
Зошто ЕЦБ ги зголеми каматите?
На 10 септември Европската централна банка (ЕЦБ) ги зголеми каматите за 0,25 процентни поени, а нејзината главна каматна стапка сега изнесува 2,65 насто. Ова е второ зголемување годинава, по она во јуни.
Причината е инфлацијата. Конфликтот на Блискиот Исток ги зголеми цените на нафтата и гасот, а со тоа и трошоците на фирмите за транспорт и производство. Според првичната проценка на Евростат, во септември инфлацијата во еврозоната достигна 3,8 насто, што е највисоко ниво од 2023 година и речиси двојно повеќе од целта на ЕЦБ од 2 насто.
Со повисоките камати ЕЦБ ја намалува побарувачката. Поскапото задолжување ги прави домаќинствата и фирмите повнимателни при трошењето и инвестирањето, а кога побарувачката е послаба, продавачите имаат помалку простор да ги зголемуваат цените. Ефектот врз инфлацијата не се гледа веднаш, туку обично по една до две години.
Следната седница на ЕЦБ е на 29 октомври. Бидејќи инфлацијата во септември дополнително се забрза, од 3,2 насто во август на 3,8 насто, можно е каматите повторно да се зголемат.
Зошто ова нè засега и нас?
Курсот на денарот е еден од најстабилните показатели во македонската економија. Повеќе од две децении едно евро чини околу 61,5 денари, а Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) се грижи тоа да остане така. За граѓаните и фирмите тоа значи сигурност: ратата на кредитот во евра, увозната фактура или заштедите во девизи не зависат од промени на курсот.
Стабилниот курс, сепак, носи и ограничување. Во економијата тоа е познато како „невозможно тројство“: една земја не може истовремено да има фиксен курс, слободно движење на парите кон и од странство и целосно самостојна каматна политика. Може да има најмногу две од трите. Македонија ги избра фиксниот курс и, во голема мера, слободното движење на парите, па каматите кај нас не можат многу да се оддалечат од каматите во еврозоната.
Во пракса, штедачот што избира меѓу денари и евра пред сè ја споредува каматата, бидејќи курсот не се менува. Ако каматите на еврото растат, а на денарот остануваат исти, штедењето во евра станува попривлечно. Тогаш побарувачката за евра расте. За еврото да не поскапи, НБРСМ им продава евра на банките од своите девизни резерви. Но, резервите се ограничени, а ако почнат да се намалуваат, луѓето купуваат уште повеќе евра од страв дека денарот ќе ослабе. Затоа НБРСМ мора да ги држи каматите на денарот доволно високи, за штедењето во денари да остане исплатливо.
Што направи НБРСМ досега?
Во јуни, по првото зголемување на каматните стапки на ЕЦБ, НБРСМ ја зголеми својата основна каматна стапка од 4 насто на 4,25 насто.
Во септември, кога ЕЦБ ги зголеми каматите по втор пат, НБРСМ не ја промени својата стапка, оценувајќи дека јунското зголемување и другите мерки засега се доволни. Одлуката за каматите не дејствува веднаш, потребни се неколку месеци за да се види како влијае врз кредитите и цените. Затоа НБРСМ одлучи да почека нови податоци пред следниот чекор.
Сепак, два податоци покажуваат дека притисокот за ново зголемување расте. Првиот е високата побарувачка за девизи. Македонија ја увезува речиси целата нафта и целиот гас и ги плаќа во девизи, па при повисоки цени на енергијата увозниците мораат да купуваат повеќе девизи. Годинава НБРСМ интервенираше на девизниот пазар за да ја задоволи оваа побарувачка. Резервите засега се високи, околу 5,1 милијарда евра, но повисоката камата на денарот би ги поттикнала граѓаните и фирмите повеќе да штедат во денари и би го намалила притисокот врз девизниот пазар.
Вториот податок е дека кредитите растат побрзо отколку што очекуваше НБРСМ. Кредитите брзо се претвораат во трошење, а кога трошењето расте побрзо од производството, расте и ризикот од нови поскапувања. Дел од тоа трошење оди на увозни производи, што дополнително ја зголемува побарувачката за евра. Притоа, разликата меѓу основната каматна стапка на НБРСМ и главната стапка на ЕЦБ веќе се намали од 1,85 на 1,6 процентни поени. Ако на 29 октомври ЕЦБ повторно ги зголеми каматите, разликата дополнително ќе се намали. Во тој случај НБРСМ најверојатно ќе ја следи ЕЦБ, како што направи и во јуни.
Кога и колку ќе порасне ратата?
Ако кредитот е со фиксна камата, ратата не се менува, без оглед на одлуките на ЕЦБ и НБРСМ. Сепак, кај многу станбени кредити каматата е фиксна само во првите неколку години, а потоа станува променлива. Затоа вреди да се провери во договорот до кога важи фиксната камата.
Кај кредитите со променлива камата, каматата е збир од два дела: референтна стапка, која се менува според пазарот, и маржа на банката, која е запишана во договорот и не се менува. Кога референтната стапка расте, расте и каматата, а со неа и ратата. Банката ја усогласува каматата во рокови утврдени во договорот, на пример на секои шест месеци.
Кај повеќето кредити во Македонија референтна стапка е Националната референтна каматна стапка (НРКС). Таа се пресметува од каматите на депозитите во банките, кои се менуваат постепено. Затоа кај овие кредити поскапувањето доаѓа со задоцнување. Дел од кредитите во евра се врзани за ЕУРИБОР, каматата по која банките во еврозоната си позајмуваат пари една на друга. ЕУРИБОР реагира речиси веднаш на одлуките на ЕЦБ, а често и пред нив, кога пазарот ги очекува. Затоа кај овие кредити ратата се зголемува уште при првото наредно усогласување.
Најбрзо поскапуваат новите кредити. Кај постојниот кредит маржата е веќе договорена, а при нов договор банката ги одредува сите услови од почеток, според тоа колку сега чини задолжувањето.
Малите фирми се најизложени
Малите и средните фирми ќе го почувствуваат ова најбрзо. Повеќето од нив работат со обртни кредити: фирмата денес купува суровини и исплаќа плати, а парите од купувачите ги наплаќа дури по еден или два месеци. Тој период го покрива со краткорочен кредит, кој го враќа за неколку месеци и потоа зема нов. Затоа повисоката камата кај нив не доаѓа за неколку години, туку веќе при следното обновување на кредитот.
Големите компании имаат повеќе можности: можат да се задолжат во странство, а оние што се во странска сопственост можат да позајмат пари од своите сопственици по пониски камати. Малите фирми речиси целосно зависат од домашните банки и ја прифаќаат каматата што ќе им ја понудат. Поскапото задолжување им доаѓа во исто време кога веќе плаќаат повеќе за струја и гориво, што значи или помала заработка, или повисоки цени за нивните купувачи.
Штедењето станува поисплатливо
За штедачите повисоките камати се добра вест, но ефектот доаѓа побавно. Банките ги зголемуваат каматите на депозитите постепено, па новите услови ќе се почувствуваат при отворање нов депозит или при обновување на постојниот. Кој има орочен депозит, до неговото истекување ја добива каматата што била договорена.
Целта на НБРСМ е штедењето во денари да остане поисплатливо од штедењето во евра. Колку е поголема разликата меѓу каматите на денарските и на девизните депозити, толку помала е потребата луѓето да купуваат евра.
Извозниците: помала продажба, поскап кредит
Поголемиот дел од македонскиот извоз оди во земјите од еврозоната. Кога таму каматите растат, луѓето и фирмите трошат помалку, па купуваат помалку и од нас. Купувачите тогаш почесто бараат пониска цена или подолг рок за плаќање, на пример 90 наместо 30 дена.
За извозникот подоцнежното плаќање значи подолго чекање на парите. Ако купувачот од Германија плати два месеци подоцна, фирмата толку време работи без тие пари, а платите, струјата и суровините мора да ги плаќа редовно. Таа разлика најчесто ја покрива со краткорочен кредит, а тој кредит сега е поскап. Така извозникот истовремено продава помалку и плаќа повисока камата.
Што да направите сега?
Периодот на намалување на каматите заврши, барем засега. Бидејќи денарот е врзан за еврото, каматите кај нас во голема мера зависат од одлуките на ЕЦБ, а не само од НБРСМ. Затоа одлуката на ЕЦБ на 29 октомври е важна и за граѓаните и за фирмите во Македонија.
За домаќинствата со кредит со променлива камата ова е добар момент да го проверат договорот: за која референтна стапка е врзана нивната камата и колку би пораснала ратата при ново зголемување. Дел од банките нудат премин на фиксна камата. Таа обично е малку повисока, но ја штити ратата од понатамошни поскапувања.
Фирмите што планираат ново задолжување не треба да сметаат дека кредитите ќе поевтинат наскоро. Пред да потпишат нов договор, вреди да пресметаат дали би можеле да ја плаќаат ратата и ако каматата порасне за уште 0,5 до 1 процентен поен.
За штедачите, пак, порастот на каматите е можност. Наместо депозитот автоматски да се обнови во истата банка, вреди да се споредат понудите на неколку банки. Притоа, не е важна само висината на каматата, туку и дали таа е повисока од растот на цените, бидејќи само тогаш заштедите реално растат.
Извори
- ЕЦБ: Монетарна одлука од 10 септември 2026
- НБРСМ: Основната каматна стапка останува 4,25% (Бизнис Инфо)
- Bloomberg Adria: НБРСМ не ја промени каматната стапка
- Евростат: Флеш-проценка на инфлацијата, септември 2026
- НБРСМ ја зголеми основната каматна стапка на 4,25% (Скопје1, 16 јуни 2026)
- Пари.мк: Девизните резерви над 5 милијарди евра, каматата останува 4,25%
Пишува: Проф. д-р Весна Георгиева Свртинов – универзитетски професор
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








