ПОВЕЌЕ

    Наставниците ќе го чекаат зголемувањето на платите до март 2027, вели Јаневска

    Време зa читање: 3 минути

    Додека наставниците низ земјава ја отвораат новата учебна година со стари прашања за платите, министерката за образование и наука Весна Јаневска има кус, но јасен одговор: чекајте до март. Тоа беше пораката што ја испрати денеска, обидувајќи се однапред да ги смири очекувањата на просветниот кадар пред да почнат бројните прашања за зголемувањата.

    „Не треба да мислат на платите, платите ќе се покачуваат секоја година“, изјави Јаневска по посетата на ОУ „Љубен Лапе“ во скопската општина Аеродром, одговарајќи на новинарско прашање за финансиската состојба на наставниците. Според нејзините зборови, следното покачување е веќе договорено и ќе стапи на сила во март 2027 година, во согласност со потпишаната спогодба со синдикатот СОНК.

    Токму позивањето на договорот со синдикатот не е случајно. Македонските наставници во изминативе години веќе имаат искуство со ветувања што не секогаш се исполнувале навреме, а неисполнувањето на договорените зголемувања во минатото прерасна и во синдикален штрајк. Свесна за таа историја, Јаневска инсистираше дека овој пат ситуацијата е поинаква. „Затоа што претходно имаше потпишувања спогодби, договори – ќе има, ќе нема, имавме и штрајк. Во овој случај тие се безбедни“, рече министерката, обидувајќи се да ја одвои сегашната состојба од претходните искуства на несигурност.

    Јаневска не се задржа само на бројката за март 2027 година, туку испрати и пошироко ветување, дека зголемувањата на платите нема да бидат еднократен потег, туку континуиран процес што ќе продолжи секоја наредна година. Со тоа таа очигледно се обидува да создаде чувство на предвидливост во сектор каде несигурноста околу примањата долго време беше еден од главните извори на незадоволство и причина за незадоволство на просветните работници.

    Изјавата за платите дојде во контекст на пошироко обраќање на министерката за состојбата во образованието, во кое таа зборуваше и за намалениот број првачиња и затворањето училишта поради оптимизација на училишната мрежа. Токму во таков момент на промени и реорганизација, прашањето за финансиската сигурност на наставниците добива дополнителна тежина, од наставниците се бара да ги следат реформите, да се прилагодуваат на спојување паралелки и промени во наставните програми, додека истовремено чекаат исполнување на ветувањата за платите.

    Министерството досега не објави конкретни детали за висината на идното зголемување во март 2027 година, ниту за тоа дали ќе опфати подеднакво сите категории наставен кадар.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично