На 58.290 граѓани им била исплатена финансиска помош по 92 различни основи – од новороденчиња и првачиња до пензионери, венчавки, фасади, лифтови, купување велосипеди…
Повеќе од 4 милиони евра од општинските буџети завршиле директно кај граѓаните во текот на изборната 2025 година. Вкупно 63 општини пријавиле дека лани потрошиле 4.056.482 евра за финансиска помош, субвенции и различни дотации. Сумата е за речиси еден милион евра поголема во споредба со 2024 година.
Со општинските пари биле опфатени 58.290 граѓани, односно за речиси 13 илјади повеќе отколку една година претходно. Листата на намени, пак, покажува голема инвентивност и разноличност. Средствата се доделувале по 92 различни основи. Од помош за раѓање и почеток на школувањето, преку пензии и социјална поддршка, до субвенции за велосипеди, тротинети, клима-уреди, дигитални уреди, пелети, паркинг и комунални сметки. Пари имало и за венчавки, фасади, покриви, прозорци и лифтови, но и за наградување на најдобри ученици, наставници, полицајци, земјоделци, пожарникари и доктори.
Податоците се дел од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, спроведено преку барања за слободен пристап до информации испратени до сите 81 единица на локалната самоуправа. Па, доколку на барањето одговориле сите општини, прикажаниот износ на насочените пари кон граѓаните во годината на локалните избори би бил многу поголем.

За новороденче од 3.000 до 30.000 денари
Најраспространетата форма на помош е онаа за новороденчиња. По оваа основа 50 општини исплаќале средства, но кај сумата што ја добиваат родителите разликата е десеткратна. Помошта се движи од 3.000 до 30.000 денари.
Кај првачињата распонот е од 2.000 до 8.000 денари, а финансиска или друга форма на поддршка за најмладите ученици имале 38 општини. Највисокиот износ го исплаќала Општина Могила.
Слични разлики има и кај првородените деца, каде што општинската помош се движи од 6.000 до 30.000 денари.
Но, општинската креативност не застанува кај најмладите. Конче, на пример, исплаќа 100.000 денари за брак на лица над 35 години, што е највисокиот поединечен износ забележан во истражувањето.
За поправка на фасади и замена на лифтови, во одделни општини поддршката надминува 200.000 денари.
Аеродром дал најмногу пари, Гази Баба има најмногу корисници
По вкупно потрошените средства, предничи Аеродром со 552.387 евра. Општина Центар исплатила 507.481 евро, Кисела Вода 461.989 евра, а Гази Баба 415.172 евра.
А, кога наместо сумата се гледа бројот на граѓаните што добиле општинска помош, тогаш прва е Гази Баба со 10.630 корисници. Во Кисела Вода имало 10.511. Само овие две скопски општини опфатиле повеќе од 21 илјада граѓани. Во двете општини се давала и директна помош за пензионери од по 2.500 денари. Гази Баба исплатила средства на 2.662 пензионери, а Кисела Вода на 3.005. Други градоначалници, пак, ветувале ваква помош, но доколку победат на изборите, наведуваат од ЦГК.
И Центар имал програма за пензионери, а во 2025 година вовел и училишни униформи, кои биле обезбедени за 4.900 ученици.
Кај најголемите издвојувања има уште еден интересен податок: додека Аеродром и во 2024 година имал приближно исто ниво на исплати, другите водечки општини ја зголемиле помошта во 2025 година. Особено значително зголемување е забележано кај Центар и Кисела Вода.

Центар со 16 различни основи
Не само сумите, туку и причините поради кои општините даваат пари се различни. Најширока програма има Центар, кој исплаќа помош по 16 основи. Кисела Вода и Гази Баба следат со по 12, додека останатите општини имаат помал број категории.
Така, во една општина помошта може да биде наменета за новороденче, а во друга за купување велосипед или клима-уред. Некаде се субвенционира паркинг или превоз, а на друго место се издвојуваат средства за покриви, прозорци или лифтови.
Различни се и имињата под кои се водат овие исплати – од „финансиска помош“ и „финансиска поддршка“, до „дотација“ и „субвенција“. Средствата се планираат и во различни буџетски ставки, меѓу кои социјална заштита, образование, субвенции и трансфери, па дури и заштита на животната средина.
Токму ова отвора прашање за воедначеноста и правната основа на општинските исплати. Истражувањето укажува дека општините применуваат различни правила, процедури, категории и износи, а во своите акти се повикуваат и на различни одредби од Законот за локалната самоуправа. Најчесто се повикуваат на членот 36, став 1, точка 15, кој предвидува Советот на општината да врши и други работи утврдени со закон.
М.А.
Аналитика








