
Читајте квалитетна содржина на порталот ПАРИ – таму каде што информацијата вреди
Во септември нема забележана инфлација во однос на август, но сепак, сите извештаи за берзанските производи, а особено за енергентите, укажуваат дека инфлацијата може повторно да „чука на врата“. Од Евростат стигнуваат разочарувачки вести дека инфлацијата во еврозоната значително забрза во септември и достигна 3,8 насто, што е највисоко ниво во последните три години. Бидејќи Македонија е увозно зависна земја, случувањата со цените во Европа укажуваат на тоа дека нови ценовни поместувања се сè поизвесни.
Порталот „Пари“ анализира каде се позиционираше нашата куповна моќ во текот на изминатата деценија, која од релативна стагнација премина во период на високи инфлации, но и со истовремен релативно висок раст на платите и пензиите. Анализиравме колку чинеа основните прехранбени производи и колку од нив можеше да се купат со една просечна плата, односно пензија, пред 10 години во споредба со денес.
Државниот завод за статистика објавува годишни извештаи со просечни цени, што ни помогна да се вратиме една деценија наназад. За сегашните цени, истраживме низ маркетите и направивме свој просек.

Од податоците може да се види дека помали разлики има кај оризот, гравот, шеќерот. Цената на кафето буквално е удвоена – од некогашните неполни 400 денари за еден килограм, на сегашни 800 денари. Повеќе од двојно повисока е сегашната цена на јунешкото месо. Ако некогаш јунешкото месо со коски чинеше 325 денари за килограм, сега чини 750 денари. Цената на млекото е зголемена, но на млечните производи растот е поголем од тој на суровината.
ОСВЕН ЛЕБ И ЈУНЕШКО, СÈ МОЖЕ ДА СЕ КУПИ ПОВЕЌЕ
Но, вистинска слика за тоа колку растот на цените влијаел врз животниот стандард ќе се добие ако направиме споредба колку можело да се купи со една плата од секој производ пред 10 години, а колку сега.
Според последните податоци што ги има Државниот завод за статистика за просечната нето-плата, а тоа е за јули, таа изнесувала 48.499 денари. Во јули 2016 година, пак, просечната нето-плата била 22.334 денари.
Математиката открива изненадувачка слика – освен леб и јунешко месо, сè друго може да се купи значајно повеќе, па дури и производите чиишто цени двојно се зголемиле, како на пример кафето (сега може да се купат 4 килограми повеќе). Со сегашната просечна плата, може да се купи и 192 литри млеко повеќе, или, на пример, дури 1.250 јајца повеќе.

СО ПРОСЕЧНА ПЕНЗИЈА ДВОЈНО ПОВЕЌЕ ОРИЗ, 50 НАСТО ПОВЕЌЕ ГРАВ
Просечната пензија во септември годинава изнесувала 28.891 денар, наспроти 13.106 денари во септември 2016 година. Номинално, пензијата за една деценија е повеќе од двојно зголемена. Но, што значи тоа во продавница?
Ако во 2016 година целата просечна пензија би се потрошила само на леб, за неа би можеле да се купат околу 377 килограми. Денес, со просечната пензија, би можеле да се купат околу 375 килограми. Кај јунешкото месо со коски разликата е исто така мала – од околу 40 килограми во 2016 година, денес може да се купат околу 39 килограми.
Кај други производи сликата е поинаква. Со просечната пензија денес може да се купат повеќе килограми свинско и пилешко месо, повеќе млеко и повеќе сирење отколку пред една деценија.

Податоците покажуваат дека и покрај генералната слика за раст на цените, тие за некои производи не се многу различни од пред една деценија. Од друга страна, растот на платите и на пензиите, барем за овие најосновни производи, успеал да отвори поголема можност за консумирање.
Секако, сликата за добар животен стандард е далеку од парче леб, сирење и месо. Впрочем, тоа добро го покажа и анализата на Светската банка што беше презентирана деновиве, а според која Македонија е исправена пред голем предизвик конечно да ја избегне стапицата на среден доход, плато на кое остана изминативе 17 години.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








