ПОВЕЌЕ

    „ШТО Е БРАЗИЛ ВО ФУДБАЛОТ, ТОА Е МАКЕДОНИЈА ВО ФОЛКЛОРОТ“: Над 80 години “Орце Николов“, илјадници чекори на сцените низ светот и љубовта кон ритамот и традицијата

    Време зa читање: 14 минути

    Повеќе од осум децении, ансамблот „Орце Николов“ ја раскажува македонската приказна преку играта, песната и народните носии. Од раскошната традиција прикажана на свадбите во родното мијачко Лазарополе што ја разбудиле љубовта кон фолклорот кај легендарниот кореограф Тофо Дракулевски, преку светските фестивали и средбите со државници, до младите кои денес го учат истиот чекор – ова е приказна за традицијата што не останала заробена во минатото, туку и денес се надградува со активно учество и придонес на помладите играорци.

    Денес, иако и самиот добро загазил во деветтата деценија од животот, чичко Тофо не пропушта да биде со своето друштво од Ансамблот на народни игри и песни „Орце Николов“ од Скопје. За секого од помладите членови уште има совет, убав збор, поддршка, а за сите нив тој е, пред се – инспирација.

    За Тофо Дракулевски, долгогодишен играорец, кореограф и педагог, љубовта кон македонскиот фолклор не започнала во училиште, ниту на сцената. Започнала во неговото детство, во мијачкото село Лазарополе.

    ОД ЛАЗАРОПОЛЕ ДО СВЕТСКИТЕ СЦЕНИ

    Како дете, тој со часови ги набљудувал селските свадби. Во близина на неговата семејна куќа се наоѓала Горна Чешма, место каде што се собирале свадбарите и каде што, според неговите сеќавања, речиси целото село доаѓало да ги испрати невестите.

    „Неверојатно колку добро свиреа и колку народ се собираше. Речиси целото село доаѓаше на свадбите. И од тие најрани детски денови во мене се вкорени љубовта кон народната игра и песна“, раскажува Дракулевски.

    Тие слики од детството останале со него и по преселувањето во Скопје.

    Пресуден момент во неговиот живот била посетата на Пионерскиот дом „Карпош“, каде што го однел неговиот постар брат Томе, еден од тогашните пионерско-младински раководители. Му понудил да избере секција во која сака да се зачлени. Ги разгледале хорската, драмската и другите активности, но вниманието на младиот Тофо најмногу го привлекле децата што играле оро. „Кај што играа децата, тоа најмногу ме интересираше“, се присетува тој на одлуката што го одредила неговиот животен пат.

    Набргу ги научил првите чекори, а до средината на педесеттите години веќе цврсто бил поврзан со народната игра. „Оттогаш не можам да се одделам од орото, од народната игра, од нашата македонска пребогата игра. Игра со која во мојот живот го прошетав целиот свет“, вели Дракулевски.

    Она што започнало како детско воодушевување прераснало во животна професија и посветеност на воспитувањето нови генерации играорци.

    Ансамблот на народни игри и песни „Орце Николов“ од Скопје е снован во 1945 година, а во 2025 година го одбележа својот 80-годишен јубилеј. Денес, во својата 81-ва година од постоењето, продолжува со мисијата да ја зачува и да ја пренесува македонската фолклорна традиција.

    Според податоците што ги објавува ансамблот, низ неговите редови поминале повеќе од 15.000 членови, реализирани се илјадници концерти, а освоени се над 400 домашни и меѓународни награди и признанија. Публиката што ги следела настапите се брои во милиони, на речиси сите континенти. Денес ансаблот „Орце Николов“ брои 250 членови од сите старосни групи.

    Но, зад импресивните бројки се кријат многу лични приказни. Приказни за луѓе кои го избрале орото за свој животен пат и за генерации што го наследиле нивното знаење.

    Благој Петров-Караѓуле, Вања Лазарова, Анка Гиева, Кирил Манчевски, Илија Николовски-Луј, Драган Ѓаконовски-Шпато, Мирвет Беловска, сестрите Мавровски, Блага Видец, Ѓорѓи Димчевски, Виолета Томовска, Есма Реџепова, Желчевски-Селимова, „Костурчанките“, Благоја Николовски, Александар Џамбазов, Димитар Масевски, Муарем Сербезовски, Тодор Трајчевски, Пеце Атанасовски, Драган Мијалковски се само дел од доајените на македонската песна и фолклор, кои биле дел од „Орце Николов“ низ изминативе децении.

    Меѓу бројните настапи што Дракулевски ги памети, посебно место заземаат меѓународните фолклорни фестивали, каде што македонските ансамбли освојувале највисоки признанија. Во неговите сеќавања особено се издвојуваат Ланголен во Велс и Дижон во Франција – две значајни европски фестивалски средишта.

    Раскажувајќи за настапот во Ланголен, Дракулевски со гордост се сеќава на изведбата на македонското „Тешкото“, за која, според неговото сведоштво, ансамблот освоил максимални сто поени и прво место.

    „Нè прогласија за најдобри. Имам една фотографија како ме дигаат на раменици и ме фрлаат во воздух. Толку беше големо одушевувањето на публиката и на присутните од она што ние, македонските играорци го претставивме на нашиот настап“, раскажува тој.

    Не помалку впечатливи биле и настапите во Дижон.

    Таму, според неговите сеќавања, успехот на „Орце Николов“ предизвикал вистинска еуфорија кај публиката. „Три пати нè вратија на бис, кога настапивме како првонаградени и го освоивме златниот ѓердан“, вели Дракулевски. Скапоценото признание и денес зазема видно место во витрините на друштвото.

    Низ децениите следеа и признанија на фестивали во Софија, како и бројни гостувања во Турција – во Измир, Анкара, Бурса, Силифке, Мерсин и други градови. Членовите на КУД “Орце Николов“ секаде беа дочекувани со особен интерес, нивните настапи биле проследени со воодушевување и овации, а тие самите, припадници на разните генерации на играорци на друштвото, секој во своето време, се чувствуваа како вистински амбасадори на македонската песна и традиција. Многупати токму така и биле третирани и од официјалните протоколи на бројните светски државници во земјите низ целиот свет, каде биле канети да настапуваат.

    За Дракулевски, овие настапи никогаш не биле само натпревар за награди. „Тоа е голема гордост. Не за мене, туку за Македонија и македонскиот фолклор“, нагласува тој. Секој освоен трофеј претставувал признание за трудот на играорците, но и потврда дека македонската народна игра има свое место на светските сцени.

    Богатата историја на ансамблот не се состои само од настапи и награди. За Дракулевски, меѓу највпечатливите спомени се и средбите со светски политички лидери, до кои дошло благодарение на гостувањата на фолклорните ансамбли.

    Тој раскажува за средба со југословенскиот претседател Јосип Броз Тито, која му останала како незаборавен личен спомен. Тој и неговите колеги играорци настапувале пред Тито во чест на неговиот роденден, а црно-белата фотографија, на која Дракулески, качен на тапан го игра прочуеното македонско оро Тешкото, завзема почесно место на ѕидовите на друштвото.

    АМБАСАДОРИ НА МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА

    Се присетува и на патувањето во Северна Кореја, каде што „Орце Николов“ бил поканет да настапи по повод 72. роденден на тогашниот лидер Ким Ил Сунг, кога бил пречекан со дипломатски протокол и државнички почести, а танцовите на играорците ги полнеа салите каде што настапувале.

    Но, особено живописна е приказната за средбата со кубанскиот лидер Фидел Кастро.Според сеќавањето на Дракулевски, по концертот во Хавана, членовите на ансамблот добиле можност да присуствуваат на прием во друштво на Кастро, дипломатски претставници и други гости.

    Првично било предвидено средбата да трае околу два часа. Но, разговорите, музиката и атмосферата ја продолжиле дружбата. „Тие два часа се претворија во пет часа“, раскажува Дракулевски.

    Се сеќава на гитарата, на кубанските песни и на атмосферата во која музиката ги поврзала присутните.

    За него, таквите доживувања не претставуваат само лични спомени. Тие се дел од историјата на македонскиот фолклор и сведоштво за можноста преку културата да се создаваат врски со луѓе од различни земји.

    „Орце Николов“ е формиран во 1945 година, во периодот кога се поставувале темелите на организираното културно-уметничко дејствување во повоена Македонија.

    Друштвото првично го носело името „Металец“, а од 1948 година го носи името на народниот херој Орце Николов.

    Со текот на годините ансамблот израснал во една од препознатливите институции на македонскиот фолклорен аматеризам.

    Неговата мисија отсекогаш била поширока од сценското изведување на народните игри. Таа опфаќа изучување и негување на традиционалните песни, инструменти, носии, обичаи и богатото народно творештво од различните краишта на Македонија.

    На сцените низ Европа, Америка и Азија, македонскиот фолклор се претставувал пред публика со различни јазици, култури и традиции.

    Од Франција, Велика Британија и Германија, преку Турција, до САД, Канада, Куба, Бразил и други земји, ансамблот ја носел македонската игра како дел од културниот идентитет на земјата.

    Во секој настап, зад сложените чекори и темпераментните ритми стоеле часови вежбање, дисциплина, пожртвуваност и посветеност.

    Затоа, приказната за „Орце Николов“ не е само приказна за успешен ансамбл. Таа е и приказна за илјадници деца и млади кои низ неговите простории научиле што значат заедништво, одговорност, почит кон традицијата и љубов кон уметноста.

    ПОДМЛАДОКОТ НА „ОРЦЕ“ – ЧУВАР НА ТРАДИЦИЈАТА

    Токму таа врска меѓу минатото и иднината денес ја претставуваат младите членови на ансамблот.

    Еден од нив е Марко, кој своите први играорни чекори ги направил во „Орце Николов“ на шестгодишна возраст. Не може да го заборави моментот кога за првпат влегол во просториите на друштвото. „Самиот момент кога влегов во просториите на ‘Орце Николов’, тоа се врежа во мене. Мислам дека ова ќе го правам до крајот на мојот живот“, вели тој.

    Неговата детска љубов кон фолклорот со текот на времето прераснала во професионална определба.

    Марко денес е апсолвент по етнокореологија – област посветена на проучување на традиционалните игри и нивниот културен контекст. Тој не’ прошета низ фундусот на ансамблот – просторијата каде што се чуваат преку 65о народни носии, најголем дел оригинали стари и по 100 години, како и реплики верни на оригиналите – женските везени кошули, впечатливите скутини, богато украсени со геометриски шари, реси и други украси, од западна Македонија, клаштеници, елеци, појаси, граѓанските фустани од егејска Македонија, опинци, машки и женски, сребрени и срмени украси за главата и градите, едно непроценливо етнолошко богатство, кое играорците го облекуваат за секој настап, а потоа внимателно се враќаат назад на чување.

    Марко со восхит раскажува за секоја од носиите, која ни запаѓа за око со својот раскош, необични форми на украси, богатство на бои, која од каде потекнува, колку е стара и поради што е различна од другите. За сите овие предмети потребна е грижа, обнова, а тоа чини пари. Како што чинат пари и подготовките и самите сценски настапи, а друштвото е доброволна организација на вљубеници и ентузијасти, која се самофинансира. Интерес да помогнат пројавиле некои општествено одговорни компании и бизнисмени, па тој е оптимист дека материјалниот опстанок на ансамблот и на неговото етнолошко богатство, иако скромно, барем засега може да биде обезбеден.

    Особена чест за него претставува можноста да учи од луѓе како Тофо Дракулевски, но и од другите кореографи и педагози кои го пренесувале своето знаење на младите.

    „Честа ми е преголема што членувам во ова друштво и што познавам толку значајни луѓе, како што е чичко Тофо, и сите мои ментори што сум ги имал досега“, вели Марко.

    Неговата амбиција е еден ден и самиот да стане учител на новите генерации.

    „Како што јас сум имал ментори и сè уште ги имам, така се надевам дека и јас еден ден ќе станам ментор на некоја следна генерација, преку која ќе можам да ја пренесам мојата љубов кон традицијата и сето знаење што сум го стекнал“, истакнува тој.

    Марко потсетува и дека во рамките на „Орце Николов“ се формирани и нови групи, едната за изучување на кавал – под палка на маестро Стефче Стојковски, и тапан – на студенти од факултетот за етнологија.

    На една страна е човекот кој речиси целиот свој живот го посветил на македонскиот фолклор. На другата е млад играорец кој уште на шестгодишна возраст влегол во просториите на „Орце Николов“ и денес веќе се подготвува професионално да се занимава со зачувувањето на народната традиција. Меѓу нив се децении искуство, илјадници концерти, бројни меѓународни признанија и една заедничка љубов – македонското оро, песна и обичаи, кои КУД Орце Николов“ веќе 81 година ги негува, заштитува и чува за следните поколенија.

    Тофо Дракулевски е сведок на времето кога македонските ансамбли освојувале награди на најзначајните светски фестивали, кога орото отворало врати и таму каде што јазикот претставувал пречка. Марко е дел од генерацијата што треба да ја продолжи таа приказна, да го зачува наученото и да го пренесе на децата кои допрва ќе го направат својот прв чекор.

    Меѓу нив се повеќе генерации, но иста љубов.

    ТРАДИЦИЈАТА Е ЖИВА КОГА НЕ СЕ ЧУВА САМО ВО АРХИВИТЕ

    Македонскиот фолклор е препознатлив по својата богата мелоритмичност, разновидните ора, специфичните чекори, песните, народните инструменти и раскошните носии.

    Но, неговата вредност не е само во убавината на сценскиот приказ. Во народните игри и песни се зачувани делови од секојдневието на минатите генерации, нивните радости, таги, обичаи, верувања и начини на живеење.

    Токму затоа зачувувањето на фолклорот подразбира многу повеќе од учење на кореографијата. Потребно е да се разбере неговото потекло, значењето на движењата, улогата на музиката и врската со заедницата од која произлегол.

    Во таа насока, „Орце Николов“ ја продолжува својата образовна мисија, настојувајќи да ги усогласи традиционалните знаења со современите методи на изучување и сценско претставување на фолклорното творештво.

    Постоењето на младите играорни групи и интересот на новите генерации се особено важни во време кога традиционалните облици на култура се соочуваат со предизвикот да го задржат вниманието на младите.

    Зашто, фолклорот што ќе остане само во архивска снимка, фотографија или музејска поставка е сочуван како документ. Но фолклорот што го учат, играат и пренесуваат младите продолжува да живее.

    Во просториите на „Орце Николов“, генерациите се менуваат, но ритамот продолжува. Некогаш младите играорци учеле од своите постари учители, а денес и самите стануваат кореографи, педагози и чувари на традицијата.

    „ОНА ШТО Е БРАЗИЛ ВО ФУДБАЛОТ, ТОА Е МАКЕДОНИЈА ВО ФОЛКЛОРОТ“

    Под зградата на Македонската Опера и Балет денес е живо – се нижат проби на повеќе генерации играорци, од најмали, на 4-5 годишна возраст, па се до ветерани-рекреативци, кои ги учат првите чекори на некое од прочуените македонски ора – невестинското, комитското, пајдушкото, овчеполската потрчулка…Вообичаена глетка е бабата, која била играорка во друштвото да го донесе своето внуче да заигра во подмладокот на друштвото или таткото и мајката да дојдат со својот син или ќерка и со тоа да продолжи семејната играорна традиција.

    Заедничко на сите нивни собири, проби за настапи, прослави или дружења е – дека сите се чувствуваат истовремено и како едно големо семејство и како дел од нешто многу, многу поголемо од нив. „Честопати знаеме да се собереме, еднаш неделно или во текот на месецот, да се дружиме и надвор од просториите на друштвото, а за нашата сплотеност доволно зборува и тоа што од „Орце Николов“ изникнале 55 бракови меѓу членовите на ансамблот.

    Можеби токму затоа Дракулевски, по сите патувања, настапи, признанија и средби со луѓе од целиот свет, своето искуство го сведува на една едноставна, но моќна споредба: „Она што е Бразил во фудбалот, тоа е Македонија во фолклорот.“

    И зад тие зборови не стои само гордоста на еден човек кој го прошетал светот со македонското оро, стои и приказната за „Орце Николов“, за илјадниците негови членови, за генерациите што ја граделе неговата историја и за младите што денес продолжуваат да ја пишуваат.

    Зашто, најголемото признание за едно културно-уметничко друштво не е само наградата освоена на меѓународен фестивал, ниту аплаузот што траел со минути. Најголемото признание е кога по повеќе од осум децении, едно дете повторно ќе влезе во салата, ќе го научи првиот чекор и ќе посака никогаш да не престане да игра.

    Југослава Дуковска

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично