Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во четвртокот соопшти дека очекува економијата на Северна Македонија да порасне за 3,3% во 2026 година, што претставува нагорна ревизија од 0,3 процентни поени во однос на јунската прогноза.
Се очекува растот благо да забави на 3,2% во 2027 година, наведе ЕБОР во својот најнов извештај „Регионални економски перспективи“.
Ограничениот фискален простор, преструктуирањето во европскиот автомобилски сектор и прекините во синџирите на снабдување поврзани со конфликтот на Блискиот Исток се клучните ризици кои би можеле негативно да влијаат на растот, додаде банката.
Во регионот на Западен Балкан, кој ги опфаќа Босна, Албанија, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, се очекува растот на БДП да забрза на 3% оваа година, по стапката од 2,6% во 2025 година, додека за 2027 година се прогнозира раст од 3,5%.
Влијанието врз трошоците за увоз варира меѓу економиите, при што Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Молдавија се соочуваат со најголеми зголемувања поради нивната голема зависност од увоз на енергенти и индиректната изложеност кон Блискиот Исток преку синџирите на снабдување со нафтени деривати.
Според најновиот извештај „Running dry“, економиите во регионите на ЕБОР во 2026 година се очекува да пораснат за 2,5 отсто, што е за 0,6 процентни поени помалку од јунската прогноза. За 2027 година Банката очекува забрзување на растот на 4 отсто.
Еден од најголемите ризици е енергијата. Цената на нафтата во текот на годината се искачи од околу 65 на повеќе од 100 долари за барел, додека природниот гас поскапе за повеќе од 70 отсто од февруари. Северна Македонија, заедно со Босна и Херцеговина и Молдавија, е меѓу земјите со најголемо зголемување на трошоците за увоз, поради високата зависност од увезена енергија и нафтени деривати.
Дополнителен притисок создава сушата. Во 2026 година дури 38 отсто од земјиштето во Централна Европа и балтичките држави било изложено на среден или висок ризик од земјоделска суша, наспроти просекот од 12 отсто од 2010 година. Ниското ниво на Дунав и Рајна го отежнува транспортот, а производството од хидроелектрани и нуклеарни централи е намалено за околу една третина.
Истовремено, прекините во извозот на жито преку Црното Море ги туркаат нагоре цените на храната. Пченицата е поскапена за повеќе од една третина, а ЕБОР очекува цените да останат високи до 2028 година. Просечната инфлација во регионите на Банката и натаму е околу 6 отсто.
За Западен Балкан, ЕБОР прогнозира раст од 3 отсто во 2026 година и 3,5 отсто во 2027 година, поттикнат од подобрата надворешна побарувачка, инвестициите и туризмот. Сепак, високите трошоци за енергија, сушата и поскапото финансирање остануваат значајни ризици за регионот.
БДП на Северна Македонија забележа раст од 3,5% во 2025 година.
(Фото: влез во управната зграда на ЕБОР во Лондон)
Аналитика








