ПОВЕЌЕ

    Славески: Девизните резерви над 5 милијарди евра, каматата останува 4,25%

    Време зa читање: 2 минути

    Девизните резерви на Македонија достигнаа околу 5,1 милијарда евра, инфлацијата во август изнесува 2,6 проценти, а економијата во вториот квартал порасна за 4,3 проценти. Во такви услови, Народната банка ја задржува основната каматна стапка на 4,25 проценти, оценувајќи дека сегашната монетарна поставеност е соодветна.

    Ова го истакна гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во гостувањето во централниот дневник на „Македонската телевизија“, каде што зборуваше за последната одлука на Извршниот одбор, инфлацијата, девизните резерви и економскиот раст.

    „Народна банка ги носи одлуките врз основа на сериозна анализа на макроекономските состојби, ценејќи ги, во секој случај, состојбите во неизвесното окружување и слично“, посочи Славески.

    Според него, девизните резерви од околу 5,1 милијарда евра се приближно двојно повисоки од нивото во 2019 година. Тие се значаен инструмент за одржување на стабилноста на номиналниот девизен курс, а Народната банка интервенира на девизниот пазар со продажба или откуп на девизи, зависно од состојбите.

    Растот на резервите, како што посочи гувернерот, е поткрепен од поволните движења во екстерниот сектор, извозот и увозот, странските директни инвестиции и портфолио-инвестициите.

    „Не само што се надомести она што беше потрошено за интервенции туку и девизните резерви значително пораснаа“, истакна Славески.

    Во однос на инфлацијата, годишната стапка во јули изнесуваше 2,3 проценти, а во август 2,6 проценти, додека на месечно ниво цените пораснале за 0,4 проценти. Според гувернерот, августовските податоци покажуваат релативно ограничен пренос на турбуленциите кај цените на енергентите и суровата нафта врз домашните цени.

    Славески нагласи дека Народната банка ја следи состојбата и дека, доколку биде потребно, може да реагира со инструментите што ѝ стојат на располагање, меѓу кои и мерките на макропрудентната политика.

    Гувернерот се осврна и на растот на македонската економија од 4,3 проценти во вториот квартал, оценувајќи дека е позитивно што растот се одржува и во услови на голема неизвесност во светската економија.

    Според него, растот пред сè е поттикнат од бруто-инвестициите, особено во инфраструктурата, но и од личната потрошувачка, врз која влијаат растот на расположливиот доход, платите и пензиите, како и зголеменото кредитирање на населението и на бизнисите.

    „Добро е што и во услови на голема неизвесност во светската економија македонската економија бележи солиден раст“, истакна Славески.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично