
Ако некогаш текстилната индустрија важеше за најниско платена, па дури имаше и посебна, пониска минимална плата за неа, денес состојбата малку се измени. Според податоците од Државниот завод за статистика, просечната нето-плата во производството на текстил во јули била 43.274 денари, а во производството на облека – 31.999 денари. Платите се зголемени во однос на ланскиот јули – во производството на текстил за 3,9 насто, а на облека за 9 насто. Сепак, во помалку платената дејност – производство на облека, има повеќе фирми, а и повеќе вработени. Според последните податоци од Државниот завод за статистика, кои се за 2024 година, во дејноста производство на облека имало 744 фирми со 15.956 вработени и промет од речиси 260 милиони евра, додека во производство на текстил имало 201 претпријатие со 5.743 вработени и промет од речиси 172 милиони евра.
Порталот „Пари“ направи анализа на податоците за просечните нето-плати по дејности и ги побара најниските и највисоките плати, како и медијалната, односно платата што е на средина на долгиот список од 96 дејности.
На средината од списокот, како нето-медијална плата по дејност е платата во Други лични услужни дејности и изнесувала 46.666 денари, што е 2,2 насто повеќе отколку во јули 2025 година.
КОМПЈУТЕРИТЕ ПРОГРАМИРААТ НЕТО-ИЗНОС ОД РЕЧИСИ 2.000 ЕВРА
Очекувано, највисоката просечна нето-плата е во дејноста Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности и во јули изнесувала 111.521 денар. Тоа е раст од 8,6 насто во однос на лани.
На второ место по висина е просечната нето-плата во дејноста Производство на машини и уреди, неспомнати на друго место. Просекот е 87.040 денари.
На трето место по висина е просечната нето-плата во дејноста Научно истражување и развој. Таму просекот е 86.747 денари.
Во дејноста Финансиско-услужни дејности, освен осигурување и пензиски фондови просекот е 71.568 денари.
Со над 70.000 денари е и дејноста Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати. Таму просекот е 70.187 денари.
Синдикалната кошница во јули беше пресметана во износ од 68.498 денари, а ако треба да се плати и кирија, тогаш пресметката е подигната на 83.800 денари.
Само во 5 дејности, со просечната нето-плата од над 70.000 денари може да се покрие синдикалната кошница (ако не треба да се плаќа кирија).
Вкупно 14 дејности имаат просечна нето-плата над 60.000 денари (во нив се и овие 5 со плата над 70.000 денари).

ПРОСЕЦИ ДАЛЕКУ ОД РЕПУБЛИЧКИОТ ПРОСЕК
Просечната нето-плата во државава во јули изнесувала 48.499 денари. Платите во 10-те дејности со најниски просечни нето-плати се далеку од републичкиот просек и се движат од 27.457 денари во дејноста Заштитни и истражни дејности до 34.286 во дејноста Ветеринарни дејности, што е изненадувачки низок износ за дејност што бара висока стручност.
Сепак, иако не е најниска, меѓу најниските е и платата во секторот Производство на облека. Во оваа група се и кожарството, рибарството, но и вадењето јаглен и кокс, исклучително тешка работа.

Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








