ПОВЕЌЕ

    Вардар во плус на семафорот, во билансот ‒ минус: Добивката во сенка на обврските од 5,13 милиони евра

    Време зa читање: 4 минути

    Во годината кога по речиси дведецениска пауза го освои Купот на Македонија, ФК Вардар забележа и успех на финансиски терен. Приходот го зголеми за 544 насто, а добивката за 158 насто. Сепак, финансискиот семафор покажува дека фудбалскиот клуб сè уште игра тежок меч со наталожените обврски и загуби.

    Клубот ја завршил 2025 година со нето-добивка од 38,88 милиони денари, односно околу 632 илјади евра, што е значително подобро остварување од 245,4 илјади евра во 2024 година. Добивката пред оданочување достигнала 711 илјади евра, а за данок на добивка биле издвоени 78,8 илјади евра, според податоците објавени на Македонска берза.

    Приливот од работењето на Вардар лани достигнал 3,22 милиони евра. Една година пред тоа, броел само 500 илјади евра. Најголемиот дел од 3,2 милиони евра се прилив од реализираната продажба, додека 17,9 илјади евра се евидентирани како останати приходи.

    Покрај приходот од основното работење, клубот прикажува и над 1,14 милиони евра финансиски приход, од кој дури 1,11 милиони евра се водат како останати финансиски приходи. Во самата годишна сметка нема објаснување од што точно потекнува оваа ставка. Дополнително, клубот има 36,9 илјади евра приход од камати и 1,1 илјада евра од курсни разлики.

    И, токму финансискиот резултат има големо влијание врз добивката. Наспроти приходот од 3,22 милиони евра се расходите што лани изнесувале 3,19 милиони евра. Оттаму и малата разлика, од околу 25,7 илјади евра, меѓу инкасираните и потрошените пари.

    Расходите од работењето, пак, скокнале од 227,3 илјади на 3,19 милиони евра, односно лани биле повеќе од 14 пати повисоки отколку една година претходно. Притоа, во структурата на издатоците доминираат „останати трошоци од работењето“ со 2,4 милиони евра.

    Меѓу поконкретните расходи се издвојуваат 165,7 илјади евра за закупи на деловни простории, 79 илјади евра за репрезентација, 75,6 илјади евра за надворешни услуги, 21,1 илјада евра за електрична енергија и 9,2 илјади евра за банкарски услуги.

    Освен тоа, Вардар потрошил и 130 илјади евра за казни, пенали, надоместоци за штети и друго.

    Трошоците за вработените изнесуваат 238,4 илјади евра. Од нив, 153,5 илјади евра се нето-плати, околу 65,7 илјади евра се придонеси за задолжително социјално осигурување, а 11,2 илјади евра се даноци на плати. Просечниот број на вработени се зголемил од 23 на 25 лица.

    И покрај растот на приходот и добивката, билансот на состојба покажува големо намалување на активата ‒ се стопила за 81 насто. Вкупната актива на Вардар на крајот од 2025 година изнесувала само 157 илјади евра. За споредба, на крајот од 2024 година сумата изнесувала 825 илјади евра.

    Особено големо намалување има кај тековните средства, кои паднале од 771,5 илјади на 58,4 илјади евра. Краткорочните побарувања се намалиле од 539,5 илјади на 3,5 илјади евра, а паричните средства од 231,7 илјади на 54,8 илјади евра, односно за повеќе од три четвртини.

    Од друга страна, нетековните средства се зголемиле од 53,5 илјади на 98,7 илјади евра.

    На страната на пасивата, Вардар има вкупни обврски од 5,13 милиони евра. Сите се прикажани како краткорочни. Иако износот е намален во однос на состојбата од 2024 година и тогашните 6,43 милиони евра, сепак обврските и натаму се повеќе од 32 пати поголеми од вкупната актива.

    Најголемиот дел се однесува на обврските по заеми и кредити од речиси 3 милиони евра.

    Исто така, без оглед на ланскиот позитивен резултат, капиталот и резервите на клубот и натаму се во длабок минус. Негативната вредност изнесува околу 4,97 милиони евра.

    Во билансот е прикажана пренесена загуба од 6,41 милион евра. Акумулираната добивка е во износ од 757,2 илјади евра.

    Играчите на Вардар речиси осум децении го креваат адреналинот на страствените навивачи, кои остануваат приврзани кон црвено-црниот дрес и во периодите на големи клупски падови и турбуленции. Клубот и натаму носи значителен финансиски товар наследен од претходните години. Само пред неколку дена Вардар на УЕФА ѝ плати 250 илјади евра казна, а на својата веб-страница наведе дека таа е последица на манипулации, фалсификати и други неправилности од минатото. Мечот за целосна стабилизација сè уште трае, а неизвесно е кога ќе заврши.

    M.A.

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично