ПОВЕЌЕ

    ЗАСИЛЕНАТА КРЕДИТНА АКТИВНОСТ ЈА ЗГОЛЕМИ ДОБИВКАТА НА НЛБ БАНКА – 52 милиони евра на крајот од 2023

    Време зa читање: 3 минути

    НЛБ банка со уште една потврда за силната пазарна позиција и уделот на домашниот банкарски простор. Зад себе има извонредни резултати со кои ја заврши минатата година. И повеќе признанија од Visa, од Црвениот крст, и повторно, по седми пат беше прогласена за „Најдобра банка во Македонија за 2022 година“ од страна на финансискиот магазин EMEA Finance. А, пред себе како цел – амбиции за повисоки достигнувања годинава, и покрај се уште присутните глобални неизвесности и ризици.

    Во дванаесетте месеци од минатата година, НЛБ банка оствари завидна нето-добивка од 3.216.860 илјади денари или 52,3 милиони евра. Во однос на крајот од 2022, бележи зголемување за 32,2 насто. Базирано на одобрените кредити, пред се на граѓаните, но и на фирмите – микро, мали и средни. Значаен придонес има и бројот на корисниците на платните сервиси, кој е во континуиран раст, покажуваат анализите на Банката.

    Во билансот на успех главното место го имаат нето-приходите реализирани од пресметните и наплатени камати. Кај НЛБ банка станува збор за износ од 64,5 милиони евра (3.970.355 илјади денари) и за поместување од 23,4 проценти во однос на состојбата од крајот на 2022 година. Во тие рамки, приливите од камати се повисоки за 27 насто. Како што наведуваат од Банката, „главно поради пораст на портфолиото во секторот домаќинства, како и пораст на референтните стапки“. Расходите, пак, за камати се повисоки за 67,2 проценти.

    Од провизии и надомести НЛБ банка инкасирала нето-износ од 1.325.171 илјада денари/21,5 милиони евра. Повисоки се за 5,2 насто споредено со претходната 2022.

    Кај останатите некаматни приходи се запишани 11,7 милиони евра и пад од 4,2 отсто.

    Оттаму, вкупните приходи од работењето на Банката во текот на минатата година се 97,8 милиони евра. Најмногу поради повисоките приливи од камати, се зголемиле за 15,1 процент.

    Наспроти тоа, оперативните трошоци пораснале за 13,6 насто и дошле до нивото од 42,2 милиони евра.

    Што се однесува до вкупните кредити (небанкарски сектор), тие се во износ од 1,2 милијарди евра. Кредитирањето е зголемено за 4,3 проценти. Тука е значајна улогата на населението, односно одобрените кредити во секторот домаќинства се со раст од 10,1 насто. Предничат потрошувачките и станбените кредити.

    НЛБ банка располага со вкупни депозити од 1,5 милијарди евра и во однос на крајот од 2022 година износот е поголем за 2,6 проценти. Банкарската анализа покажува дека и во овој сегмент големо е влијанието на граѓаните. Орочените депозити се зголемени за 9,9 насто.

    Банката и лани вложувала во хартии од вредност, но за 3,3 проценти помалку во однос на 2022. И тоа, поради понискиот степен на инвестирање во државните обврзници. Минатогодишната инвестиција е 257,6 илјади евра.

    Билансната сума со која НЛБ ја заврши 2023 година е 2,9 милијарди евра. Зголемена е за речиси 60,3 милиони евра, или за 3,3 насто во однос на состојбата од 31 декември 2022 година.

    Од НЛБ банка велат – и натаму делуваат во насока на поддршка на приватниот сектор, обезбедуваат поддршка на стопанството, а се потпора и на граѓаните.

    M.A.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично