ПОВЕЌЕ

    КРЕДИТИРАЊЕТО СИЛНА СТРАНА НА СТОПАНСКА БАНКА – Каматите основа на добивката од 56,4 милиони евра

    Време зa читање: 3 минути

    Нема прекин во линијата на успехот, на која се бележат резултатите од работењето на скопската Стопанска банка. Зголемената добивка за 47 проценти и бруто-износот од 3.852.932 илјади денари, односно 62,6 милиони евра, доволно кажуваат за сериозната улога што ја има на македонскиот банкарски простор.

    За ова достигнување од Банката велат дека е остварено во услови на „органски раст на активата“ од седум насто, па на последниот ден од ланскиот декември е на ниво од 2,1 милијарда евра.

    Нето или чистата добивка на Стопанска банка за 2023 година е во износ од 3.469.601 илјада денари, што е противвредност на речиси 56,4 милиони евра.

    Кредитирањето е силна страна на Стопанска банка. Од таа активност се инкасирани 5.734.319 илјади денари или 93,1 милион евра, заведени како нето-приходи од камати. За една година се големени за 1.530.047 илјади денари (близу 24,9 милиони евра). На ваквите движења на рака им одел трендот на раст присутен кај каматните стапки, но и проширената кредитна понуда, која се покажала како поволна за клиентите.

    Провизиите се вториот значаен извор на средства за банките. На скопската Стопанска, и покрај десетпроцентното намалување, провизиите и надоместоците и обезбедиле нето-приходи од 812.616 илјади денари (13,2 милиони евра).

    Од курсните разлики Банката е во плус од 2,36 милиони евра, а останатите приходи од дејноста и донеле 9,94 милиони евра.

    Од Стопанска банка се задоволни и поради тоа што во услови на ценовен раст и инфлаторни притисоци, успеале оперативните трошоци да ги држат под контрола преку политиката на оптимално управување. Зголемени се за 9,8 проценти и изнесуваат 2.170.129 илјади денари/35,26 милиони евра. Во тој сегмент спаѓаат и трошоците за вработените од 17,29 милиони евра, кои за една година се поместиле за 11 проценти.

     Стопанска се смета за банка со најголема кредитна активност, која се мери со речиси 1,5 милијарди и во однос на 2022 година бележи зголемување од седум насто. А, кредитите и побарувањата од банките имаат раст од 10 проценти и изнесуваат 5,3 милиони евра.

    Исто така, Банката располага и со солидна депозитна база од 100.457.389 илјади денари или 1,63 милијарди евра.

    Што се однесува до кредитите и депозитите, од Банката очекуваат годинава да прикажат раст од седум, односно осум проценти.

    Оваа 2024 е јубилејна за Стопанска банка, одбележува 80 години постоење. Оттаму и најавите за бројни новитети наменети за клиентите, соработниците и за пошироката заедница.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично