ПОВЕЌЕ

    ГЕРМАНИЈА РАЗМИСЛУВА ЗА ПОДОЛГ РАБОТЕН ДЕН од осум часа, а истовремено го ограничува доаѓањето работници од Западен Балкан

    Време зa читање: 7 минути

    Германија се подготвува за промени во еден од основните принципи на своето работно законодавство – осумчасовниот работен ден. Владината коалиција предводена од канцеларот Фридрих Мерц разгледува законски измени со кои ограничувањето на работното време би се пресметувало на неделно, наместо на дневно ниво. Тоа би овозможило во одредени денови да се работи и подолго од досегашниот стандард, а работните часови да се распределуваат пофлексибилно во текот на неделата.

    Истовремено, германската влада планира од јануари 2027 година да ја намали годишната квота за вработување работници од шесте земји од Западен Балкан од 50.000 на 25.000.

    Двата процеса се одвиваат во услови кога најголемата европска економија се соочува со демографски притисок, недостиг од работна сила во одредени сектори и слаб економски раст. Иако не се официјално претставени како меѓусебно поврзани мерки, тие ја отсликуваат сложеноста на германската политика на пазарот на трудот: од една страна се бара поголема искористеност на расположливите работни часови, а од друга се ограничува еден од каналите преку кои компаниите обезбедуваат работници од странство.

    ПОВЕЌЕ РАБОТНИ ЧАСОВИ, ПОВЕЌЕ ОДМОР?

    Владејачките партии ЦДУ/ЦСУ и Социјалдемократската партија (СПД) имаат сериозни несогласувања околу реформата на Законот за работното време, пишува Дојче Веле.

    Во моментов, германското законодавство предвидува стандардно работно време од осум часа дневно, со можност за продолжување до десет часа под пропишани услови и со соодветно надоместување преку пократко работно време во други денови. Меѓу две смени, по правило, мора да има најмалку 11 часа одмор. Во одредени дејности веќе постојат исклучоци кои овозможуваат и 12-часовни смени.

    Рајнер Дулгер, претседател на Конфедерацијата на здруженија на германски работодавачи (BDA), укажува на Европската директива за работното време, која дозволува максимално неделно работно време од 48 часа. „Оваа можност се користи речиси насекаде – освен овде“, изјави Дулгер за новинската агенција ДПА во август.

    Намерата на конзервативците е да се воведе поголема флексибилност преку неделно ограничување, во согласност со европските правила, кои предвидуваат најмногу 48 часа работа неделно во просек, вклучувајќи ја и прекувремената работа.

    Тоа не значи автоматско воведување 12-часовен работен ден за сите, ниту задолжително зголемување на неделните работни часови. Сепак, отвора можност компаниите да организираат подолги смени во деновите со поголем обем на работа.

    Канцеларот Мерц како пример посочил фабрика во индустрискиот центар Лојна, каде што вработените работат во 12-часовни смени, но имаат повеќе слободни денови. Според него, ваквиот модел може да биде корисен и за компаниите и за работниците.

    Работодавачите сметаат дека постојните правила се премногу крути, особено за индустријата, туризмот, угостителството и дејностите во кои обемот на работа значително варира.

    Синдикатите, пак, предупредуваат дека подолгите смени можат да предизвикаат замор, здравствени проблеми и потешкотии во усогласувањето на професионалните и семејните обврски.

    СПД инсистира промените да се договараат со работниците и синдикатите, а не еднострано да ги определуваат работодавачите. Претходниот нацрт за реформата, изготвен во јуни 2026 година, предвидувал и дополнителни механизми за заштита и електронска евиденција на работното време, но не добил поддршка од конзервативците.

    Аника Клозе, портпарол за трудова и социјална политика на пратеничката група на СПД (SPD), ја појасни логиката зад оваа идеја. Флексибилноста, рече таа, „не е еднонасочна улица“. Коалицискиот договор експлицитно има за цел да промовира подобра рамнотежа помеѓу семејството и работата. „За да биде возможно, на пример, попладне да го однесете детето на фудбалски тренинг, а потоа да продолжите со работа – но не и шефот, спротивно на вашата волја, да ви нареди: ’Утре ќе работиш во смена од 9 часот наутро до 10 часот навечер‘.“

    ЦДУ/ЦСУ (CDU/CSU) веднаш го отфрлија нацртот. И бизнис секторот остро реагираше. „Овој нацрт мора да се повлече и целосно да се ревидира“, побара Дулгер во својата изјава, додавајќи дека тој е „проткаен со недоверба“. Германската конфедерација на занаетчиството (ZDH) зборуваше за „кршење на обврските договорени во коалицискиот договор“. Оттогаш, реформата е ставена во мирување.

    НЕДОСТИГОТ НА РАБОТНИЦИ-СЕРИОЗЕН ПРОБЛЕМ
    Дебатата за работното време се води во момент кога германскиот пазар на трудот се соочува со структурни проблеми. Според извештајот што Германската федерална агенција за вработување го објави на 2 септември 2026 година, недостиг од квалификувани работници во текот на 2025 година бил регистриран во 157 професионални категории.
    Иако тоа е намалување во споредба со претходната година, проблемот останува широко распространет. Најголем притисок се чувствува во делови од здравството, градежништвото, занаетчиството и техничките занимања.
    Особено впечатлива е состојбата во занаетчискиот сектор. Според податоците на Федералната агенција за вработување, во 2025 година на компаниите им биле потребни просечно 242 дена за да пополнат слободно работно место во овој сектор, наспроти 167 дена во просек за сите занимања.
    Дополнителен проблем е стареењето на работната сила. Во германскиот занаетчиски сектор околу 718.000 вработени се на возраст меѓу 55 и 64 години и се очекува голем дел од нив да заминат во пензија во следните години.
    ПРЕКУ ПОЛОВИНА МИЛИОН РАБОТНИЦИ ОД БАЛКАНОТ, НАЈАВЕНО КРАТЕЊЕ НА КВОТИТЕ ЗА РАБОТНИ ДОЗВОЛИ
    Особено значајна е улогата на работниците од Западен Балкан во германската економија. Според најновите податоци на Федералната агенција за вработување, објавени на 16 октомври 2026 година, во Германија во септември биле социјално осигурени околу 546.000 вработени од шесте западнобалкански земји. Нивниот број за пет години се зголемил за приближно 170.000.
    Од вкупниот број вработени од регионот, околу 287.000, односно 53 проценти, извршуваат работа најмалку на ниво на квалификуван работник. Од нив, околу 45 проценти работат во професии во кои Германија има идентификуван недостиг од кадар. Најголема е нивната застапеност во градежништвото, транспортот и логистиката, угостителството и секторот за нега.
    И покрај ваквите податоци, германската влада планира од 1 јануари 2027 година да ја преполови годишната квота за согласности за вработување преку Регулативата за Западен Балкан – од 50.000 на 25.000.
    Доколку мерката стапи во сила во предложениот облик, бројот на годишни согласности за вработување преку Регулативата за Западен Балкан ќе биде преполовен за сите шест држави заедно. Тоа може да доведе до посилна конкуренција меѓу кандидатите и подолги чекања, особено кога месечните квоти за одделни државјанства се исцрпени.
    Регулативата, воведена во 2016 година, им овозможува на државјаните на Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово да добијат пристап до германскиот пазар на трудот под поедноставени услови, без задолжително признавање на професионална квалификација за повеќето нерегулирани занимања.

    Важно е да се нагласи дека квотата се однесува на овој конкретен начин на пристап до германскиот пазар на трудот, а не на сите видови работни визи и дозволи за престој. Намалувањето, доколку биде усвоено, нема автоматски да значи губење на работата за лицата кои веќе законски работат во Германија.

    Планираното ограничување предизвика реакции дури и во самите германски институции.

    Федералната агенција за вработување јавно се спротивстави на намалувањето, нагласувајќи дека постојната квота од 50.000 била недоволна уште во 2025 година и дека дел од барањата морале да бидат одбиени. Според Агенцијата, квотата ќе биде исцрпена и во 2026 година, пред крајот на годината.

    Претставничката на Агенцијата, Ванеса Ахуја, предупредува дека преполовувањето на квотата ќе го ослаби успешниот модел за привлекување работници, ќе го продлабочи недостигот од квалификуван кадар и дополнително ќе им го отежне вработувањето на германските компании.

    ГЕРМАНСКИТЕ СТОПАНСКИ КОМОРИ ПРОТИВ НАМАЛУВАЊЕ НА КВОТАТА

    Против ограничувањето се изјасни и Германската индустриско-трговска комора (DIHK).

    Во став објавен на 16 октомври 2026 година, Комората предупредува дека намалувањето на квотата би претставувало сериозен чекор назад за компаниите кои веќе имаат проблеми со обезбедување работници.

    Според нејзиниот извештај за квалификуваната работна сила за 2025/2026 година, 36 проценти од компаниите имаат работни места што не можат да ги пополнат подолг временски период.

    DIHK се повикува и на проценките на Институтот за истражување на пазарот на трудот и професиите (IAB), според кои потенцијалната работна сила во Германија се очекува да се намали за 70.000 лица во 2026 година и за дополнителни 140.000 во 2027 година.

    Комората бара постојната квота да се задржи, а постапките за издавање визи да се забрзаат.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично