ПОВЕЌЕ

    Шахбаз: Денешниот клиент не бара само банка, туку брзо и едноставно дигитално искуство

    Време зa читање: 5 минути

    Добивката и големината повеќе нема да бидат доволни за една банка да биде успешна. Во следните десет години предност ќе имаат финансиските институции што најбрзо учат, најодговорно инвестираат и најдобро се приспособуваат на промените. Во свет во кој еден глобален настан за само неколку недели може да ги промени очекувањата на пазарите, однесувањето на клиентите и приоритетите на финансиските институции, банките веќе не можат само да реагираат, од нив се очекува да ја предвидуваат промената.

    Ова беше една од главните пораки на Фатих Шахбаз, главен извршен директор на Халкбанк, во неговото обраќање на конференцијата на Македонската берза.

    Според Шахбаз, банкарството веќе функционира во средина во која глобалните промени не се прашање на некоја далечна иднина, туку секојдневна реалност.

    Во минатото, посочи тој, економските циклуси се менувале во текот на години, додека денес еден настан со глобално влијание може за неколку недели да ги промени пазарните очекувања и однесувањето на клиентите.

    „Банките веќе не се само чувари на капиталот. Тие се основен двигател на економскиот раст, извор на стабилност и партнер на компаниите и клиентите во бурни и непредвидливи времиња“, порача Шахбаз.

    Поради тоа, успехот на една банка, според него, повеќе не може да се оценува единствено преку нејзиниот биланс. Сè поважни стануваат способноста навреме да се препознаат промените, да се управува со ризиците и истовремено да се создаваат нови можности за клиентите.

    Банкарскиот сектор во изминатите години, рече Шахбаз, покажа дека може да биде отпорен, банките ја зачуваа ликвидноста, продолжија да ја финансираат економијата и ја одржаа довербата и во периоди на значителна неизвесност.

    Но, според него, самата отпорност повеќе не е доволна.

    „Во наредните 10 години клучниот фактор нема да биде добивката на најголемите институции. Следната декада ќе ја одбележат институциите кои најбрзо учат, најодговорно инвестираат и најдобро се прилагодуваат“, нагласи Шахбаз.

    Вештачката интелигенција го менува банкарството, но технологијата мора да им служи на луѓето

    Една од најголемите промени веќе се случува преку технологијата и вештачката интелигенција. Шахбаз посочи дека ВИ го менува начинот на кој банките го анализираат кредитниот ризик, ги откриваат измамите, управуваат со ликвидноста и ги персонализираат услугите.

    Истовремено, се менуваат и очекувањата на клиентите. Тие, според него, повеќе не ги споредуваат банките само со други банки. Нивниот стандард стануваат дигиталните искуства што ги добиваат и во други индустрии, поради што очекуваат банкарските услуги да бидат едноставни, брзи, доверливи и постојано достапни.

    Но, паралелно со забрзаната дигитализација, банките мора сè повеќе да инвестираат и во заштитата на своите системи и клиентите.

    „Сајбер-безбедноста не е само проблем на информатичката технологија. Тоа веќе е наш деловен приоритет, но истовремено и прашање на доверба и одговорност на највисокото раководство“, нагласи Шахбаз.

    Западен Балкан, како што вели тој, се соочува со голем дел од истите предизвици со кои се соочуваат и развиените пазари, инфлациски притисоци, геополитичка неизвесност, демографски промени и потреба од забрзана енергетска транзиција.

    Но, регионот има и свои предности.

    Шахбаз ги издвои флексибилноста, претприемачкиот дух и силната желба за напредок, кои, доколку правилно се насочат, можат да бидат значаен двигател на економскиот раст.

    Во Халкбанк, рече тој, глобалните и регионалните промени не ги гледаат само како ризик, туку и како можност за изградба на подобра, помодерна и поодговорна банка.

    Пристапот на банката го темелат на три столба: луѓето, поддршката на реалната економија и одржливоста.

    Иако Халкбанк инвестира значителни средства во дигитализација и напредни технолошки решенија, Шахбаз истакна дека технологијата сама по себе не претставува стратегија.

    „Нејзината вистинска вредност се согледува во тоа дали им го олеснува животот на клиентите, дали ги прави нивните трансакции поефикасни и дали им овозможува посигурно да донесуваат финансиски одлуки.“, додава Шахбаз.

    Филозофијата, нагласи тој, е технологијата да им служи на луѓето, а не да ги оддалечува од банката.

    „’Луѓето се важни’ за нас не е само слоган. Тоа е принцип според кој ги носиме нашите одлуки и ја водиме банката низ процесот на промени. Во свет во кој услугите сè повеќе се автоматизираат, емпатијата, довербата и личните односи стануваат уште повредни“, рече Шахбаз.

    Малите и средните компании како носечка сила на економијата

    Вториот столб на кој се потпира стратегијата на Халкбанк е поддршката на реалната економија.

    Шахбаз вели дека глобалните синџири на снабдување продолжуваат да се менуваат, додека компаниите работат во услови на повисоки трошоци, неизвесна побарувачка и забрзана трансформација. Во такви услови на компаниите не им е потребна банка што ќе биде покрај нив само кога условите се поволни.

    „Тие имаат потреба од партнер кој го разбира нивниот бизнис, размислува долгорочно и останува покрај нив дури и кога условите стануваат посложени.“

    Халкбанк, нагласи Шахбаз, останува посветена на малите и средните претпријатија, кои ги опиша како носечка сила на економијата. Тие создаваат работни места, поттикнуваат иновации и ги поддржуваат локалните заедници.

    „Кога тие инвестираат, економијата расте. Кога се соочуваат со предизвици, наша одговорност е да им обезбедиме знаење, флексибилност, сигурност и долгорочно партнерство“, рече Шахбаз.

    Третиот столб е одржливоста. Според него, зеленото финансирање и одржливоста повеќе не можат да се третираат како привремен тренд, туку како економска и деловна реалност. Енергетската транзиција ќе бара значителен капитал, нови технологии и тесна соработка меѓу финансискиот сектор, компаниите и институциите.

    Како што вели, Халкбанк учествува во овој процес преку финансирање проекти за обновлива енергија, енергетска ефикасност и одржлив развој.

    Но, одржливоста, според него, не завршува со финансирањето. Таа подразбира одговорно управување, долгорочно размислување и свест дека одлуките што се носат денес ќе имаат последици и за идните генерации.

    На крајот од обраќањето тој нагласи дека банките не можат да ги контролираат сите глобални промени, но можат да изберат како ќе одговорат на нив.

    „Нашата задача не е само да ја следиме иднината на банкарството. Нашата задача е активно да ја создаваме“, порача Шахбаз.

    Р.П.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично