ПОВЕЌЕ

    Славески: Иновациите не треба да носат само побрзо, туку и поодговорно кредитирање

    Време зa читање: 4 минути

    Технологијата го менува начинот на кредитирање, но не ги елиминира ризиците што го следат. Кредитниот ризик останува ист без разлика дали заемот се одобрува во филијала или преку дигитална платформа, а оперативниот ризик постои и кога одлуките ги носат луѓе и кога во процесот се вклучени алгоритми.

    Ова беше една од клучните пораки на гувернерот на Народната банка, проф. д-р Трајко Славески, во неговото обраќање на конференцијата „Микробалканс 2026 – Кредитирањето од нова перспектива“.

    Според Славески, брзиот технолошки развој, поголемата достапност на податоците и појавата на нови деловни модели ја менуваат структурата на финансиското посредување. Истовремено, развојот на банкарските и небанкарските финансиски услуги отвора нови прашања и за пазарот и за финансиската стабилност.

    Гувернерот посочи дека дигитализацијата може да придонесе за поголема конкуренција, поефикасни финансиски услуги и поголема финансиска вклученост, но нагласи дека основните принципи на управување со ризиците не се менуваат.

    Кредитниот ризик останува кредитен ризик, без оглед на тоа дали кредитот се одобрува во филијала или преку дигитална платформа“, посочи Славески.

    Истото важи и за оперативниот ризик, без разлика дали одлуките се носат од луѓе или со помош на алгоритми. Според гувернерот, ниту дигиталните договори не ја менуваат потребата клиентите да ги разберат условите со кои се согласуваат.

    Со дигитализацијата доаѓаат и нови ризици

    Покрај традиционалните ризици, Славески укажа и на новите предизвици што ги носи дигитализацијата кои ги засегаат и банкарските и небанкарските финансиски институции.

    Оттука, според него, развојот на новите технологии мора да биде проследен со соодветен регулаторен пристап, транспарентност и заштита на потрошувачите.

    Славески посочи дека регулаторните принципи треба да се применуваат доследно, без разлика дали финансиската услуга ја нуди банка или небанкарска финансиска институција, но со почитување на природата, обемот и сложеноста на ризиците.

    Не идентична регулатива, туку пропорционален пристап

    Гувернерот нагласи дека целта не е различните финансиски институции да бидат ставени под идентична регулатива.

    Наместо тоа, потребен е пропорционален пристап заснован врз ризикот, кој истовремено ќе го намали просторот за регулаторна арбитража.

    Со понатамошниот развој на технологијата и новите бизнис-модели, според Славески, уште поголемо значење ќе имаат транспарентноста, адекватната заштита на потрошувачите и одговорното кредитирање.

    Новите технологии, како што посочи, треба да придонесат не само за побрзо, туку и за поодговорно кредитирање, со едноставни и транспарентни производи и кредити соодветни на финансискиот капацитет на клиентите.

    Иновацијата треба да носи квалитет, а не само брзина

    Една од позначајните пораки во говорот на Славески беше дека финансиската иновација не треба да се оценува само преку брзината или обемот на финансиското посредување.

    Според него, индустријата треба да покаже дека иновациите го подобруваат квалитетот на финансиското посредување, а поголемата финансиска вклученост треба да придонесе за постабилен и поотпорен финансиски систем.

    Во тој контекст, Славески ја истакна потребата од рамнотежа меѓу технолошкиот напредок, конкуренцијата и стабилноста.

    Доколку успееме да ги споиме иновациите со стабилноста, технологијата со довербата, а конкуренцијата со одговорноста, тогаш ќе можеме да кажеме дека создаваме нова перспектива за кредитирањето“, порача гувернерот.

    Македонскиот систем останува претежно банкарски

    Славески се осврна и на позицијата на небанкарскиот финансиски сектор.

    Македонскиот финансиски систем и натаму е претежно ориентиран кон банките, додека небанкарските финансиски институции имаат значително помал удел. Сепак, нивното кредитирање во изминатите години бележи побрз раст.

    Од 2020 до 2025 година кредитирањето од финансиските друштва и лизинг-компаниите растело со просечна годишна стапка од 22,3 проценти, додека кредитирањето од банките кон нефинансиските друштва и домаќинствата во истиот период се зголемувало со просечна годишна стапка од 9,6 проценти.

    Уделот на финансиските друштва и лизинг-компаниите, сепак, останува релативно мал – околу 2,5 проценти од финансискиот систем.

    Во завршницата на обраќањето Славески порача дека Народната банка останува отворена за дијалог и конструктивни идеи за тоа како финансискиот систем може подобро да ги поддржува граѓаните и компаниите, а истовремено да ги зачува довербата, сигурноста и отпорноста.

    Р.П.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично