ПОВЕЌЕ

    Што се случува со Oracle – од софтверски гигант до залог од стотици милијарди долари на AI

    Време зa читање: 7 минути

    Една од технолошките компании во врвот, американскиот гигант Oracle испрати известување за виша сила до инвеститорот на „Проект Јупитер“ (Project Jupiter) – комплекс од центри за податоци на Stargate во Ново Мексико, објави Блумберг.

    Одредбите за виша сила, кои се вообичаени во договорите за енергија и суровини, ја ослободуваат договорната страна од нејзините обврски доколку настанат околности надвор од нејзина контрола. Според изворите на Блумберг, Oracle не планира да се повлече како главен закупец на комплексот. Наместо тоа, известувањето би ѝ овозможило на компанијата да ги одложи плаќањата доколку објектот не биде пуштен во употреба до планираниот рок во 2028 година.

    Oracle со децении беше синоним за бази на податоци и корпоративен софтвер. Денес, компанијата на Лари Елисон сè повеќе личи на огромна инфраструктурна компанија која прави еден од најскапите облози во технолошката индустрија – дека побарувачката за вештачка интелигенција ќе продолжи да расте доволно брзо за да ги оправда десетиците милијарди долари што се вложуваат во дата-центри, чипови и електрична енергија.

    На прв поглед, бројките му одат во прилог на Oracle.

    Во првиот квартал од фискалната 2027 година компанијата оствари 19,3 милијарди долари приходи, 30 проценти повеќе од една година претходно. Cloud приходите се зголемија за 62 проценти, на 11,6 милијарди долари, а најсилниот раст доаѓа од cloud инфраструктурата, каде приходите скокнаа за дури 121 процент, на 7,4 милијарди долари.

    Уште повпечатлива е вредноста на веќе договорените, но сè уште нереализирани приходи – таканаречените Remaining Performance Obligations, или RPO. Тие достигнаа 664 милијарди долари. Само во последниот квартал Oracle потпишал повеќе од 30 милијарди долари нови договори за AI cloud услуги. Компанијата отворено вели дека побарувачката за нејзините услуги за тренирање и користење AI модели расте побрзо од расположливиот капацитет.

    Но, тука завршува позитивниот дел од приказната. Проблемот е што за да ги претвори тие договори во реални приходи, Oracle мора прво да ја изгради инфраструктурата.

    Само во последниот квартал компанијата испорача дополнителни 850 мегавати дата-центарски капацитет и повеќе од 300.000 графички процесори – GPU за своите cloud клиенти. Капиталните расходи во кварталот достигнаа 28,5 милијарди долари.

    Како последица на тоа, и покрај силниот оперативен бизнис, Oracle има негативен слободен паричен тек. Во последниот квартал free cash flow изнесувал околу минус 5,4 милијарди долари. Тоа, сепак, беше значително подобро од очекувањата на аналитичарите за минус 9,6 милијарди долари и беше една од причините зошто пазарот позитивно ги прими последните резултати.

    Токму тука започнува дилемата на инвеститорите: Oracle расте брзо, но мора однапред да потроши огромни суми за раст кој ќе се монетизира во следните години.

    Компанијата во фискалната 2026 година собра околу 43 милијарди долари преку задолжување и пет милијарди долари преку издавање акции. За фискалната 2027 година Oracle најави дека планира дополнително финансирање од околу 40 милијарди долари, преку комбинација од долг и капитал.

    Само во првиот квартал веќе беа продадени нови акции во вредност од 20 милијарди долари.

    Известувањето за виша сила доаѓа во момент кога изградбата на центри за податоци за вештачка интелигенција се соочува со зголемен надзор на национално ниво, а инвеститорите преземаат огромни трошоци за да изградат капацитети за клиенти како OpenAI.

    „Проект Јупитер“ е еден од водечките проекти во рамките на „Старгејт“ (Stargate) – иницијативата за инфраструктура за вештачка интелигенција што Oracle, OpenAI и SoftBank ја најавија заедно со претседателот Доналд Трамп на почетокот на неговиот втор мандат.

    Од Oracle тврдат дека не очекуваат одложување. „Проектот Јупитер се одвива според планираниот распоред“, изјавија од Oracle за CNBC. „Целосно сме посветени на Њу Мексико и имаме доверба во нашиот понатамошен пат.“

    Сепак, известувањето следи по низата потешкотии на локацијата, од кои многу се поврзани со снабдувањето со енергија. Кампусот, дизајниран да поддржи капацитет од 2,45 гигавати, треба да работи со помош на горивни ќелии на гас од компанијата Bloom Energy, што го прави сигурното снабдување со гас клучен фактор за временскиот план на проектот.

    ПАРТНЕРСТВО СО ОПЕНАИ – МОЖНОСТ, НО И РИЗИК

    Во центарот на трансформацијата на Oracle е неговото партнерство со OpenAI.

    Минатата година беше објавено дека OpenAI треба да купи околу 300 милијарди долари cloud computing капацитет од Oracle во период од приближно пет години, еден од најголемите договори од ваков тип досега.

    Oracle истовремено е еден од клучните партнери во проектот Stargate, амбициозната AI инфраструктурна иницијатива поврзана со OpenAI и SoftBank. Oracle и OpenAI најавија проширување за дополнителни 4,5 гигавати дата-центарски капацитет, со што вкупниот капацитет во развој требаше да надмине пет гигавати и да користи повеќе од два милиони чипови.

    Тоа е потенцијално огромен извор на приходи, но истовремено создава и концентрација на ризик. Доколку инвестициите на OpenAI во пресметковна моќ се намалат, доколку изградбата на дата-центрите доцни или ако економиката на AI моделите се покаже послаба од очекуваното, дел од инвестициите на Oracle би можеле да носат пониски приноси од планираните.

    Акцијата на Oracle, и покрај силните оперативни резултати, до средината на септември беше околу 23 проценти во минус од почетокот на годината, бидејќи пазарот веќе почна посериозно да го цени тој ризик. Инвеститорите најмногу беа загрижени поради огромните капитални расходи и нивното влијание врз готовината и задолженоста.

    Во јули S&P Global го намали кредитниот рејтинг на Oracle, наведувајќи ги слабиот паричен тек и зголемениот деловен ризик како причини за одлуката.

    Уште поинтересна слика се гледа кога ќе се земат предвид идните договори за закуп на дата-центри.

    Според анализа на Reuters, Oracle има околу 260 милијарди долари обврски по договори за закуп што сè уште не започнале, главно поврзани со дата-центри. Тоа е речиси седум пати повеќе од моментално признаените lease liabilities на компанијата.

    Овие 260 милијарди долари не се класичен долг и не можат едноставно да се додадат на задолженоста. Но тие покажуваат колкав капацитет Oracle веќе има договорено за иднината и колку голема станува финансиската изложеност доколку побарувачката за AI инфраструктура не ги исполни сегашните очекувања.

    Дополнителен сигнал дојде и од кредитниот пазар. Долг од околу 18 милијарди долари поврзан со дата-центарскиот проект „Jupiter“ во Ново Мексико се тргуваше под номиналната вредност, во услови на зголемена претпазливост на инвеститорите кон задолжувањето поврзано со AI инфраструктура.

    Сепак, има важен елемент кој ја менува сликата – Oracle сè повеќе склучува договори според кои клиентите однапред плаќаат дел од инфраструктурата или самите обезбедуваат хардвер. Во последниот квартал околу 11,36 милијарди долари од капиталните расходи биле покриени со авансни плаќања од клиенти. Финансискиот директор на компанијата изјави дека најголем дел од новите AI нарачки се структурирани со претплата, со хардвер обезбеден од клиентите или преку слични модели, поради што тие не бараат дополнителен капитал од Oracle.

    ТРАНСФОРМАЦИЈАТА НА ORACLE

    Традиционалниот software бизнис веќе не е главниот мотор на растот. Во последниот квартал приходите од софтвер паднаа за три проценти, додека cloud инфраструктурата порасна 121 процент.

    Oracle практично се обидува да направи нешто што пред неколку години изгледаше малку веројатно – да стане сериозен конкурент на Amazon Web Services, Microsoft Azure и Google Cloud токму во моментот кога AI ја зголемува вредноста на пресметковната инфраструктура.

    Предноста на Oracle е што пристигнува во AI трката со долгогодишни односи со најголемите светски корпорации, огромна база на корисници на неговите бази на податоци и сè поголем број директни AI инфраструктурни договори.

    Недостатокот е што Amazon, Microsoft и Alphabet имаат далеку поголеми и поразновидни бизниси и можат полесно да финансираат огромни капитални расходи од сопствениот паричен тек.

    Токму затоа пазарот кон Oracle моментално го проценува врз основ на два подеднакво важни параметри – како компанија покажува раст од над 100 проценти во cloud инфраструктурата и има договорени идни приходи од 664 милијарди долари, но, која, за да ги реализира тие приходи мора да вложи историски високи износи во дата-центри, чипови и енергија, енормно зголемувајќи ја задолженоста.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично