
Додека вештачката интелигенција веќе им пишува е-пораки на директорите, им предлага рецепти на готвачите и им ги пресметува даноците на сметководителите, во најголемиот школски систем во Америка се случува спротивното движење. Њујорк, градот што прв ги стави чет-ботовите во училниците, сега прв ги затвора вратите пред нив, барем за најмладите.
Њујоршките јавни училишта, систем со повеќе од половина милион ученици, оваа недела треба официјално да ја објават новата политика за вештачка интелигенција, а таа носи јасна порака: генеративната вештачка интелигенција, вклучувајќи чет-ботови и AI-тутори, нема да биде достапна за најмладите ученици во системот – оние во предучилишните програми, основните и средните училишта. Според документи на Одделението за образование добиени од порталот Chalkbeat, забраната ќе важи за сите ученици под деветто одделение, односно околу 600.000 деца, или две третини од вкупниот број ученици во системот.
Мерките одат и подалеку од самата AI-забрана. На училиштата ќе им биде забрането да делат индивидуални уреди на децата од предучилишна возраст до второ одделение, иако паметните табли во училниците ќе останат дозволени. За учениците од трето до петто одделение, политиката препорачува ограничување на екранското време на индивидуалните уреди на 30 минути, а за учениците во средните училишта – 45 минути. Постарите ученици, оние во гимназиите, ќе имаат ограничен пристап до AI-алатките, но ќе можат да ги користат за описменување, програми за подготовка за кариера, како и во пет пилот-програми во одреден број училишта.
Интересно е и тоа што забраната не важи подеднакво за наставниците. На нив ќе им биде дозволено да користат одобрени AI-алатки за задачи како планирање часови, превод и подготовка на комуникации, но ќе им биде забрането да ги користат за оценување, следење на однесувањето, советување на ученици или изработка на планови за специјално образование. Ќе постојат и исклучоци – за помошна технологија наменета за ученици со попреченост и за учениците што учат англиски јазик, како и за компјутерските тестирања, е-книгите, задачите за програмирање и роботиката.
Патот до овој документ не бил ниту брз, ниту мирен. Кога градот во март ги објави првичните насоки за AI, реакцијата на јавноста била брза и остра, што го натера градот да го преоформи пристапот и да го одложи распоредот за целосната политика за околу два месеца – оставајќи им на училиштата многу малку време да се подготват пред првиот училишен ден на 10 септември. Родителски групи организирано бараа мораториум на вештачката интелигенција, со илјадници потписи на петиции и десетици родители што ги изнесуваа своите загрижености на седници на училишни одбори. Повеќе од половина од членовите на Градскиот совет потпишаа писмо со кое го повикаа градоначалникот Зоран Мамдани и училишниот шеф Камар Самуелс да воведат пауза во употребата на AI во училиштата, наведувајќи загриженост за учењето и менталното здравје.
Самиот Самуелс на крајот признал дека првичниот пристап не бил добар. Во мај тој признал дека градот „ја промашил целта“ со првичните насоки, најавувајќи дека финалната верзија ќе содржи построги правила за употребата на AI, особено кај помладите ученици. Во јули, додека администрацијата ги дотерувала новите насоки, Самуелс им наложил на училиштата да ја паузираат набавката на нов софтвер сè додека не биде објавена новата политика – одлука што им создала главоболки на директорите загрижени дека нема да имаат пристап до клучни програми, како електронските дневници и платформите за комуникација со семејствата, токму пред враќањето на учениците во клупите.
Загриженоста не е само локална. Анкета на НПР и Ипсос покажа дека повеќе од половина од наставниците сметаат дека вештачката интелигенција им го отежнува на учениците развојот на критичкото мислење, а претседателката на Американската федерација на наставници Ренди Вајнгартен неодамна побара забрана на AI-алатките наменети за ученици во основните училишта низ целата земја, заедно со забрана на екраните кај најмладите. Затоа не е случајно што образовните лидери низ земјата внимателно ја следат оваа политика, бидејќи самите се соочуваат со прашањето како учениците треба да комуницираат со технологија што се менува побрзо од секое училишно упатство.
Во презентацијата што го образложува пристапот, званичниците од Одделението за образование го објасниле резонот вака: помладите ученици имаат потреба од учење преку допир, социјална интеракција, игра и настава водена од наставник, а рутинската индивидуална употреба на екран може да ги истисне тие искуства. Во средното образование, пак, учениците имаат потреба од водена подготовка за свет и економија што сè повеќе се движат од AI и новите технологии, придружена со настава за тоа како функционира вештачката интелигенција, нејзините пристрасности и ризици, и како да се проценуваат нејзините одговори.
Останува отворено прашањето како точно ќе се спроведува новата политика во пракса. Градските власти во моментов формираат работна група која ќе дава насоки за спроведувањето на политиката во иднина, но со училишната година веќе на прагот, наставниците и родителите ќе мора да учат за новите правила во од.
(Фото: Илустрација генерирана со вештачка интелигенција)
Аналитика








