Модернизирање на регулативата на пазарот на капитал, усогласување со европските правила, развој на нови финансиски производи и повисоко ниво на заштита на инвеститорите се меѓу приоритетите на Министерството за финансии, порача заменик-министерот Николче Јанкуловски на 25. годишна конференција на Македонската берза во Охрид.
Стабилниот пазар на капитал е составен дел од поширокиот финансиски систем, а основа за негов понатамошен развој се макроекономската и фискалната стабилност.
„Владата презема клучни активности насочени кон креирање долгорочно стабилен, сигурен и отпорен финансиски систем. Пазарот на капитал е витален сегмент на тој систем, а одржувањето на макроекономската и фискалната стабилност е основен предуслов за негов натамошен раст и развој“, истакна Јанкуловски.
Тој нагласи дека Министерството за финансии, како носител на законската регулатива во оваа област, продолжува да работи на подобрување на условите на пазарот и на усогласувањето на домашното со европското законодавство.
„Пазарот на капитал е дел од кластерот ‘Внатрешен пазар’ во рамките на Поглавјето 9 – Финансиски услуги, и во таа насока ги следиме европските директиви и регулативи. Една од најзначајните реформи во нашата агенда е токму во оваа област“, рече Јанкуловски.
Посебен акцент Јанкуловски стави на новата законска рамка. Постојниот Закон за хартии од вредност се заменува со Законот за финансиски инструменти и Законот за проспекти и обврски за транспарентност за издавачите на хартии од вредност. Двата закона се донесени во 2024 година и имаат одложена примена, а Министерството ги наведува како клучен дел од усогласувањето со европската регулатива.
„Со новата регулатива воспоставуваме модерна и сеопфатна рамка за македонскиот пазар на капитал, усогласена со европските регулативи“, нагласи заменик-министерот.
Според него, во Министерството се работи и на измени на двата закона, со цел да се надминат прашањата што се појавиле во подготовката за нивната примена.
„Тоа создава услови за развој на нови производи, поголема стабилност, зајакнат надзор и повисоко ниво на заштита на инвеститорите“, посочи Јанкуловски.
Како практичен пример за проширување на понудата на финансиски инструменти ги издвои граѓанските обврзници:
„Паралелно со развојот на правната рамка, направивме и практичен исчекор со воведувањето на граѓанските обврзници. Министерството за финансии досега реализираше три емисии од овој тип“.
Третата емисија, реализирана во декември 2025 година, привлече 1.543 граѓани, кои запишаа обврзници во вредност од над две милијарди денари, односно околу 33 милиони евра. Обврзниците се со рочност од две години и каматна стапка од 4 до 5 насто годишно.
„Високиот интерес потврдува дека граѓанската обврзница е препознаена како сигурен и атрактивен инструмент за вложување на заштедите на граѓаните“, оцени Јанкуловски.
Претходните две емисии биле во вкупен износ од 41,1 милион евра, а Министерството веќе ги исплатило заедно со каматата.
Јанкуловски порача дека државната регулатива сама по себе не е доволна за посилен пазар на капитал и дека во процесот мора активно да се вклучат компаниите, финансиските институции, регулаторите и инвеститорите.
„Министерството за финансии ќе продолжи да работи на унапредување на регулаторната и супервизорската рамка, со цел натамошен развој на пазарот, високо ниво на заштита на инвеститорите и обезбедување нови финансиски инструменти на финансискиот пазар“, рече заменик-министерот и истакна: „За целосен успех е потребен активен придонес од сите учесници на пазарот“.
Р.П.
Аналитика








