
Колку повеќе фази од производството се извршуваат во Македонија, толку е поголема можноста домашните фабрики да создаваат дополнителна вредност, наместо да бидат само дел од процесот на составување готови производи. Во таа насока се движи и германската групација „Киел“, која во Тетово инвестира 1,5 милиони евра во нова, целосно автоматизирана линија за прашесто бојадисување метални компоненти. Инвестицијата е продолжение на проширувањето на производството на седишта за автобуси и возови, наменети за меѓународниот пазар.
Новата линија е поставена во производствениот капацитет во Технолошко-индустриската развојна зона во Тетово, а тестирањето е во завршна фаза. Со воведувањето на технологијата за површинска обработка, компанијата дополнително го проширува производствениот процес што го извршува во земјава.
„Киел Македонија“ работи од 2017 година, кога започна со првиот погон во Желино, а во 2024 година го прошири производството со втора фабрика во Тетово. Уште при отворањето на вториот објект, компанијата најави проширување на операциите со заварување и бојадисување. Досегашните инвестиции во производствениот капацитет во зоната надминуваат 11 милиони евра.
Во двата производствени капацитети се вработени околу 190 лица. На новата автоматизирана линија веќе се ангажирани петмина работници, а со нејзиното целосно ставање во функција се очекуваат можности за дополнителни вработувања. Конкретна бројка засега не е соопштена.
При посетата на фабриката, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши го истакна значењето на инвестицијата за проширувањето на производството и отворањето нови работни места. Тој посочи дека производите изработени во Македонија се дел од меѓународните производствени синџири на компании како „Сименс“, „Алстом“ и „Штадлер“.
За македонската индустрија, ваквите инвестиции имаат значење и надвор од самото зголемување на производствените капацитети. Воведувањето нови технологии и дополнителни производствени операции создава можности за развој на стручните вештини и поголема локална додадена вредност.
Колкав ќе биде ефектот од најновото вложување ќе зависи и од тоа колку ќе се зголеми обемот на производството и дали проширувањето ќе донесе нови работни места.
Аналитика








