Доколку се случи да пропадне банка, штедачите ќе имаат рок од пет години да го подигнат обесштетувањето. А Фондот за осигурување на депозити во иднина треба да управува со две одделни каси – фонд за заштита на депозити и фонд за решавање банки. Ова се дел од новините што ги носат предложените измени на Законот за Фондот за осигурување на депозити, кој е во собраниска процедура.
Сепак, една од клучните работи за штедачите не се менува – максималното обесштетување е до 30.000 евра по депонент во една банка, филијала на странска банка или штедилница. Според важечкиот закон, Фондот треба да започне со обесштетувањето во рок од 20 дена од конечноста на решението за одземање на дозволата, со можност во исклучителни околности рокот да биде продолжен за најмногу уште десет дена.
Пет години за подигање на парите – Новина претставува рокот во кој штедачите ќе може да ги подигнат веќе утврдените износи на обесштетување.
Конкретно, со измените се предлага обврската на Фондот за исплата да престане пет години од конечноста на решението со кое на банката ѝ престанува дозволата за работа. Доколку парите не бидат повлечени во тој период, тие ќе се вратат во Фондот за заштита на депозити.
Исклучок се средствата за кои постои право на наследство. Во предлогот е наведено и дека правото на обесштетување не може да се пренесува на друго лице, освен преку наследување.
Во актуелниот закон нема краен рок за подигање на обесштетувањето.
Еден Фонд, две одделни намени – Најголемата системска промена е проширувањето на улогата на Фондот за осигурување на депозити. Според предложеното решение, тој ќе управува со фонд за заштита на депозити и со посебен фонд за решавање банки. Првиот останува наменет пред сè за обесштетување на покриените депозити, а вториот треба да обезбеди средства за примена на инструментите за решавање банка која западнала во сериозни финансиски проблеми.
Средствата од фондот за решавање банки ќе смеат да се користат исклучиво за целите утврдени со Законот за решавање банки, а Народната банка ќе одлучува за нивното користење. Предлогот предвидува и можност, под условите утврдени во Законот за решавање банки, средства од фондот за заштита на депозити да се употребат и за финансирање на процесот на решавање банка.
Останува и резервата од 4 отсто – Предлогот повторно утврдува дека паричните средства во Фондот за заштита на депозити треба да изнесуваат најмалку 4 отсто од вкупните депозити во банките, филијалите на странски банки и штедилниците.
Во тие средства се пресметуваат парите што Фондот ги има на сметки во Народната банка, на сметки во банките, како и средствата инвестирани во хартии од вредност. Фондот ќе има обврска да го одржува ова минимално ниво.
Аналитика








