
Пазарот на капитал не треба да се гледа како конкурент на банкарското кредитирање, туку како неопходно дополнување на традиционалните извори на финансирање. Банкарските кредити остануваат важен извор на средства за компаниите, но инструментите на пазарот на капитал можат да понудат дополнителни можности, особено кога станува збор за поризични, иновативни и развојни проекти.
Поголемата разновидност на изворите од кои компаниите можат да обезбедат средства значи и помала зависност од еден канал на финансирање. Истовремено, диверзификацијата може да придонесе за намалување на трошоците за обезбедување капитал, што е особено значајно за малите и средните претпријатија. Од друга страна, заштедите на граѓаните и компаниите можат преку пазарот на капитал да добијат дополнителна можност да бидат претворени во инвестиции.
Токму на оваа улога на пазарот на капитал се осврна Бујаре Абази, претседателка на Комисијата за хартии од вредност, во своето обраќање по повод 25-годишнината од годишната конференција на Македонската берза.
Абази нагласи дека четврт век традиција претставува значаен период за домашниот пазар на капитал и можност да се согледаат предизвиците што следуваат.
Во фокусот на нејзиното обраќање беа довербата на инвеститорите, усогласувањето со европските стандарди, активирањето на домашниот капитал и потребата од понатамошен развој на македонскиот пазар на капитал.
„Пазарите се менуваат, технологијата напредува, но довербата во пазарот и пазарните учесници останува да биде највредниот капитал за кој сите треба да се бориме да го задржиме. Многу пати сме кажале дека тоа е нашето јавно добро“, истакна Абази.
Таа посочи дека новите европски регулативи веќе не се далечен тренд, туку реалност која директно ја обликува домашната економија.
Според неа, Комисијата за хартии од вредност, како една од клучните институции на финансиската стабилност, има јасна и одговорна мисија да го води пазарот низ процесот на усогласување со стандардите на Европската Унија.
„Од една страна мора да изградиме регулаторна рамка која гарантира сигурност и доверба, а од друга страна да поттикнеме иновација и динамика на пазарот“, рече Абази.
Пасивниот капитал да се претвори во инвестиции
Претседателката на КХВ нагласи дека една од главните теми и на европските пазари е активирањето на пасивниот капитал, а дека овој предизвик е особено изразен и во Македонија.
Таа ја потенцираше потребата од „будење“ на пасивните милијарди денари.
„Граѓаните и компаниите располагаат со значителни заштеди и наша задача е да создадеме услови дел од тој капитал да препознае дополнителни можности за инвестирање преку пазарот на капитал“, рече Абази.
Според неа, преку едукација и отвореност треба да се покаже дека пазарот на капитал е пристапен, транспарентен и сигурен инструмент за долгорочна финансиска сигурност на граѓаните и компаниите.
Во тој контекст Абази нагласи дека пазарот на капитал не треба да се разбира како конкурент на банкарското кредитирање, туку како негово неопходно дополнување.
Инструментите на пазарот, посочи таа, се многу посоодветни за финансирање на поризични и иновативни проекти, додека диверзификацијата на изворите на финансирање треба да придонесе кон намалување на трошоците за обезбедување капитал, особено за малите и средните претпријатија.
Абази посочи и дека Македонија е мал пазар, но дека токму тука лежи можноста за поголема флексибилност и побрзо спроведување на реформите.
Во делот за европската интеграција, таа порача дека усогласувањето со ЕУ не смее да значи слепо наметнување административен товар.
„Наша цел се поедноставни, појасни и попропорционални правила“, истакна Абази, повикувајќи на продолжување на дијалогот и тесната соработка меѓу институциите и пазарните учесници.
Домашните инвеститори сè повеќе гледаат кон странските пазари
Абази се осврна и на однесувањето на домашните инвеститори, посочувајќи дека во последно време тие сè повеќе ги преферираат странските пазари и платформите за тргување.
„Познато е дека перцепцијата е реалност и тоа не треба да го занемаруваме. Познато е дека домашните инвеститори во последно време повеќе ги преферираат странските пазари и платформите за тргување“, рече Абази.
Таа нагласи дека ризикот од повлекување на инвеститорите треба да се сведе на минимум, а за тоа е потребен ангажман на креаторите на политиките, регулаторот, пазарната инфраструктура, овластените учесници, акционерските друштва и останатите засегнати страни.
Целта, според неа, не е само да се задржат постојните инвеститори и да се вратат оние што заминале, туку и да се привлечат нови.
Абази истакна дека следната развојна фаза на домашниот пазар на капитал треба да биде поттикната и од новата законска регулатива.
„Комисијата за хартии од вредност ниту може, ниту треба да го изоди овој пат сама. Ни треба силно партнерство, ни треба поддршка од Министерството за финансии, ни треба отворен и континуиран дијалог со овластените учесници, со компаниите и со инвеститорите“, рече таа.
На крајот порача дека целта не треба да биде само пазар што функционира, туку пазар што расте.
„Нашата амбиција мора да биде пазар што расте. Пазар што ќе ги претвори заштедите во инвестиции, регулативата во доверба, а довербата во развој. И конечно, пазар на кој граѓаните му веруваат, компаниите просперираат, а инвеститорите сакаат да останат.“
Р.П.
Аналитика








