
Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се одржа стручна обука за работа со Leksell Vantage Stereotactic System, современ систем наменет за стереотактична неврохирургија кој се користи при прецизни неврохируршки интервенции.
Обуката е дел од подготовките на болницата за воведување на длабока мозочна стимулација (Deep Brain Stimulation – DBS), како терапевтска опција кај соодветно селектирани пациенти со Паркинсонова болест. Обуката ја водеше Пети Бачелдер, специјалист за невроапликации во реномираната компанија „Електа“, која со тимот на „Аџибадем Систина“ работеше на практичната примена на системот и неговото користење во подготовката и реализацијата на високопрецизни стереотактични неврохируршки процедури.
„Со набавката на современиот стереотактички систем и со спроведената обука на целиот тим, создаваме услови за воведување на длабоката мозочна стимулација и во нашата болница. Ова е високоспецијализирана процедура, која бара исклучителна прецизност, внимателно планирање и тесна соработка меѓу неврохирурзите, невролозите, радиолозите и другиот медицински персонал. Нашата цел е кај правилно селектираните пациенти со Паркинсонова болест да обезбедиме современа терапевтска опција, која може значајно да придонесе за подобра контрола на моторните симптоми и подобар квалитет на живот“, вели доц. д-р Миленко Костов, неврохирург.
За време на обуката, мултидисциплинарниот тим медицински експерти се запознаа со правилната подготовка, поставување и употреба на стереотактичкиот систем, како и со неговото интегрирање во радиолошкото снимање и планирањето на неврохируршките процедури.
„DBS е метода на функционалната неврохирургија со која во точно определени структури длабоко во мозокот се поставуваат тенки електроди кои преку поткожни продолжетоци се поврзуваат со мал невростимулатор, кој се поставува под кожата во пределот под клучната коска. Системот може на некој начин пластично да се објасни како пејсмејкер за мозокот. За разлика од класичните хируршки процедури со кои се создава трајна лезија во мозочното ткиво, DBS не уништува мозочна структура. Наместо тоа, со контролирани електрични импулси ја менува активноста на нервните мрежи, кои учествуваат во создавањето на симптомите на Паркинсоновата болест. Најчести цели за стимулација се структури во состав на базалните ганглии, кои имаат централна улога во контролата и координацијата на движењето“, вели доц. д-р Миленко Костов, неврохирург.
Со воведувањето на оваа технологија, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ продолжува да ги развива комплексните неврохируршки процедури и да инвестира во современа медицинска опрема, едукација на кадарот и мултидисциплинарен пристап во третманот на пациентите.
Аналитика








