ПОВЕЌЕ

    Инвеститорски ден на Берзата – на 14 септември ќе се тргува без провизии

    Време зa читање: 2 минути

    Граѓаните повторно добиваат можност да тргуваат на домашниот пазар на капиталот ослободени од дополнителните трошоци кои вообичаено се наплатуваат за берзанските трансакции. На 14 септември (понеделник) по седми пат ќе се одржи веќе традиционалниот настан – Инвеститорски ден во организација на Македонска берза.

    Во практиката тоа ќе значи дека сите домашни физички лица имаат можност да тргуваат со акции на сите пазарни сегменти без трансакциските трошоци што ги наплатуваат овластените пазарни институции и учесници. Или, купопродажбата ќе се одвива без да се платат провизиите кон Берзата, Централниот депозитар за хартии од вредност и кон банките и брокерските куќи.

    Притоа, потребно е да се исполнат одредени услови: инвеститорите да склучат нормални трансакции со акции преку БЕСТ системот, со посредство на некоја од членките на Берзата; износот на остварениот дневен промет по индивидуален инвеститор да не е поголем од 10.000 евра, независно од бројот на трансакциите; трансакциите да бидат склучени преку клиентска, односно сопственичка сметка.

    „Системските и администраторски блок трансакции, јавните понуди и јавните берзански аукции се исклучени и се наплатуваат стандардно“, информираат од Македонска берза.

    Инвеститорскиот ден е поддржан од сите единаесет членки на Берзата: Еурохаус, Илирика, Инвестброкер, Иново Брокер, Комерцијална банка, НЛБ банка, Стопанска банка, ТТК банка, Фершпед брокер, Шпаркасе банка и Халк банка.

    Инвеститорскиот ден е востановен со намера да се едуцираат граѓаните за можностите на финансиските инструменти и да се анимираат како индивидуални инвеститори на пазарот на хартии од вредност.

    „Инвестирајте во македонски акции!“, порачуваат од Македонска берза.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично