ПОВЕЌЕ

    Надворешниот долг над 13 милијарди евра – за шест месеци зголемен за 1,03 милијарди

    Време зa читање: 3 минути

    Државата има бруто-надворешен долг од 13,106 милијарди евра, или 71,4 отсто од проектираниот БДП. За шест месеци задолженоста кон странство е зголемена за 1,03 милијарди евра, а само во вториот квартал за 232 милиони евра.

    Од вкупниот износ, 6,146 милијарди евра се јавен надворешен долг, а 6,961 милијарда евра приватен долг. Во вториот квартал јавниот долг се зголемил за 249 милиони евра, додека приватниот е намален за 17 милиони евра.

    Сепак, во информацијата со податоците за движењата во второто годинешно тримесечје Народната банка посочува дека дел од кварталниот раст произлегува од специфични активности за управување со девизните резерви, каде што има зголемување од 911 милиони евра. Кога ќе се исклучи овој ефект, бруто-надворешниот долг е зголемен за 112 милиони евра.

    Кај јавниот сектор, зголемувањето главно доаѓа од секторот „држава“, чиј надворешен долг пораснал за 104 милиони евра, како и од јавните банки и претпријатија, каде што растот е 23 милиони евра. Кај приватниот сектор, пак, долгот на банките се намалил за 125 милиони евра, додека кај капитално поврзаните субјекти и небанкарскиот приватен сектор има раст од по 54 милиони евра.

    Истовремено, бруто надворешните побарувања достигнале 8,344 милијарди евра, за 202 милиони повеќе отколку три месеци претходно и за 718 милиони евра повеќе во однос на крајот од 2025 година.

    Како резултат на движењата и на долгот и на побарувањата, нето-надворешниот долг изнесува 4,763 милијарди евра, или 25,9 отсто од проектираниот БДП. За три месеци е зголемен за 30 милиони евра, а од почетокот на годината за 312 милиони евра. Приватниот сектор учествува со 58,2 отсто во вкупниот нето-долг.

    Продлабочена е и негативната меѓународна инвестициска позиција, односно разликата меѓу финансиските средства што земјава ги има кон странство и обврските кон нерезидентите. На крајот од јуни е во износ од минус 8,986 милијарди евра, или 48,9 отсто од проектираниот БДП. Состојбата е за 134 милиони евра полоша отколку на крајот од март и за 463 милиони евра во однос на крајот на 2025 година.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично