ПОВЕЌЕ

    Понуда од 15 денари по акција за преземање на Еурохаус

    Време зa читање: 2 минути

    Александра Митев, Сашо Дракуловски и Стефан Степаноски го започнаа процесот за преземање на брокерската куќа Еурохаус. Пред десетина дена тие добија согласност од Комисијата за хартии од вредност да стекнат квалификувано учество во друштвото.

    На постојните акционери ќе им бидат понудени по 15 денари за акција, наведено е во известувањето објавено на Македонска берза:

    „Согласно член 22 став 1 од Законот за преземање на акционерските друштва, ги известуваме сите акционери на Брокерска куќа Еурохаус АД Скопје дека имаме намера да објаваме Понуда за преземање на целното друштво Брокерска куќа Еурохаус АД Скопје по цена од 15,00 (петнаесет) денари по акција“.

    Понудата за преземање ќе биде објавена откако Митев, Дракуловски и Степаноски ќе добијат дозвола од Комисијата за хартии од вредност. Тоа е посочено во официјалното известување за намерата за преземање.

    Со претходните решенија на КХВ, Александра Митев доби согласност да стекне акции со право на глас чиј вкупен кумулативен износ не надминува 50 отсто, додека Сашо Дракуловски и Стефан Степаноски поединечно можат да стекнат до 30 отсто од вкупно издадените акции со право на глас. За реализација на трансакциите е определен рок од 90 календарски дена од донесувањето на решенијата.

    Според официјално достапните податоци, на 31 декември 2025 година Еурохаус имал 201.000 обични акции и 11 акционери.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично