Изградбата на фотоволтаични електрани до мај 2025 година се одвивала без целосно усогласен систем за планирање, одобрување и надзор, утврди Државниот завод за ревизија. Ревизорите констатирале издавање одобренија спротивно на законските прописи, слабости во координацијата меѓу институциите и недоволен надзор над инвеститорите и изградените објекти. Новиот Закон за енергетика донел подобрувања, но сè уште недостигаат дел од подзаконските акти и механизми за ефикасен надзор.
ДЗР спроведе ревизија на успешност на тема „Ефикасноста на институциите во процесот на издавање на дозволи за обновливи извори на енергија (ОИЕ)“, опфаќајќи го периодот од 2022 до мај 2025 година.
Во извештајот се наведува дека ревизијата дала „разумно уверување“ дека воспоставениот систем не обезбедил целосна законска усогласеност, навремено планирање и координирано постапување на институциите.
„Со спроведената ревизија стекнато е разумно уверување дека во периодот од 2022 до мај 2025 година, воспоставениот систем за издавање на дозволи за изградба на фотонапонски електроцентрали (ФЕЦ), не овозможил целосна законска усогласеност, навремено планирање, координирано институционално постапување, како и ефикасно спроведување на дел од постапките при издавање на дозволи за ФЕЦ“.
До мај 2025 година новите фотоволтаични електрани се граделе без донесен Индикативен план за изградба на капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори, посочуваат ревизорите:
„До мај 2025 година изградбата на нови фотоволтаични електрани се одвивала без донесен Индикативен план за изградба на капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија, иако тој претставувал основа за планирање на новите производни капацитети и за утврдување на можностите за нивно приклучување кон електроенергетскиот систем“.
Поради тоа, според ДЗР, надлежните министерства не можеле да ги спроведуваат предвидените постапки за давање согласност за изградба на ФЕЦ, ниту да предлагаат до Владата согласност за електрани на земјиште со инсталирана моќност над 10 MW.
„Поради неговото недонесување, надлежните министерства не можеле да ги спроведуваат постапките за давање согласност за изградба на ФЕЦ предвидени со Законот за енергетика, ниту да дадат предлог до Владата за давање согласност за изградба на ФЕЦ на земјиште со инсталирана моќност над 10 MW, со што одобренијата за градење се издавале само врз основа на Законот за градење, кој не предвидувал ваква согласност“.
Ревизорите утврдиле и недоволна интероперабилност меѓу институциите при обезбедувањето документација по службена должност, што влијаело врз брзината и ефикасноста на постапките за електрани над 10 MW.
Исто така, при ревизијата е констатирано дека биле издадени одобренија за изградба на три ФЕЦ – две со моќност од 19 MW и 174 MW во јануари 2024 година и една со 337 MW во декември 2023 година – спротивно на законските прописи.
„За овие градби од државно значење, одобренијата за градење биле издадени од општината на чија територија е предвидена нивната изградба, наместо од надлежното министерство кое е надлежно да постапува за оваа категорија на градби и Владата која треба да донесе Одлука за овластување за изградба на нови енергетски објекти“.
Со новиот Закон за енергетика од мај 2025 година постапката е целосно променета и предвидено е секоја година да се носи годишен плански документ.
ДЗР утврдил дека Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година бил донесен навреме, но во неговата подготовка не учествувале сите институции предвидени со закон, меѓу кои и 74 општини кои требало да донесат општински енергетски планови.
Причината, според ревизијата, е ненавременото донесување на подзаконскиот акт со кој требало да се утврдат формата, содржината и методологијата за изработка на општинските енергетски планови.
Освен тоа, не бил донесен ниту подзаконскиот акт за исполнување на критериумите за добивање овластување за изградба на електроенергетски објекти, а не се формирала ниту Комисија за доделување овластувања. Тоа, според ДЗР, создава застој кај објектите со моќност од 1 MW или повеќе.
Ревизорите утврдиле дека до ноември 2024 година не била јасно дефинирана надлежноста на институциите при издавањето одобренија за градење, поради слабост во Законот за градење.
Констатирани се и случаи на неусогласени податоци за моќноста на ФЕЦ во документите издадени од различни органи, две одобренија за градење врз основа на еден извод од урбанистички план за една градежна парцела, како и различен третман на инвеститорите при плаќањето надомест за уредување на градежно земјиште и при роковите за дополнување на предметите.
ДЗР констатира дека институциите не биле ефикасни ниту во следењето дали инвеститорите навреме и целосно ги исполнуваат обврските од издадените одобренија:
„Не била постигната ефикасност на институциите во работењето ниту од аспект на навременост, целосност и следење на реализација на обврските на инвеститорите согласно издадените одобренија за градење на ФЕЦ“.
Зголемениот интерес за изградба на ФЕЦ по енергетската криза во 2021 и 2022 година, според ревизијата, ги соочил институциите со недостиг од обучен кадар за регулативата и постапките за изградба и надзор:
„Целосно отсуствува надзорот над спроведувањето на одредби од Законот за енергетика од страна на општините, додека бројот на извршен инспекциски надзори над техничка опрема, вградена и инсталирана во ФЕЦ е незначителен“.
Кај општините опфатени со ревизијата е утврдено и делумно или целосно отсуство на надзор над исполнувањето на обврските на инвеститорите од одобренијата за градење.
Според ДЗР, не се создадени ниту услови за ефикасен мониторинг на фотоволтаичните електрани, поради нецелосен и неусогласен Регистар на електроцентрали.
Проблем е и отпадот од опремата од ФЕЦ и складиштата за енергија, бидејќи неговата категоризација не била соодветно уредена, што е предуслов за селекција и навремена заштита на животната средина и здравјето на луѓето.
За утврдените состојби Државниот завод за ревизија дал препораки, со чија реализација очекува да се надминат причините за констатираните слабости.
(Фото: Илустрација генерирана со вештачка интелигенција)
Аналитика








