Државните ревизори не можеле да потврдат дека финансиските извештаи на Министерството за дигитална трансформација за 2024 година реално и објективно ја прикажуваат финансиската состојба на институцијата. Причината не е една изолирана грешка, туку низа слабости – од нецелосен попис на имотот и непроценети недвижности, преку обврски заведувани со години задоцнување, до набавки на стоки и услуги без спроведена постапка за јавна набавка.
Ревизорите од Државниот завод за ревизија се воздржале од изразување мислење за финансиските извештаи, а за усогласеноста со законите и прописите дале мислење со резерва. Како што наведуваат:
„Не бевме во можност да прибавиме достатни и соодветни ревизорски докази“.
Имот вреден милиони, а ревизорите не можат да утврдат што точно стои зад бројките – Вонредниот попис не бил целосен: не бил попишан дел од нематеријалниот имот и мобилните телефони, пописните листи немале вредносни показатели, а кај дел од средствата недостигале и инвентарни броеви. Делбениот биланс меѓу новоформираните Министерство за дигитална трансформација и Министерство за јавна администрација не бил спроведен.
Како последица на тоа, во билансот на Министерството останале и средствата на поранешното МИОА, заедно со новонабавениот имот на МДТ.
Притоа, се посочува ставката „Објекти“, заведена со вредност од 140,05 милиони денари, или околу 2,28 милиони евра, која претставува 92,29 отсто од сегашната вредност на градежните објекти. За неа ревизорите велат – „не доставија информација/документација од која ќе може да се види за кои градежни објекти таа се однесува“.
Уште поилустративен е податокот дека во вонбилансната евиденција се водат 16 деловни објекти со вредност од по еден денар, за кои Министерството нема комплетна документација. Состојбата, според ДЗР, била позната и од претходните ревизии, но до моментот на новиот извештај не била надмината.
Проблем има и со деловниот простор од вкупно 908,48 квадратни метри на улицата „Филип Втори Македонски“ во Скопје. Иако за него е обезбеден имотен лист, не била направена проценка за да може вредноста да се внесе во деловните книги.
Хардвер и ИТ-услуги заведени како нематеријални средства – Ревизијата открива и погрешна сметководствена класификација. Нематеријалните средства биле прикажани за 4,37 милиони денари, или околу 71 илјада евра повеќе од реалното, бидејќи во нив биле заведени компјутерски хардвер од 1,83 милиони денари и ИТ-услуги од 2,54 милиони денари.
ДЗР оценува дека ваквото евидентирање не е во согласност со сметководствените правила за буџетските корисници.
Фактури и обврски се појавувале во книгите една или две години подоцна – Исто така, како голем проблем се истакнува и времето во кое Министерството ги евидентирало своите обврски. Во текот на 2024 година во книгите биле внесени фактури за стоки и услуги набавени во 2023 година, во вкупен износ од 11,28 милиони денари (183 илјади евра).
Уште 6,28 милиони денари (102 илјади евра) обврски создадени во 2023 и 2024 година биле евидентирани дури во 2025 година.
Ревизорите директно предупредуваат: „Ваквата состојба влијае за нереално прикажување на обврските спрема добавувачите“.
На 31 декември 2024 година во билансот биле прикажани обврски кон домашни добавувачи од 14,48 милиони денари, а во извештајот од годишниот попис биле наведени обврски од само 5,54 милиони денари.
2,7 милиони денари потрошени без постапка за јавна набавка – ДЗР утврдил дека во 2024 година за стоки и услуги биле исплатени 2,73 милиони денари, односно 44,4 илјади евра, без спроведена постапка за јавна набавка. Законот дозволува набавки без постапка до вкупен годишен износ од 12 илјади евра, а ревизорите нагласуваат дека ваквото постапување не обезбедува конкуренција, еднаков третман, транспарентност и рационално користење на јавните средства. И во извештајот е нотирано: „Набавката на стоки и услуги без спроведена јавна набавка не обезбедува почитување на начелата“.
Министерството имало забелешка токму за овој наод. ДЗР делумно ја прифатил откако биле доставени дополнителни документи и го коригирал износот во конечниот извештај. Оттаму, износот од 2,73 милиони денари е коригираната бројка што останала во конечниот ревизорски извештај.
Недостигаат докази за гаранции во повеќе тендери – При проверка на јавните набавки, ревизорите утврдиле дека во досиејата за три постапки нема документи со кои може да се потврди дека биле доставени гаранции на понудата, а кај шест постапки недостига документација за гаранција за квалитетно извршување на договорот.
Според ДЗР, тоа ја намалува транспарентноста и ја ограничува можноста да се потврди дека постапките и изборот биле спроведени согласно тендерските услови.
Нема ниту функционална внатрешна ревизија – Иако Министерството управува со значителни буџетски средства и со критична дигитална инфраструктура, во текот на 2024 година одделението за внатрешна ревизија имало само еден вработен – советник, внатрешен ревизор на обука.
Во цела 2024 година не била извршена ниту една внатрешна ревизија. Па ДЗР оценува:
„Неекипираноста на одделението… како и неизвршени ревизии не овозможува исполнување на основната задача на внатрешната ревизија“.
Според законските критериуми наведени во извештајот, институција со просечен финансиски план од најмалку 500 милиони денари треба да има најмалку три внатрешни ревизори и раководител.
Вреден имот, без осигурување – Во 2024 година Министерството немало годишно осигурување за недвижниот имот и опремата од пожар, природни непогоди, поплава, кражба и расипување. ДЗР предупредува дека тоа создава ризик евентуалните штети да не можат да бидат покриени од осигурителна компанија и да предизвикаат дополнителен товар за Буџетот.
Празни 43 отсто од работните места – Ревизијата открива и кадровска слабост која директно може да влијае врз функционирањето на институцијата. До моментот на ревизорското известување, 43 отсто од систематизираните работни места не биле пополнети. Раководни места недостигале во четири од вкупно десет сектори, а во шест одделенија немало ниту еден вработен.
Стар долг и тужби од стотици милиони денари – Извештајот упатува на поголем финансиски проблем поврзан со радиодифузната дејност. За 2023 година биле одобрени 900 милиони денари за оваа намена, но износот не бил во висина на законски утврдените средства. Поради тоа, Македонската радио-телевизија побарала преку тужба 470,04 милиони денари, а Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги уште 4,81 милион денари.
За да се избегнат дополнителни судски трошоци и камати, биле склучени вонсудски спогодби. Кај МРТ побарувањето од 470 милиони било договорено да се затвори со 235,02 милиони денари, односно околу 3,82 милиони евра, во четиригодишна динамика.
Наодите од ревизијата опфаќаат период на институционална реорганизација. Во текот на 2024 година со поранешното МИОА и со новоформираното Министерство за дигитална трансформација, во различни периоди, раководеле тројца министри: Азир Алиу (28 февруари 2023 година до 9 февруари 2024 година), Наим Бајрами (10 февруари – 20 јуни 2024 година) и Стефан Андоновски (од 23 јуни 2024 година). Според ревизорскиот извештај, одговорноста за изготвувањето и објективното презентирање на финансиските извештаи е на раководството на институциите во соодветните периоди:
„Оваа одговорност вклучува изготвување, имплементација и одржување на внатрешната контрола која што е релевантна за подготвување и објективно презентирање на финансиските извештаи кои што се ослободени од материјално погрешни прикажувања, без разлика дали се резултат на измами или грешки, избор и примена на соодветни сметководствени политики, како и правење на сметководствени проценки кои што се разумни во околностите. Раководството на субјектот е исто така одговорно за осигурување дека активностите, финансиските трансакции и информации, рефлектирани во финансиските извештаи се во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики“.
Аналитика








