ПОВЕЌЕ

    Од 3 до 3,5 насто за пензиите – процентот ќе се утврди на почетокот од септември

    Време зa читање: 2 минути

    Пензиите ќе пораснат за 3 до 3,5 насто, а точниот процент ќе биде познат на почетокот на септември, кога ќе бидат објавени последните податоци потребни за пресметката. По две години примена на линеарни зголемувања, повторно се враќа процентуалното усогласување на пензиите, според движењето на просечната плата и трошоците на живот.

    Според членот 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, пензиите се усогласуваат двапати годишно – во март и во септември. Во пресметката подеднакво учествуваат растот на просечната плата и растот на трошоците на живот.

    За конечното утврдување на процентот се чекаат податоците за август. Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, изјави дека следната недела ќе бидат познати параметрите и конкретниот износ, бидејќи новото зголемување треба да биде вклучено во септемвриската пензија, која ќе се исплаќа на 1 октомври.

    „Се чека да заврши август и веќе следната недела ќе ги имаме параметрите и ќе излеземе со конкретни бројки, бидејќи треба да влезат во исплата на септемвриската пензија што ќе се земе на 1 октомври“, изјави Велковски во гостувањето на ТВ Сител.

    Враќањето на процентуалното усогласување значи дека пензиите нема да се зголемат за ист номинален износ. Колку е повисока пензијата, толку поголем ќе биде и износот на зголемувањето.

    Ако конечната стапка биде 3 проценти, пензијата од 20.000 денари ќе порасне за 600 денари, од 25.000 денари за 750 денари, од 30.000 денари за 900 денари, од 40.000 денари за 1.200 денари, а пензијата од 50.000 денари ќе биде повисока за 1.500 денари.

    Велковски посочи дека засега останува важечката законска методологија, односно процентуалното зголемување, по периодот во кој пензиите со линеарните покачувања беа зголемени за вкупно 7.000 денари.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично