Она што секогаш ќе го памтам се нивните очи. Ако те погледне Паштун со гнев — тоа е чист, целосен гнев. Ако те погледне со милост — тоа е како благослов да ти го допрал челото. Племенските Авгани, без телевизија, интернет и информациска врева, ја сочувале способноста да бидат целосно присутни со тебе – нешто што ние, со сета наша технологија и „модерност“ го изгубивме, вели Ана Пејчинова во интервјуто за Пари.
Авторката на книгата „Пустинско срце“, во издание на Или-Или, има богато портфолио во областа на книжевноста, визуелните уметности, филозофијата, психологијата, политичките науки и меѓународниот развој и хуманитарната помош. Дипломирала Општа и компаративна книжевност во Скопје, докторирала во Прага на Катедрата за компаратистика, а магистрирала политички науки на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта. Повеќе од петнаесет години поминала во Обединетите нации и УСАИД како постар советник за меѓународен развој и хуманитарна помош во кризни региони.
На македонски јазик има објавено четири збирки поезија за што добила повеќе награди и признанија, а пишува и проза: расказите „Авгански дневници“ и романот “Пустинско срце: Петнаесет години во Авганистан“.

Пари: Ана, пред повеќе од 20 години замина за една од најконтроверзнитe земји – Авганистан. Со какво чувство и очекувања отпатува во ова далечна земја и што таму те изненади како прв впечаток?
Пејчинова: Пристигнав со многу наивност, малку знаење и без никакви вештини потребни за воени зони. Првото нешто што ме плени беше величественоста на природата — стрмните голи врвови на Хиндукуш и непрегледната пустина, кaко да ми говореа. Потоа следуваше прозаичното соочување со секојдневието: вода, храна, приватност, безбедност – сè одеднаш беше под прашање, тешко достапно. Но, вистинското изненадување дојде подоцна, надвор од Кабул – авганските племиња, со своите фасцинантни традиции на обичаи и односи.
Пари: Која е најважната лекција што ја научи од Авганистан во едно од најкризните времиња?
Пејчинова: Тешко е да се издвои една најважна лекција или искуство од петнаесеттина години полни со доживувања: дали соочувањето со историјата, со човечката природа, или со себе? Научив да ги ценам луѓето поверно, без оглед дали носат „шалвар камиз“ или воена опрема.
Но, и се одучив од некои критични грешки и слабости. Многу нешта што ги сметаме за дадени и нормални, не се тоа. Се одучив и од пацифизмот, и од оптимизмот дека историјата или човечката природа се менуваат.
Се одучив од самосожалување покрај Авганите кои без жалби преживуваат загуби што тешко можеме да си ги замислиме, а сепак им останува широка љубов во срцата.
Можеби најважното: научив дека можам да преживеам екстремни случувања, а да не ја изгубам душата. И дека единствена, неповторлива убавина има насекаде – дури и среде свирепа сиромаштија и војна. Посебно таму, во Авганистан.

Пари: Во книгата „Пустинско срце“ пишуваш за паштунскиот југ, кој важи за една од најопасните области на светот. Зошто е тоа така и по што Паштуните се посебни?
Пејчинова: Паштуните се фасцинантно борбено племе со древна историја. Тие живеат за чест, борба и плен. Нивната воинственост е зауздана со древниот племенски закон „паштунвали“, „Паштунскиот начин,” еден сложен систем на традиции кои создаваат ред и рамнотежа меѓу луѓето и племињата.
Она што секогаш ќе го памтам се нивните очи. Ако те погледне Паштун со гнев — тоа е чист, целосен гнев. Ако те погледне со милост — тоа е како благослов да ти го допрал челото. Племенските Авгани, без телевизија, интернет и информациска врева, ја сочувале способноста да бидат целосно присутни со тебе — нешто што ние, со сета наша технологија и „модерност,“ го изгубивме.
И уште едно изненадување, Паштуните во селата ретко се писмени, но често знаат да вметнат во разговор двостих од некој голем персиски или авгански поет. Такво е пустинското срце — суровост и убавина рака под рака.
Пари: Авганистанците сѐ уште во својата колективна меморија го чуваат митот за Александар Македонски. Колку овој податок и тоа што си Македонка влијаеше на твојот статус меѓу тамошните луѓе?
Пејчинова: Авганите гордо го бројат Александар меѓу своите великани. Повеќе древни градови се смета дека биле изградени од намесниците на овој освојувач. Кандахар, древен град во кој живеев две години, престолнина на Паштуните и на Талибан, го добил името од „Искандер да Макдоније,“ како што се нарекува Александар Македонски на пашту.
Признавам дека неколкупати го „злоупотребив“ фактот што сум „да Макдоније“, за да го премостам непријателството што жителите го чувствуваат кон „странските окупатори“ на својата почва.
Авганите ми нудеа пријателство, заштита и гостопримство штом дознаваа од каде сум. Ваква случка е опишана во „Пустинско срце“: на рамнината Шамали, племенски старешини за миг го сменија својот пасивен, непријателски отпор во срдечен разговор и гостопримство, веднаш штом им кажав од каде сум. Можно е дека оваа тактика ми има спасено глава.

Пари: Во Авганстан замина под закрилата на ООН, пишуваше стории оттаму за УСАИД. Колку во своите написи успеа да ја пренесеш голата неисполирана вистина за оваа земја и нејзините луѓе?
Пејчинова: И ООН и УСАИД се политички организации со своја агенда, но успеав да најдам златна средина меѓу политиката и својата љубов за Авганистан, да пишувам стории за вистински животни приказни, за храброст, за загуби, за истрајност и за успеси и во најтешки животни околности.
За културата на Авганите, популарно, не се знае скоро ништо – Талибан не е репрезентативен за Авганистан. Се работи за огромна земја, со мешано население и древна историја: тука се Персија и зороастризмот, старогрчките династии и освојувањата на Александар, Патот на свилата, индиските освојувачи и будизмот, монголските инвазии и туркменските племиња – сето ова пред авганските династии да воспостават своја држава. Така, денешен Авганистан стои на амалгам од култури, но за жал, овие периодично се уништуваат во војни.
Наследниците на ова азно не се варвари. Тие се едни од најдарежливите, најборбените и најсложените луѓе кои ги имам сретнато во животот. Племенската култура, сепак, не е медиумска сензација. „Пустинско срце“ говори за она што медиумите го пренебрегнуваат.
Пари: Пишуваш за средби, главно со поистакнатите машки претставници на овој народ. Со оглед на нивните обичаи, дали можеби имаше можност да запознаеш некоја жена и да создадеш слика за овој важен дел од авганистанската популација?
Пејчинова: Неретко се среќавав со Авганки и неколку такви средби се опишани во „Пустинско срце“. Познато е колку жените во Авганистан се потиснати и злоставувани. Не е познато колку се силни и впечатливи. Силата на жената не мора да е во умешноста да пука со АК-47, а сретнав и такви, бестрашни жени, туку и во истрајноста, во работливоста и жилавоста. Среде војна и сиромаштија, бегалки без ништо свое, Авганките успеваат да создадат дом и да израснат деца со своите две раце. Притоа, не се самосожалуваат и не ги колнат бога, судбината или државата. „Пустинско срце“ раскажува таква приказна, за шивачката Саира, која личи на персиска кралица. Прилозите на книгата се занимаваат со познати, но и озлогласени авгански воинки, владетелки и поетеси.
Среќавав и независни модерни жени, со свои фарми и фирми и приказни, но тие се можеби за друга книга.

Пари: Книгава е еден жанр кој многу недостасува во нашата литература – патопис. Зошто го нема овој жанр и како да го заживееме?
Пејчинова: Не знам, навистина. Патеписот бара патници-автори и патници-читатели, некој кој заминал во далечина, и некој кој сака да го следи. Патешествието бара барем малку смелост или лудост, како и љубопитност, и отворен ум за туѓи предели и туѓи светогледи. Верувам дека постојат такви Македонци и можеби „Пустинско срце“ ќе ги инспирира да ги раскажат своите патешествија.
Пари: Те помнам како еден од најмоќните женски поетски гласови во 90-тите. Дали сѐ уште пишуваш поезија?
Пејчинова: Дваесеттина години не објавував своја поезија, а и ретко пишував стихови. Сепак, бев главно во Авганистан, на работа што го консумира целиот животен простор, без место за мир и медитативност, што е предуслов да се чуе гласот на инспирацијата.
Минатата година излезе избор мои песни од последните дваесет години, под наслов „Чувари на малите нешта“. Збирката влезе во финале за годишната награда „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија. Поезијата сама ми се врати, природно, откако не работам веќе во меѓународен развој. Тоа е начин на доживување на светот. И „Пустинско срце“ содржи поетски искуства и стихови. Верувам дека за некоја година ќе издадам нова збирка поезија, иншалах, како што велат Авганите, или дајбоже „по нашки“.

Мимоза Петревска Георгиева
(Дописник на Пари од Швајцарија)
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








