Еуфоријата околу акциите поврзани со вештачката интелигенција (ВИ) во Кина доживеа крах. Според она што неодамна го објави Ројтерс, „балонот“ на вештачката интелигенција во земјата веќе пукна, а штетата веќе се мери во стотици милијарди долари.
Кинеската берза доживува остар пад поради загриженоста за побарувачката за вештачка интелигенција и ограничувањата за извоз на кинески производи. Додека технолошките акции низ целиот свет губат интензитет, падот во Кина веќе достигна размер на колапс поради претерано високите вреднувања на компаниите.
Индексот STAR50, кој ги вклучува кинеските лидери во вештачката интелигенција и полупроводниците, изгуби 40% од својот јулски врв за помалку од четири месеци. Ова избриша приближно 480 милијарди долари пазарна капитализација. Овој развој испрати алармантен сигнал до нестабилните глобални пазари, а воедно ги комплицира и напорите на Кина да ги насочи заштедите на домаќинствата кон берзата за да го финансира бумот на вештачката интелигенција.
Колапсот, исто така, му става крај на двегодишниот период на раст. Тој започна откако ветувањата за економски стимулации ги подигнаа цените. Стратегијата на Пекинг – да се надмине вообичаениот циклус на остри подеми и падови и да се создаде таканаречен „бавен пазар во подем“ (slow bull market) кој би донел постабилни приноси – сега е доведена во прашање. Широкиот индекс CSI300, кој ги следи водечките кинески акции, веќе падна за приближно 20% во однос на јунските највисоки вредности.
„Со текот на времето, берзата се претвори во шпекулативна треска. Сега гледаме како пука меурот“, изјави Донг Баожен, раководител на инвестициски фонд со седиште во Пекинг. Овој пресврт следеше по период на раст што го издигна кинескиот пазар над берзите на Западот и во другите делови на Азија. За споредба, американскиот пазар на акции поврзани со вештачка интелигенција претрпе значително помал удар. Овие акции придонесоа за пад од 6% на индексот Nasdaq во однос на рекордното ниво достигнато пред три недели.
Не постои еден очигледен фактор што директно го предизвика масовното распродавање во Кина. Сепак, трговците укажуваат на пренадуени цени на акциите, плаќање даноци, како и на ризикот САД или други земји да ја забранат употребата на кинеска опрема во своите податочни центри.
Според Голдман Сакс, компаниите поврзани со вештачка интелигенција сочинуваат 42% од кинеската пазарна капитализација и 57% од прометот во тргувањето со акции од класа А (кои котираат во континентална Кина) и акции од класа Х (кои котираат во Хонгконг). Бидејќи инвестициите се толку концентрирани во технолошкиот сектор, малкумина учесници на пазарот – во кој доминираат индивидуални инвеститори – успеаја да избегнат загуби.
Акциите на производителот на роботи „Unitree“ – чија понуда привлече побарувачка од индивидуални инвеститори која ја надмина понудата за дури 8.000 пати – изгубија половина од својата вредност откако започна тргувањето во август. Вредноста на производителот на чипови „CXMT“ падна за повеќе од една четвртина во текот на изминатиот месец. Акциите на производителите на чипови „MetaX Integrated Circuits“ и „Moore Threads Technology“ исто така ја преполовија својата вредност во споредба со јулските врвови. Кога овие компании излегоа на берзата минатата година, нивните акции скокнаа за 700%, односно 400%.
Чен Веншенг, сопственик на мал бизнис и инвеститор од јужната кинеска провинција Хаинан, изјави дека се приклучил на инвестицискиот бран бидејќи верувал оти властите ги поддржуваат компаниите како „Unitree“. Меѓу инвеститорите во овој производител на роботи имало и фондови поддржани од државата. Сепак, Чен и неговите пријатели сега се соочуваат со загуби.
Разочарувањето поради лошиот крај на инвестицискиот бум, поддржан од Пекинг, ги наведува многуте инвеститори да се преориентираат кон „дефанзивни“ средства. Ова, исто така, би можело да ги забави напорите на технолошките компании за прибирање капитал преку берзата.
Акциите на производителите на оптички компоненти, „Zhongji Innolight“ и „Eoptolink Technology“, изгубиле приближно 60 % од својата вредност во споредба со највисоките нивоа забележани во јуни и јули. Една од причините е тоа што Вашингтон е сè поблиску до воведување забрана за испорака на нивните производи во американските центри за податоци. Претходно, овие компании беа меѓу омилените избори на инвеститорите.
Како што пазарот опаѓа, инвеститорите повнимателно ги проценуваат вредностите на кинеските технолошки компании. Индексот „STAR50“ моментално се тргува по цена што е околу 100 пати повисока од заработката остварена во изминатите 12 месеци. Иако тоа е значително под врвот од речиси 250, сепак е многу повисоко од вредноста на индексот „Nasdaq 100“, која изнесува околу 30. Оваа разлика поттикнува страв кај инвеститорите дека распродажбата на акции може да продолжи.
„Она што се случува сега ќе ги запре многуте компании кои се обидуваат да излезат на берза“, вели Хонг Хао, управен партнер и главен инвестициски директор во „Lotus Asset Management“ во Хонгконг. „Сите ’меури‘ неизбежно пукаат.“
Сегашната еуфорија и нејзините последици се во спротивност со политиката на кинеските власти, кои се обидуваат да ги подобрат приносите на берзата и да ја намалат нестабилноста. Во таа насока, регулаторите го засилуваат надзорот врз користењето позајмен капитал (левериџ) и високофреквентното тргување. Инвеститорите поврзани со државата, исто така, продаваа акции додека цените растеа, со цел да го ограничат прекумерниот раст.
Претходно овој месец, регулаторот Ву Кинг се сретна со учесниците на пазарот за да ги слушне нивните предлози за подобрување на пазарите на капитал. За средбата беше објавено соопштение на официјалната веб-страница на агенцијата. Некои претставници на инвестициската заедница сметаат дека технолошкиот бум негативно влијаел врз структурата на берзата. Истовремено, некои учесници на пазарот го гледаат моменталниот пад како можност за инвестирање. Според нив, распродажбата не е ниту неочекувана, ниту штетна за долгорочните пазарни реформи. Овие реформи веќе дадоа опипливи резултати, вклучително и подобрени приноси од инвестициите, особено преку приходите остварени од вложувањата.
Според една студија на HSBC, азиските фондови во целина продолжуваат да одржуваат висок удел на кинески средства во своите портфолија, и покрај тоа што во текот на изминатите три месеци беа продавачи.
Аналитика








