ПОВЕЌЕ

    Повеќе трансакции, помалку пари на Берзата – пет акции со речиси две третини од прометот

    Време зa читање: 3 минути

    Паднал прометот на Македонска берза во септември и покрај зголемениот број трансакции. Од една страна има намалување од 9,76 отсто и износ од околу 6,5 милиони евра, а од друга раст од 65,83 насто и реализирани 1.592 купопродажби.

    Вообичаено, најголем удел во месечното салдо имаат пет акции што се во фокусот на инвеститорите. Со остварените 4,1 милион евра во вкупниот промет учествуваат со 62,7 отсто и со 91,96 отсто од прометот со акции на официјалниот пазар. Кај трансакциите процентот е уште повисок – 85,9 отсто, односно со нив се регистрирани 1.368 тргувања.

    И во септември интересот бил насочен кон акцијата на Комерцијална банка. Ефектот од забележаните 811 трансакции е 6.523 истргувани акции за 2.592.964 евра, и удел од 58,18 отсто во вкупниот промет. Притоа, бил достигнат ценовен максимум од 25.949 денари, минимум од 22.850 денари и просек од 24.463,13 денари.

    Во текот на месецот вредноста на акцијата на Алкалоид се движела од 21.745 до 23.749 денари, а септември е завршен со просечните 22.500,34 денари. Во 2.152 акции се вложени 786.796 евра, а тоа е постигнато низ 280 трансакции. Во прометот партиципира со 17,65 отсто.

    Со 436 акции на НЛБ Банка е направен промет од 362.163 евра, кои зафаќаат 8,12 отсто од месечниот промет на берзата. Низ 117-те тргувања цената одела од 46.500 до 51.998 денари, со просечна вредност од 51.093,77 денари.

    Највисока цена од петте најтргувани има акцијата на Макпетрол – просекот е 106.837,70 денари, а месечниот распон е од 105.500 до 108.000 денари. Истргувани се 132 акции, а исходот по реализираните 60 трансакции е промет од 229.061 евро и 5,14 отсто удел во прометот.

    Меѓу најтргуваните во деветтиот месец од годината е акцијата на Македонски Телеком. Вложени се 128.038 евра во 15.793 акции низ 100 трансакции. Забележано е најниско ценовно ниво од 485 денари, највисоко од 509 денари и просечно од 498,75 денари. Учинокот во вкупниот промет е  2,87 отсто.

    Податоците од септемврискиот билтен на Македонска берза покажуваат дека прометот во класичното тргување се зголемил за 19,73 насто и достигнал речиси 4,5 милиони евра. И скоро целиот износ произлегува од тргувањата со акциите, каде што прометот е проследен со раст од 20,39 насто. Прометот од блок-трансакциите (690,1 илјада евра) има позитивно месечно движење од 79,81 насто, иако нивниот број (4) е ист како и во август. Најголемиот пад е регистриран во сегментот на обврзниците – од 98,04 отсто. Во нив биле вложени околу 400 евра.

    За 2,35 отсто е намалена пазарната капитализација, која на крајот од месецот изнесува 327,5 милијарди денари или 5,3 милијарди евра. Пад од 2,52 отсто го следи МБИ10. Основниот берзански индекс го завршил септември со 9.044,58 поении.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично