Германскиот автомобилски гигант „Mercedes-Benz“ размислува да ги запре новите инвестиции во своите производни капацитети во Германија и да затвори дел од своите фабрики. Производителот на автомобили од Штутгарт привремено ги запира сите понатамошни инвестиции во своите германски фабрики. Можни се затворања на фабриките, што го зголемува притисокот врз вработените, работничкиот совет и IG Metall. Фолксваген и Ауди, исто така, најавија големи програми за штедење.
оваа информација ја објави агенцијата „Reuters“.Според извештајот, компанијата одлучила да ги замрзне новите инвестиции во германското производство, откако раководството не успеало да постигне договор со работничкиот совет и претставниците на синдикатите за намалување на трошоците за работна сила.
Како што објави bild.de во четвртокот, директорката за човечки ресурси, Брита Зегер, ја оправда оваа одлука, укажувајќи на тешката финансиска состојба и притисокот врз трошоците. Групацијата сега мора да испита кои локации во Германија можат и понатаму, на долг рок, да работат профитабилно. Мерцедес сака, колку што е можно повеќе, да избегне затворање на фабрики, изјави таа, но додаде дека оваа опција сега мора да се разгледува посериозно отколку претходно.
Преговорите со претставниците на вработените се во ќорсокак. Во моментов не се наѕира брз договор, објасни Зегер во интервју наменето за внатрешна употреба, за што извести zeit.de, повикувајќи се на новинската агенција Ројтерс. Целта останува постигнување заеднички пакет мерки кои ќе овозможат значителни заштеди, а истовремено ќе бидат социјално прифатливи.
Во сржта на спорот се трошоците за производство. Според податоците на Мерцедес, еден час работа во германските фабрики може да чини и до пет пати повеќе отколку во погоните во Источна Европа. Затоа, раководството бара отстапки во однос на условите за работа. Еден од предлозите за кои се дискутира е продолжување на работното време без зголемување на платите.
Раководителот на производството, Михаел Шибе, уште пред неколку недели најави дека, доколку не се остварат планираните намалувања на трошоците, би можело да дојде до затворање на две фабрики во Германија. Според моменталните размислувања, тоа би опфатило една фабрика за склопување возила и една фабрика за погонски системи, каде што се произведуваат компоненти за возила.
Проблемите не се ограничени само на производителот од Штутгарт. Volkswagen и Audi, исто така, најавија опсежни програми за заштеда и укинување на работни места.
Аналитика








