ПОВЕЌЕ

    Раст од 3,8%, посилен ИКТ, послаб извоз на стоки – дефинитивните податоци на ДЗС за 2024 година

    Време зa читање: 4 минути

    Македонската економија во 2024 година создала бруто-домашен производ од 1.031,7 милијарди денари или 16,8 милијарди евра. Реалниот економски раст изнесувал 3,8 насто, а номинално БДП бил повисок за 8,1 насто во однос на 2023 година, покажуваат дефинитивните податоци на Државниот завод за статистика.

    БДП по жител достигнал 9.192 евра. Најголем удел во БДП за 2024 година, од 19,8 отсто, имаат трговијата, транспортот, складирањето, сместувањето и угостителството. Финалната потрошувачка зафаќа 80,9 отсто од БДП, а извозот на стоки и услуги 62,9 отсто. Инвестициите во основни средства изнесувале 242,4 милијарди денари.

    Во прилог на информацијата ДЗС објавува и табели кои ги прикажуваат деталите: извозот на стоки опаѓа, извозот на услуги расте, се вложува повеќе во машини и станови, а значителниот скок кај бруто-инвестициите во најголем дел е поврзан со залихите.

    Вкупниот извоз на стоки и услуги во 2024 година изнесувал 649,4 милијарди денари, за 1,3 отсто помалку од 2023 година. Конкретно, извозот на стоки се намалил за 6,5 отсто, од 465,2 на 435,1 милијарда денари. Во апсолутен износ, тоа се околу 30,1 милијарда денари, односно 490 милиони евра помалку. Истовремено, извозот на услуги се зголемил за 11,1 отсто – од 192,8 на 214,3 милијарди денари. Тоа е зголемување од 21,5 милијарди денари или 349 милиони евра. Увозот, пак, речиси стагнирал и изнесувал 754,3 милијарди денари.

    Како резултат на овие движења, негативната разлика меѓу вкупниот увоз и извоз се зголемила од 95,1 на речиси 105 милијарди денари, односно за околу 161 милион евра.

    Негативната разлика меѓу увозот и извозот на стоки се продлабочила за речиси 489 милиони евра, додека позитивната разлика кај услугите се зголемила за околу 328 милиони евра.

    Бруто-инвестициите се зголемиле од 261,6 на 302,4 милијарди денари, односно за 15,6 насто. Инвестициите во основни средства, кои опфаќаат машини, опрема, градежништво и други долгорочни средства, пораснале само 1,2 насто, на 242,4 милијарди денари. Најголемата промена е кај залихите. Нивната вредност се зголемила од 21,4 на 59,2 милијарди денари, односно за речиси 176 насто. Воедно, ДЗС наведува дека ставката „промена на залихите“ вклучува и разлика поради балансирање, па целиот раст не може да се толкува како физичко натрупување стоки во магацините.

    Од гледиште на структурата на инвестициите во основни средства, вложувањата во машини и опрема се зголемиле за 11,3 насто, од 83 на 92,3 милијарди денари. Кај транспортните средства растот е 19,5 насто, на 21,6 милијарди денари.

    Вложувањата во градежни работи, пак, се намалиле за 6,8 отсто, на 125,6 милијарди денари. Падот произлегува од категоријата останати градежни работи, каде што вредноста се намалила од 95,8 на 80,7 милијарди денари (-15,9%). Наспроти тоа, инвестициите во станови пораснале за 15,4 насто, од 39 на речиси 45 милијарди денари.

    Финалната потрошувачка на домаќинствата номинално се зголемила за 4,7 насто и достигнала 673,8 милијарди денари. Сепак, нејзиниот удел во БДП опаднал од 67,4 на 65,3 отсто.

    Јавната потрошувачка пораснала за 11,2 насто, на речиси 150 милијарди денари. Притоа, нејзиниот удел во БДП се зголемил од 14,1 на 14,5 отсто.

    Кај создадената додадена вредност по дејности, ИКТ бележи најсилен номинален раст од 16,1 насто, од 44,7 на 51,9 милијарди денари. Уделот на секторот се зголемил од 4,7 на 5 отсто.

    Финансиските дејности и осигурувањето се повисоки за 11,6 насто, а групата што ги опфаќа јавната управа, образованието, здравството и социјалната заштита за 11,2 насто. Градежништвото има номинален раст од 11 насто.

    Од друга страна, дејностите поврзани со недвижен имот се единствената поголема група со номинално намалување – од 102,2 на 101,8 милијарди денари. Нивниот удел во додадената вредност се намалил од 10,7 на 9,9 отсто.

    (Илустрација генерирана со вештачка интелигенција)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично