Просторот за одложување на реформите во пензискиот систем се стеснува. Линеарните зголемувања на пензиите, намалената стапка на придонеси и демографските трендови создаваат финансиска дупка што постојано се продлабочува. Структурниот дефицит на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во 2025 година достигнал 54,4 милијарди денари, односно 5,2 отсто од БДП. Без промени, дополнително ќе расте. Комбиниран пакет реформи во периодот 2026–2035 година би можел да ја намали потребата од буџетски трансфери за околу 337–341 милијарда денари, или приближно за 5,5 милијарди евра, покажува новата анализа на „Фајнанс тинк“ направена за потребите на Фискалниот совет.
Станува збор за кумулативна фискална заштеда во однос на сценариото во кое системот би продолжил без промени. Во просек, ефектот би бил околу 34 милијарди денари, односно околу 550 милиони евра годишно.
„Ниедна реформа не е безболна, но колку повеќе ја одложуваме, цената ќе биде поголема. Без реформа, дефицитот до 2030 година ќе порасне на 6,3 отсто од БДП, а до 2037 – 6,6 отсто“, предупреди извршната директорка на „Фајнанс тинк“, Благица Петрески.
Според студијата, проблемот не е само демографски. Од 2023 година расходите за пензии растат значително побрзо од приходите од придонеси, а во 2025 година растот на расходите достигнал 19 насто, наспроти 8,8 насто кај приходите од придонеси. Паралелно со тоа, стапката на фертилитет е 1,6, природниот прираст е негативен, неформалната вработеност повторно расте, а жените и натаму значително помалку учествуваат на пазарот на труд.
„Потребни се комбинирани, наместо поединечни мерки“, вели претседателот на Фискалниот совет, академик Абдулменаф Беџети, нагласувајќи дека пензиските реформи имаат долгорочни ефекти и мора внимателно да се дизајнираат.
Таков пристап предлага и „Фајнанс тинк“. Комбинираниот пакет вклучува постепено зголемување на придонесите на 20 насто, индексација на пензиите само со инфлацијата, поголемо учество на жените на пазарот на труд и намалување на неформалноста. Со вакви промени, дефицитот до 2030 година би се намалил на 4,2 отсто од БДП, а до 2050 година би паднал под 0,5 отсто.
Без реформа, пак, дефицитот би растел од 5,2 отсто од БДП во 2025 на 6,3 отстто до 2030, а потоа, од 2035 до 2037 година би дошол до околу 6,6 отсто. Како најризичен се посочува периодот 2038–2048, кога транзициските трошоци го достигнуваат врвот, а бројот на осигуреници на еден пензионер паѓа под 1,3.
Фискалната стабилизација има и цена. Доколку пензиите се усогласуваат само со инфлацијата, односот меѓу просечната пензија и просечната нето-плата до 2050 година би паднал на околу 22 насто, наспроти 35 насто со сегашната формула. И двете вредности се под прагот од 40 насто што се користи како минимум. Затоа препораката е да се воведе гарантирана минимална пензија, наместо ад хок зголемувања, и автоматски фискален механизам за индексација, наместо дискрециони одлуки.
Алармантен е податокот што го наведе директорот на ПИОМ, Никола Мемов: дефицитот во 2026 година е зголемен за 10 милијарди денари во однос на 2025 година и достигнал 64 милијарди денари.
„Тоа значи дека за исплата на пензии недостасуваат 500 милиони евра, 220 милиони за здравствено осигурување на пензионерите и над 300 милиони евра за Вториот столб“, рече Мемов.
Тој најави дека во Фондот се работи и на промена на методологијата за пресметка на пензиите. Според него, сегашниот модел не го зема доволно предвид вкупниот придонес што осигуреникот го уплатил во системот.
„Имаме случаи на граѓани кои примаат месечно плата и до 10 милиони денари, а плаќаат придонеси само на еден милион денари. Тоа мора да се смени“, истакна Мемов.
Потребни се промени и кај повластените категории, минималните и максималните пензии, земјоделските пензии и професиите со бенифициран стаж. Неговата проценка е дека овие поволности го чинат Фондот повеќе од 100 милиони евра годишно.
Иднината на Вториот пензиски столб е особено актуелна откако претставници од власта ја споменаа можноста за негова национализација. Тоа решение би било погубно на долги патеки, па оттаму стручната јавност препорачува реформи, а приватните пензиски друштва ги најавија мултифондовите наменети за различни возрасни групи.
И Беџети предлага средствата да се инвестираат различно во зависност од возраста на осигурениците – помладите да преземаат поголем инвестициски ризик, а оние што се поблиску до пензија да останат во поконзервативни портфолија.
„За осигурениците со 10–15 години стаж, две третини од нивните пари да бидат вложени во поризични инвестиции, но кои ќе носат поголема добивка… За тие со стаж од 15–30 години пристапот да биде балансиран, а за тие што се на 10 години до пензионирање да остане конзервативното управување“, рече Беџети.
Петрески, пак, предупреди дека евентуално враќање на средствата од Вториот столб во ПИОМ не би го решило проблемот.
„Сметам дека играта со Вториот столб може да стане многу опасна. Потенцијално враќање во ПИОМ ќе даде фискална релаксација, но само ќе го одложиме проблемот“, рече таа.
Мора да се почне со обмислено решавање и затворање на проблемите и прашањата врзани за пензискиот систем. Времето за постепена реформа се скратува.
„Параметарските реформи се неопходни, но не и доволни – тие купуваат време. Прозорецот за реформи се затвора околу 2035 година, а цената на одложувањето не расте линеарно, туку се акумулира“, предупредува Петрески.
(Илустрација генерирана со вештачка интелигенција)
Аналитика








