ПОВЕЌЕ

    Граѓаните штедат за „црни денови“: Под перница којзнае колку, но во банките има 7,51 милијарда евра

    Време зa читање: 5 минути

    Штедливоста и рационалниот однос кон парите без оглед на длабочината на џебот, се сметаат за карактеристична особеност на македонските домаќинства. За оваа, веќе традиционална претстава, има и официјална потврда. Парите во банките растат. На личните сметки од граѓаните има 7,51 милијарда евра.

    На Светскиот ден на штедењето, 31 Октомври, бројките покажуваат дека и покрај месечните осцилации, трендот и во 2026 година е позитивен. Вкупната депозитна база во септември се приближи до 11,2 милијарди евра, наспроти почетните 10,65 милијарди евра регистрирани во јануари.

    Кај населението движењата се поумерени, но континуирани. Од околу 7,2 милијарди евра на почетокот од годината, заштедите на граѓаните до септември се зголемиле на 7,51 милијарда евра.

    Притоа, не се зголемува само износот на парите доверени на домашните банки. Во повеќето од изминатите месеци е забележливо и поместување кон денарското штедење и подолги рокови на орочување.

    Порталот Пари, со помош на податоците што редовно ги објавува Народната банка, направи кус преглед на месечните промени кај вкупните депозити и кај заштедите на граѓаните. Очигледно е дека во одделни периоди, пред по празнични, заштедите се осипуваат. Но, и се надоместуваат и надградуваат: од јануари до септември нивниот заеднички износ не опаднал под прагот на 7,2 милијарди евра.

    Јануари: старт со 10,65 милијарди евра – Во тој износ уделот на граѓаните бил токму толкав, 7,2 милијарди евра. На месечно ниво било нотирано мало повлекување од 0,4 отсто, главно поради намалување на депозитните пари. И покрај тоа, на годишна основа депозитите на населението биле повисоки за 11,3 насто.

    Февруари: граѓаните се враќаат кон штедење – На крајот од вториот месец вкупната депозитна база изнесувала 10,64 милијарди евра. Депозитите на домаќинствата се зголемиле на 7,26 милијарди евра, што значи месечен раст од 0,8 насто и годишен од 11,4 насто. Исто така, тогаш била забележана и посилна ориентација кон штедењето во домашна валута и интерес за поголема рочност.

    Март: повлекување пари од сметките – Вкупните депозити се зголемиле на 10,8 милијарди евра. Но, кај парите од граѓаните повторно има месечен пад од 0,4 отсто. Банкарските сметки биле олеснети за 31,8 милиони евра, па депозитите на населението се вратиле на нивото од околу 7,2 милијарди евра. Според Народната банка, тоа намалување целосно произлегло од падот на депозитните пари и краткорочните денарски депозити.

    Април: домаќинствата го држат растот – Главно како резултат на пониските корпоративни депозити, вкупните депозити се намалиле за 1,4 отсто во однос на март, Сепак, на годишна основа тие биле повисоки за 9,3 насто, а износот достигнал 10,68 милијарди евра. Кај домаќинствата, пак, сликата е поинаква. Нивните заштеди се искачиле на 7,34 милијарди евра, со месечен раст од 1,6 и годишен од 10,5 насто. Најголем придонес имале денарските, како и краткорочните и долгорочните орочени депозити.

    Мај: повторно угоре – Нивото на вкупните депозити е 10,76 милијарди евра. Депозитите на домаќинствата зафаќаат 7,35 милијарди евра. Или, по мартовското повлекување, граѓанските заштеди одново се вратиле на угорната патека.

    Јуни: депозитите на чекор до 11 милијарди евра – Шеститот месец носи едно од поголемите зголемувања во првата половина од годината. Граѓаните и компаниите депонирале дополнителни 224 милиони евра, со што вкупните депозити достигнале 10,98 милијарди евра. Кај домаќинствата растот бил за за 0,7 насто и нивните средства се во износ од 7,4 милијарди евра. Во овој период нараснале долгорочните депозити и депозитните пари, а годишниот раст на заштедите на населението изнесувал 10,5 насто.

    Јули: граѓаните штедат уште повеќе – И во овој летен месец бизнисите биле причина за благото намалување на депозитната база, која изнесувала 10,94 милијарди евра. На месечно ниво падот изнесувал 0,4 отсто, но на годишно ниво депозитите и натаму биле повисоки за 8,8 насто. Спротивно на тоа, граѓаните продолжиле да штедат. Нивните депозити достигнале 7,52 милијарди евра. Тоа било зголемување од 1,6 насто за еден месец и дури 11,1 насто за една година.

    Август: на домаќинствата им требаат пари – До крајот на август во банкарскиот систем веќе имало над 11,1 милијарда евра депозити, зад кои стои месечен раст од 1,6 насто и годишен од 9 насто. Тоа, по заслуга на компаниите. Зашто, депозитите на домаќинствата се намалиле за 0,4 отсто во однос на јули, на 7,49 милијарди евра. Сепак, во споредба со август претходната година, тие биле повисоки за 10,2 насто.

    Септември: „касичките“ се полнат – Во текот на септември вкупните депозити се приближиле до 11,2 милијарди евра. Месечното зголемување изнесувало 0,4 насто, а годишното 9,2 насто, при што главниот збор го имале домаќинствата. Граѓаните на крајот од септември во банките чувале 7,51 милијарда евра. На месечна основа нивните депозити се зголемиле за 0,3 насто, што се образложува со повисоките краткорочни девизни депозити и долгорочните депозити, но и со зголемените краткорочни денарски депозити. Исто така, орочените депозити на домаќинствата се зголемиле за 0,8 насто месечно и за 5,7 насто годишно.

    Бројките велат – граѓаните им веруваат на банките. И сѐ повеќе имаат доверба во денарот, иако еврото има третман на „наша“, а швајцарскиот франк и американскиот долар на сигурна валута.

    Токму затоа Светскиот ден на штедењето Македонија го дочекува со повеќе пари во банките и со граѓани кои, и покрај повременото повлекување средства, продолжуваат да ја зголемуваат својата банкарска заштеда.

    (Илустрација генерирана со вештачка интелигенција)

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично