
Светската економија сè повеќе зависи од технологија што истовремено ја доведува во прашање иднината на милиони работни места. Додека компаниите вложуваат огромни средства во вештачка интелигенција, центри за податоци и дигитална инфраструктура, сè поголем дел од работниците се соочуваат со неизвесност околу сопствената професионална иднина. Токму во оваа противречност се крие една од најважните пораки на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ): вештачката интелигенција денес помага светот да избегне посилно економско забавување, но нејзиното ширење би можело темелно да ги промени пазарот на трудот, распределбата на богатството и начинот на кој функционираат националните економии.
ММФ ја зголеми прогнозата за глобалниот економски раст во 2026 година од претходните 3 на 3,1 процент, и покрај енергетските потреси, геополитичките конфликти и високите трошоци за задолжување. За 2027 година се предвидува раст од 3,4 проценти. Сепак, зад ова умерено подобрување се крие значително понееднаква економска слика: светскиот раст во 2026 година и натаму ќе биде послаб од 3,5 проценти, колку што изнесувал во 2025 година, а придобивките од новиот технолошки бран не се распределуваат рамномерно.
Главниот двигател на подобрените очекувања не е традиционалната индустрија, ниту силното закрепнување на меѓународната трговија. Тоа се инвестициите во вештачка интелигенција, кои стануваат еден од најважните извори на економска активност во услови кога поскапувањето на енергенсите го притиска остатокот од светската економија.
Директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, на годишните средби на Фондот и Светската банка во Бангкок предупреди дека вештачката интелигенција претставува бавно цунами, чии последици допрва ќе станат видливи. Според проценките на институцијата, околу 40 проценти од работните места во светот со текот на времето ќе бидат засегнати од оваа технологија. Во развиените економии, каде што голем дел од работната сила е ангажиран во административни, аналитички и интелектуални професии, изложеноста може да достигне 60 проценти.
Тоа, сепак, не значи дека толкав процент од работните места ќе исчезнат. Дел од професиите ќе станат попродуктивни, други ќе претрпат значителни промени, а одредени работни задачи и позиции би можеле целосно да бидат заменети со автоматизирани системи.
Особено загрижувачки е што промените би можеле најсилно да ги почувствуваат младите луѓе кои допрва влегуваат на пазарот на трудот. Работните места што традиционално служеле како прв чекор во кариерата, од обработка на податоци и административна поддршка до основни аналитички и програмерски задачи, се меѓу активностите што најлесно можат да се автоматизираат.
Со тоа се отвора проблем што оди многу подалеку од евентуалното намалување на бројот на вработени. Ако компаниите почнат да ја намалуваат потребата од почетници, младите ќе имаат помалку можности да стекнат практично искуство, да напредуваат и да изградат кариера. На долг рок, ова може да го наруши и начинот на кој фирмите создаваат идни стручњаци и раководители.
Ваквите стравувања не се засноваат само на претпоставки. Истражување на ММФ за новите вештини на пазарот на трудот покажува дека во американските региони со поголема побарувачка за вештини поврзани со вештачката интелигенција, вработеноста во професиите што се силно изложени на оваа технологија, а имаат ограничени можности за нејзино дополнително искористување, била за 3,6 проценти пониска во споредба со други региони, пет години по појавата на таквата побарувачка.
Истовремено, работните огласи што бараат нови технолошки вештини нудат повисоки плати. Но, анализата укажува дека поголемата побарувачка конкретно за вештини поврзани со вештачката интелигенција засега не е придружена со општ раст на вработеноста. Со други зборови, технологијата може да ја зголеми вредноста на одредени работници, без нужно да создаде повеќе работни места.
Токму тука се појавува ризикот од продлабочување на економските нееднаквости. Работниците што ќе успеат да ги совладаат новите алатки можат да станат попродуктивни и подобро платени. Оние чии задачи лесно се автоматизираат, а немаат можност за преквалификација, би можеле да се соочат со стагнација на платите или со намалена побарувачка за нивната работа.
Ова особено ја отвора дилемата за иднината на средната класа. За разлика од претходните бранови автоматизација, кои главно ги менуваа фабричките и рутинските физички работни места, вештачката интелигенција навлегува и во професии што долго време се сметаа за релативно сигурни. Сметководството, финансиската анализа, правните услуги, информатичката индустрија и дел од административните функции веќе се соочуваат со промени во начинот на извршување на работните задачи.
Промените не се ограничени само на работниците. Тие создаваат и нова поделба меѓу државите.
Според ММФ, најголемите непосредни економски придобивки од инвестицискиот бран ги чувствуваат земјите што произведуваат чипови, електронски компоненти и опрема за дигитална инфраструктура. Покрај САД, значителна корист имаат и азиските економии, како Јужна Кореја, Малезија и Тајланд, кои се важни делови од глобалните технолошки синџири на снабдување.
Наспроти нив, земјите што увезуваат скапа енергија, а имаат ограничено учество во производството и примената на напредни технологии, се изложени на двоен притисок. Од една страна, ги чувствуваат последиците од повисоките трошоци за енергија, а од друга, добиваат помал дел од инвестициите што го поттикнуваат глобалниот раст.
Најновите проценки на ММФ покажуваат и колку е концентрирана светската економска експанзија: само 32 земји учествуваат со околу 95 проценти во глобалниот раст. Тоа е предупредување дека позитивната светска статистика не мора да значи и подобрување на економските услови во секоја држава.
Покрај нееднаквата распределба на економските придобивки, ММФ предупредува и на уште еден ризик: голем дел од сегашниот раст се потпира врз очекувањата дека вештачката интелигенција во иднина ќе донесе огромни заштеди и повисока продуктивност. Но, доколку тие очекувања не се остварат, инвестициите би можеле нагло да се намалат, а вредноста на технолошките компании да претрпи сериозна корекција.
Во едно од сценаријата на Фондот, побрзата примена на вештачката интелигенција би можела дополнително да го зголеми глобалниот БДП за 0,6 проценти до 2029 година. Во спротивното сценарио, разочарувањето од нејзините економски резултати, проследено со пад на инвестициите и финансиски потреси, би можело да го намали светското производство за 1,1 процент до 2028 година во однос на основната проекција.
Ова значи дека технологијата што денес ја ублажува економската неизвесност утре може да стане извор на нова нестабилност. Особено ако растот на берзанските вредности продолжи да се темели на очекувања за идни профити што компаниите нема да успеат да ги остварат.
Дополнителен проблем претставува и задолжувањето. Изградбата на инфраструктура за вештачка интелигенција бара огромен капитал, додека државите веќе се соочуваат со високи јавни долгови и поскапи извори на финансирање. Во такви услови, евентуално зголемување на каматните стапки или пад на довербата на инвеститорите би можеле да предизвикаат пошироки последици, далеку над технолошкиот сектор.
Неизвесноста ја зголемува и состојбата на енергетските пазари. Новите прогнози на ММФ се засноваат на просечна цена на нафтата од 96 долари за барел во 2026 година и 87 долари во 2027 година. Доколку конфликтот на Блискиот Исток дополнително се продлабочи и цената на нафтата достигне 130 долари за барел, светскиот раст би можел дополнително да ослаби, а инфлацијата повторно да забрза. Во такво неповолно сценарио, глобалната инфлација во 2027 година би можела да достигне 5,2 проценти.
Но, најдлабоката промена што ја најавува вештачката интелигенција можеби нема да се измери само преку економскиот раст или бројот на изгубени работни места. Таа би можела да го промени и односот меѓу трудот и капиталот.
Ако компаниите успеваат да создаваат поголема вредност со помалку работници, поголем дел од економските придобивки би можел да се концентрира кај сопствениците на технологијата и капиталот. Тоа отвора нови прашања за даночните системи, финансирањето на јавните услуги и одржливоста на социјалните модели што во голема мера зависат од приходите поврзани со вработувањето.
Сепак, вештачката интелигенција не мора нужно да значи помалку вработување. Нејзината примена може да отвори нови професии, да ја зголеми продуктивноста на постојните компании и да им овозможи на помалите бизниси пристап до алатки што досега биле достапни претежно за големите корпорации. Светската банка токму затоа го нагласува потенцијалот на помалите и практични решенија засновани на вештачка интелигенција, особено во земјоделството, здравството и другите дејности важни за економиите во развој.
Предизвикот за владите и компаниите ќе биде да обезбедат придобивките од технолошкиот напредок да не останат ограничени на мал број држави, корпорации и висококвалификувани работници.
Аналитика








