Извозната конкурентност, логистиката, инфраструктурата и поврзувањето на македонските компании со глобалните пазари беа во фокусот на првото издание на Global Trade & Growth Forum 2026, кој привлече повеќе од 200 домашни и странски бизнис-лидери, извозници, инвеститори и државни и дипломатски претставници.
Форумот го организираше Швајцарско-македонската стопанска комора – SwissCham North Macedonia, во стратешко партнерство со Mediterranean Shipping Company – MSC, со поддршка од Швајцарија преку Швајцарската агенција за развој и соработка и Државниот секретаријат за економски прашања.
Генералната директорка на MSC Северна Македонија и потпретседателка на SwissCham North Macedonia, Сања Радовановиќ, порача дека домашните компании треба похрабро да настапуваат на странските пазари.

„Македонија е мала земја, но со значаен потенцијал. Имаме квалитетна понуда, претприемачки дух и стратешка положба на важни европски транспортни коридори. Длабоко верувам дека нашиот најголем потенцијал се луѓето, нивните идеи и храброста да создаваат вредност надвор од нашите граници. Да не чекаме светот да ги открие нашите можности, туку да бидеме тие што ќе му ги покажат“, истакна Радовановиќ.
Претседателката на SwissCham North Macedonia, Соња Стефановска, нагласи дека швајцарското искуство може да биде значајно за подобрување на конкурентноста на македонската економија:

„Северна Македонија има талентирани луѓе, амбициозни компании и значителен потенцијал. Швајцарија претставува инспиративен пример за тоа како една релативно мала земја може да изгради глобална конкурентност преку иновации, сигурност, силни институции и посветеност на квалитетот“.
За малите економии трговијата има суштинска улога во економскиот раст, посочи Амбасадорот на Швајцарија во земјава, Кристоф Сомер:

„Во денешниот свет, конкурентноста сè повеќе зависи од конекциите. Швајцарија останува посветена на продлабочување на економското партнерство со Северна Македонија. Со додадената вредност што можеме да ја понудиме, ќе продолжиме да поддржуваме иницијативи кои ја зајакнуваат конкурентноста, поттикнуваат иновации и ги прошируваат пазарните можности“.
На форумот се разговараше и за инфраструктурните и административните пречки со кои се соочуваат македонските превозници. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски ја истакна одлуката на Швајцарија да издава работни визи за возачите.

„Швајцарија тука беше прва, за што се заблагодарувам. Почна да издава вакви работни визи за возачите и се надевам дека тоа ќе биде пример што ќе го следат и другите земји членки на шенген-зоната“, рече тој, оценувајќи дека ваквите чекори се важни за олеснување на извозот и меѓународната деловна соработка.
На панел-дискусиите претставници на MSC, Макстил, Alliance One Macedonia и Fimar Balkan разговараа за зелената транзиција, брзината на транспортот и позиционирањето на македонските производи на светските пазари, а посебен дел беше посветен и на извозната конкурентност и барањата за пласман на европскиот пазар.
На завршниот панел свои искуства за настапот на странските пазари споделија претставници на Quendoo, ТАВ Македонија и Витаминка, додека експертот за дигитална трансформација Ларс Силбербауер зборуваше за градењето конкурентни брендови во современата дигитална средина.
Со овој настав, ценат организаторите, Скопје доби нова платформа за поврзување на домашниот бизнис со меѓународните пазари и за размена на искуства, идеи и можности за раст на македонската економија.
Аналитика








