
Маркетингот одамна не е само комуникација и управување со брендови. Неговата улога денес е да ги поврзе потрошувачките потреби, иновациите, портфолиото и сите функции во компанијата во заедничка стратегија за одржлив бизнис раст. Ова беше централната порака на Полексена Јанкуловска, регионален маркетинг менаџер во Имлек Група и Бимилк, на 12. FMCG Summit.
Со предавањето „Од градење брендови до градење бизнис – Новата улога на маркетингот во FMCG“, Јанкуловска понуди перспектива за еволуцијата на маркетингот низ повеќе од една деценија, поткрепена со пазарни трендови, практични искуства и научени лекции од млечната индустрија.
Денешниот потрошувач има поголем избор, повеќе информации и нови критериуми при купувањето. Цената останува важна, но сè поголемо значење има вредноста што производот ја нуди. „Не зборуваме за потрошувач кој повеќе не гледа цена. Зборуваме за потрошувач кој сè повеќе бара оправдување за цената што ја плаќа. Бидејќи на крајот, не е доволно производот да биде добар. Потрошувачот треба да препознае зошто е добар токму за него“, истакна Јанкуловска.
Fit и Grekos: Зошто добрата идеја не е секогаш доволна?
Осврнувајќи се на личната бизнис-приказна за Fit крем јогуртот и неговата споредба со развојот на Grekos, Јанкуловска ја отвори дилемата дали производ што одлично ги препознава глобалните трендови нужно ќе биде прифатен и на локалниот пазар во одреден период. Иако концептот на Fit, неговите придобивки и комуникацијата би биле релевантни и денес, тогаш пазарот не покажал доволна подготвеност за развој со очекуваната динамика.
„Да препознаеме тренд пред другите и да имаме релевантна комуникација не значи автоматски дека ќе постигнеме пазарен успех“, истакна Јанкуловска.
Примерот ја отвори и темата за реалните предизвици во млечната индустрија, ладниот ланец, роковите на траење, ограничениот простор во продажните објекти и потребата иновациите да бидат економски одржливи за сите учесници: „Не е доволно маркетингот да биде убеден дека една идеја има иднина. Потребно е таа идеја да може да создаде вредност за сите што треба да ја поддржат на патот до потрошувачот“, објасни Јанкуловска.
Од поединечни производи до долгорочни иновациски платформи
Јанкуловска ја нагласи и потребата компаниите да размислуваат подалеку од следното лансирање. „Не е прашањето само што ќе лансираме следно, туку што сакаме да изградиме за пет години.“
Наместо развој на неповрзани производи, таа го истакна значењето на иновациските платформи засновани на конкретни потрошувачки потреби, со јасна долгорочна насока, заеднички организациски приоритети и мерлив придонес кон волуменот, маржата и профитабилноста.
Маркетингот како конектор на целиот бизнис
Јанкуловска ја повика стручната јавност да размисли како би ги организирала своите компании доколку денес ги создава од почеток. Како практичен предизвик, предложи тимовите да идентификуваат што треба да престанат да прават, што треба да почнат да градат и кои конкретни промени би создале најголема деловна вредност.
„И можеби токму ова е најдобриот начин да ја разбереме новата улога на маркетингот. Не како функција што самостојно ги има сите одговори, туку како функција што ги поврзува вистинските луѓе, околу вистинските прашања, за заедно да градат одржлив бизнис раст.“
Со оваа порака, Јанкуловска го заокружи излагањето нагласувајќи дека градењето силен бренд останува темел, но вистинскиот деловен успех бара заедничка визија и придонес од целата организација.
„Силен бренд градиме за потрошувачот, а силен бизнис градиме сите заедно.“
Аналитика








