска година ќе се земе просечна плата за сите вработени во Република Македонија, како главен елемент од кој се пресметува просечната пензија;

    – во висина на кој процент од таа просечна плата;

    – во кој процент се намалувањата за годините што недостигаат;

    – начинот и процентот на усогласување.

    Всушност, вистинско, а најмалку само техничко е прашањето: како се изврши усогласување на најнискиот износ на пензијата при двете линеарни покачувања на пензиите? Се поставуваат и низа технички прашања: дали сѐ уште се применува просечната плата од 2002 година; дали процентот од просечната плата е само 41 насто за мажи и 38 насто за жени?

    Од најнискиот износ на пензија зависат:

    – најнискиот износ на семејната пензија;

    – најнискиот износ на инвалидската пензија;

    – дури и македонскиот дел од пензијата и странската пензија кога нивниот збир не го надминува износот на најниската пензија.

    Се поставува и прашањето: зошто најнизок износ на пензија не се исплатува во странство ако корисникот на пензија се пресели во земја во која тоа не е предвидено со ратификуваниот меѓународен договор или нема таков договор?

    Овие не се технички прашања, туку судбоносни социјални односи во кои живеат голем број наши сограѓани. И до кога ќе бидат надвор од фокусот на пошироката јавност, подведувајќи ги под категоријата „комплицирани“ прашања?

    Ова е судбинско прашање за околу 27.000 пензионери коишто примаат најнизок износ на пензија. Попрецизно, според последниот податок, 26.850 пензионери примаат пензија во износ од 20.288 денари.

    СТАЖОТ И „КАЗНЕНИТЕ ПОЕНИ“

    До кога Македонија ќе се издвојува и ќе се бара минимум 15 години стаж на осигурување, кога сите земји во Европа таа граница ја спуштиле на 10 години? Секако, има и други, поретки практики, на пример во Италија ‒ како општо правило, за старосна пензија се потребни најмалку 20 години придонесен стаж, иако постојат и законски исклучоци. Се смета дека со стаж на осигурување од минимум 10 години би имале нови 5.000 корисници на пензија, а бројот на стари лица над 65 години старост што се надвор од пензискиот систем, околу 62.000 (бројката е од пописот во 2021 година, од нив 8.000 живеат во град, а 54.000 во село) би се намалил на 57.000.

    Зошто кај нас семејната пензија е само 70 насто од старосната пензија на починатиот корисник, кога во цела Европа тоа е 100 насто или, во некои земји, и 125 насто од пензијата на починатиот хранител на семејството? Има и земји, сосем разбирливо, кои ако даваат 125 насто пензија, по изминатите 3,5 или Х години го намалуваат тој процент.

    Погледнете ги годишните финансиски извештаи на Фондот на ПИОМ. Се стекнува впечаток дека Фондот прави големи трошоци. Кај пензискиот фонд, за разлика од образовниот, здравствениот и други, јасно може да се види колку средства одат за исполнување на целите на системот, а колку за неговото одржување. Колку средства одат за исплата на пензиите, а колку за оние што го овозможуваат тоа. Потребно е Фондот да им додели одредени јавни овластувања на центрите за социјална помош и/или на општинските здруженија на пензионерите.

    Тука е и заменската стапка. Наједноставно кажано, тоа е стапка во споредбата меѓу првиот износ на пензијата што ќе ја добиете со последната плата. Ако изнесува меѓу 70 и 75 насто, тоа е првата потврда дека Фондот направил точна пресметка, се разбира, ако се исполнети сите услови за полн износ на пензија.

    Заменската стапка е превисока и таа повеќе им годи на високите отколку на ниските пензии. Со години е така граден пензискиот систем, и во социјализмот и потоа. Потребно е нејзино намалување, а за сметка на тоа ‒ зголемување на најнискиот износ на пензија.

    „Казнените поени“ со кои се намалува пензијата за годините што не влегуваат во пензискиот стаж поради неплатен придонес или невработеност, се прилично високи во однос на оние во западноевропските земји. Кај нас тие тешко се пресметуваат. За секоја година што недостига ја намалуваат пензијата за околу 3,4 насто. Но, тоа е помалиот проблем. Поголемиот е тоа што вечно остануваат, до смртта на корисникот на пензија. Оваа неправда треба што побрзо да се отстрани, бидејќи тој што ја трпи неправдата најчесто не е виновен. Виновен е неговиот работодавач, а од друга страна и државата треба да признае дека не била ефикасна во попречувањето на неправдата. Ако држава во насловот на законот рекла дека придонесот за ПИО е задолжителен, нејзина вина е што тоа не е така.

    Најчесто овие „казнени поени“ се применуваат само во првите три или пет години од користењето на пензијата, а потоа пензионерот остварува пензија без овие намалувања.

    Малкумина знаат дека пензиите во Македонија се оданочуваат, но исто како да не се даночат. Пресметаниот персонален данок, сега данок на личен доход, останува во Фондот. Така, германската пензија што доаѓа во Македонија е оданочена со нивниот персонален данок, а нашата кога ја испраќаме во Германија е оданочена, но како да не е. Можеби решението е да се оданочат повисоките пензии, а пониските да бидат ослободени. Или, пак, и кај пензиите да се воведе износ на лично ослободување од данок, а над тој износ да се оданочува. И тоа ќе биде во функција на намалување на разликата меѓу највисокиот и најнискиот износ на пензијата.

    За крај, кога зборуваме за пензискиот систем, тоа не се однесува само за неговото „лево белодробно крило“, односно само за исплатата на пензиите. На страната на прибирањето на задолжителниот придонес за ПИО има простор за низа подобрувања, но за тоа во друга прилика.

    [1] Пописот на населението во 2021 г. го искажа ова учество, дотогаш сметавме дека е до 15 насто.

    Пишува: Славко Лазовски

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично