
Во рамки на Business Leader 2026, се одржа панел-дискусијата „Бизнисот во 2030: Податоци, AI и компании без слепи точки“.
Панелот отвори едно од најважните прашања за иднината на македонската економија – како компаниите да ги искористат податоците, вештачката интелигенција и дигитализацијата за да носат подобри одлуки и да останат конкурентни во средина што брзо се менува.
Во дискусијата учествуваа Огнен Огненоски, основач и извршен директор на Бизнис Мрежа, Војдан Карапетковски, основач и CEO на Кара5, Павлинка Голејшки, регистратор во Централниот регистар на РСМ, и Ристе Стојанов, продекан за наука и соработка при Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ. Модератор на панелот беше Срна Гугуловска, основач и CEO на 2by4.

Една од централните пораки беше дека AI многу брзо ќе престане да биде конкурентска предност сам по себе. Како што интернетот денес е дел од основната инфраструктура на секоја компанија, така и AI ќе стане широко достапна технологија. Вистинската предност ќе ја имаат компаниите што располагаат со квалитетни и добро структурирани податоци, го разбираат нивниот контекст и умеат од нив побрзо да создадат подобра деловна одлука.
Огненоски ги претстави првичните согледувања од анализата на македонските МСП која се спроведува во соработка со Швајцарскиот проект за модернизација. Податоците покажуваат дека не постои универзален рецепт за успешна компанија и дека исти деловни правила можат да дадат сосема различни резултати во различни индустрии. Како особено значајни сигнали се издвојуваат начинот на евидентирање и следење на податоците и извештаите, потребата од подобрување на работните услови и мерење на продуктивноста во однос на просекот во индустријата.
Токму тука се надоврзува и пристапот на проектот преку услугата „Бизнис дијагностика“. Додека дијагностиката ја анализира компанијата одвнатре со поддршка на локални бизнис советници, анализата на податоците овозможува нејзините резултати да се споредат со пошироката слика на целата индустрија. Целта е компаниите да носат информирани одлуки и да го намалат ризикот од погрешни инвестиции и активности.
Од аспект на технологијата, Карапетковски посочи дека AI веќе создава конкретна деловна вредност и им овозможува на компаниите со исти или помали тимови да управуваат со посложени процеси и да настапуваат глобално. Според него, конкурентската предност нема да произлегува од самиот пристап до AI, туку од способноста технологијата да се поврзе со стратегијата, луѓето и сопственото компаниско знаење.

Голејшки го потенцираше значењето на официјалните и проверливи податоци и потребата од поголема институционална поврзаност. Визијата до 2030 година е систем во кој институциите безбедно и автоматски разменуваат податоци, а компаниите и граѓаните не се посредници во размената на информации што државата веќе ги поседува.

Стојанов, пак, посочи дека следната фаза на AI се системи што нема само да даваат одговори, туку и самостојно ќе извршуваат задачи. Во таква економија ќе расте вредноста на креативноста, критичкото размислување и способноста за носење аргументирани одлуки, додека компаниите ќе мора навреме да ги консолидираат своите податоци и системи и да ги подготват за работа со AI агенти.

Заедничката порака од панелот беше јасна: конкурентноста во 2030 година не започнува во 2030 година. Таа се гради денес – преку квалитетни податоци, подобри деловни процеси, инвестиции во луѓето и технологијата и, пред сè, преку способноста навреме да се донесе вистинската одлука.
Како што беше истакнато на панелот, вистинската модернизација не значи само воведување нов ERP систем, дигитализација на процес или користење AI алатки. Вистинската модернизација е на менаџерите да им се овозможи порано да видат што се случува со нивната компанија и врз основа на тоа да донесат подобра одлука.
Оваа активност е поддржана во рамките на Швајцарскиот проект за модернизација кој го спроведува Свисконтакт.
Аналитика








