ПОВЕЌЕ

    29 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ЧАСОВНИЦИ И НАКИТ ‒ Продажбата расте, профитот се топи

    Време зa читање: 6 минути

    Се купувале часовници и накит, а низ касите на трговците поминале над три милиони евра повеќе од претходната година. Сепак, на крајот од 2025 година тие заработиле помалку.

    Токму во тој парадокс е приказната за македонскиот пазар на часовници и накит. Користејќи ги податоците на Бизнис Мрежа, Пари во оваа анализа покажува дека во 2025 година финансиски податоци има за 185 компании, наспроти 189 компании една година претходно. Вкупниот приход во дејноста пораснал за 12,24 насто, на околу 29,1 милион евра, но вкупната добивка се намалила за 4,71 насто, на околу 2,86 милиони евра.

    Значи, купувачи имало. Пари се вртеле. Бизнисот растел. Но, не секој што продал повеќе успеал и да заработи повеќе.

    А кога ќе се отворат резултатите на поединечните компании, приказната станува уште поинтересна: лидерот ВОЧ ИД додава околу еден милион евра приход, а губи четвртина од добивката, Бисера Комерц продава помалку, а заработува повеќе, додека Глитерати за една година од 98,6 илјади евра стигнува до промет од 1,1 милион евра.

    „Мај тајм“ држи речиси четвртина од пазарот

    Кога ќе се погледне кој ги врти најголемите пари од часовници и накит во Македонија, ВОЧ ИД, компанијата што стои зад „Мај тајм“, е и убедливо на врвот. „Мај тајм“ се претставува како синџир на продажни салони и национален дистрибутер на повеќе од 25 брендови за часовници и накит, а токму таа ширина на понудата се гледа и во финансиските резултати.

    Со 6,8 милиони евра приход во 2025 година, „Мај тајм“ сама создава околу 23 насто од вкупниот приход на целата анализирана дејност. Уште поважно, лидерот не стои в место. За една година приходот на оваа компанија пораснал за 16,62 насто, односно за приближно еден милион евра.

    Но, зад оваа компанија борбата е многу поинтересна.

    Втора е Бисера Комерц од Битола, фирмата зад добро познатиот бренд „Божиновски часовници и накит“. Компанијата наведува дека брендот е присутен повеќе од 29 години, па станува збор за еден од најдолго позиционираните специјализирани трговци на домашниот пазар. Во 2025 година има 5 милиони евра приход, но за разлика од „Мај тајм“, кај „Божиновски“ продажбата се намалила за 3,13 насто.

    Третото место носи уште едно познато име, само скриено зад помалку препознатливото име на фирмата. СФ1 КЛИПС е компанијата што ја носи Пандора во Македонија ‒ генерален и ексклузивен дистрибутер на данскиот бренд на домашниот пазар. Оваа компанија направила 2,3 милиони евра приход, за 5,40 насто помалку од претходната година.

    Веднаш зад оваа тројка прометот паѓа под 1,5 милиони евра.

    РОЈАЛЕ ХОУСЕ, ексклузивниот партнер и дистрибутер на Сваровски во Македонија, го зголемил приходот за речиси 28 насто, на 1,4 милиони евра. Сваровски преку компанијата е присутен на македонскиот пазар од 2007 година, кога бил отворен првиот премиум бутик во центарот на Скопје.

    Најголемиот скок во оваа категорија го бележи ГЛИТЕРАТИ. За само една година приходот на компанијата се зголемил повеќе од десеткратно ‒ од 98,6 илјади евра во 2024 година на 1,1 милион евра во 2025 година. Тоа е раст од 1.062,72 насто, односно речиси еден милион евра дополнителен промет за само една година.

    Десетката ја заокружува Шолаја и др. ЦАЈС увоз-извоз Битола ДОО, со 572 илјади евра приход во 2025 година, со минимален раст од 1,13 насто. Шолаја и др. ЦАЈС е компанија со повеќедецениско присуство на пазарот, поврзана и со Оптика Zeiss, а во понудата има и часовници, накит и модни додатоци.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Кој успеал да заработи најмногу?

    Добивката на десетте најпрофитни компании за продажба на рачни часовници и накит во 2025 година се движи од 59,7 илјади евра до 707,5 илјади евра. На врвот е ВОЧ ИД, додека десетката ја заокружува АНТИЦА-БИСЕР од Охрид.

    Компанијата зад „Мај тајм“ во 2025 година заработила 707,5 илјади евра. Тоа е најголемата добивка меѓу анализираните компании, но истовремено е и 26,33 насто помалку од претходната година, кога профитот изнесувал 960,3 илјади евра.

    И токму второпласираниот покажува колку различно може да изгледа ефикасноста на бизнисот.

    СФ1 КЛИПС, односно Пандора, со 2,3 милиони евра приход остварила 471,7 илјади евра добивка. Пандора во Македонија реализирала само околу една третина од прометот на „Мај тајм“, а остварила речиси две третини од неговата добивка.

    ЕЛ ДОРАДО 05, компанијата зад домашниот бренд за накит ZIA, во 2025 година остварила добивка од 233,6 илјади евра, што е за 3,39 насто помалку од 2024 година. Падот на профитот доаѓа и покрај солидниот раст на продажбата (приходот на компанијата се зголемил за 15,53 насто). Така, ЕЛ ДОРАДО 05 во 2025 година продавала повеќе, но од поголемиот промет ѝ останала помала заработка.

    А уште еден интересен пресврт има кај „Божиновски“. Продала помалку, но заработила повеќе ‒ добивката пораснала за 11,04 насто, на 167,2 илјади евра.

    И повторно, ГЛИТЕРАТИ е невозможно да се прескокне. Од само 832 евра добивка во 2024 година, компанијата стигнала до 114,6 илјади евра во 2025 година. Процентуално тоа изгледа речиси неверојатно, раст од 13.659 насто, но уште поважно е што зад огромниот скок на продажбата овојпат се појавила и реална заработка.

    На другата страна е АНТИЦА-БИСЕР: приходот ѝ пораснал за речиси 59 насто, а добивката се намалила за речиси 48 насто и изнесува 59,7 илјади евра.

    Така, листата на добивки открива нешто што листата на приходи не може да го покаже: не „победува“ секогаш тој што ќе продаде најмногу.

    Топ 10 компании по добивка за трговија на мало со рачни часовници и накит

    Извор: Бизнис Мрежа

    Катерина Михајлова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично