ПОВЕЌЕ

    ЈАПОНСКИТЕ БИЗНИСИ СЕ ГАСНАТ СО НАЈБРЗО ТЕМПО во повеќе од една деценија: не преживуваат ни компании стари над 100 години

    Време зa читање: 7 минути

    Бројот на корпоративни банкротства во Јапонија го достигна највисокото ниво во последните 14 години во првата половина на 2026 година. Овој пораст на пропаднати фирми го продолжува трендот забележан во истиот период минатата година, во земјата со можеби најсилната традиција на долговечни компании во светот, соочена со економска и демографска промена која за дел од нив се покажува потешка од кризите што успевале да ги преживеат со генерации.

    Агенцијата за кредитни истражувања „Теикоку Датабанк“ (Teikoku Databank) наведува дека во периодот од јануари до јуни пропаднале 5.335 фирми. Тоа претставува зголемување за 332 во споредба со минатата година и највисока бројка од 2012 година наваму. Станува збор за компании со долгови од најмалку 10 милиони јени, односно околу 61.500 долари.

    Најголем број од пропаднатите фирми биле од секторот за услуги, по што следуваат малопродажбата и градежништвото. Како една од главните причини за овој пораст се наведува инфлацијата, бидејќи фирмите тешко успеваат да ги пренесат повисоките трошоци за гориво и материјали врз крајните цени.

    Во 2025 година 67.949 компании биле затворени, суспендирани или распуштени. Тоа е втор највисок број во последната деценија. Ако на нив се додадат формалните банкроти, повеќе од 78.000 компании излегле од пазарот за една година.

    Особено симптоматично е што помалку од половина од фирмите што се затвориле биле профитабилни непосредно пред тоа – што покажува дека Јапонија не губи само неодржливи компании, туку и бизниси чии сопственици повеќе не гледаат иднина во продолжување на работата.

    Од истражувачката агенција велат дека трендот на банкротства може да продолжи и во втората половина од годината, кога фирмите ќе се соочат со повисоки трошоци за задолжување поради зголемувањето на каматните стапки.

    Јапонија е позната како земја со необично голем број долговечни компании, некои со историја подолга од еден век. Но токму тие фирми сега сè почесто исчезнуваат. Високи трошоци, недостиг на работници, стареење на сопствениците, проблеми со наследувањето и послаба домашна побарувачка создаваат притисок врз илјадници мали и средни бизниси – од фабрики и традиционални пиварници до фризерски салони, пабови и ресторани.

    Најновите податоци на Tokyo Shoko Research покажуваат дека само во првите шест месеци се регистрирани 5.335 банкроти, 6,6% повеќе од истиот период лани. Истовремено биле регистрирани рекордни 556 банкроти директно поврзани со високите цени, 227 поради недостиг на работници и 312 поради проблем со наследување на бизнисот.

    СЕ ГАСНАТ И ФИРМИ КОИ ПРЕЖИВЕАЛЕ ВОЈНИ, ЗЕМЈОТРЕСИ, РЕЦЕСИИ

    Највпечатлив е притисокот врз јапонските shinise – традиционалните компании со повеќе од 100 години историја.

    Од јануари до август 2026 година банкротирале 112 компании постари од еден век. Ако темпото продолжи, годината може да заврши со повеќе од 160 вакви банкроти, со што би бил надминат досегашниот рекорд од 146 во 2024 година. Половината од овие банкроти биле кај мали компании со долгови под 100 милиони јени.

    Особено погодени се производството, трговијата на големо и малопродажбата. Во првите осум месеци од 2026 година меѓу стогодишните компании што пропаднале имало 34 производители, 24 веледрогерии и 22 трговци на мало.

    Еден од најсликовитите примери е Morimin Shuzo Honke во Сендаи, производител на саке основан во 1849 година. Компанијата преживеала повеќе од 170 години и големиот земјотрес во 2011 година, но кон крајот на 2025 престанала со работа, а во јануари 2026 почнала подготовка за стечај поради влошена ликвидност.

    Друг пример е Marusumi Paper, основана во 1919 година. Производителот на хартија некогаш остварувал приходи над 74 милијарди јени годишно, но падот на печатените медиуми, високите цени на суровините и енергијата и големите инвестиции ја притиснале компанијата. Во 2025 година побарала судска реорганизација со долг од околу 59 милијарди јени.

    Во 2026 година банкротира и Kano-gumi, компанија за водоводни работи основана во 1925 година, со долг од околу 3,6 милијарди јени, додека Onobe Seikansho, производител на картонска амбалажа основан во 1901 година, пропаднал со долг од околу 1,33 милијарди јени. Во двата случаи проблемите не биле само пазарни – Teikoku Databank посочува и скриени обврски и сметководствени неправилности.

    ПАБОВИТЕ И ФРИЗЕРНИЦИТЕ СЕ ЗАТВОРААТ СО РЕКОРДНО ТЕМПО

    Не се погодени само старите компании. Во првата половина од 2026 година банкротирале 118 традиционални izakaya пабови, најмногу досега за прво полугодие и првпат повеќе од 100. Дури 105 од 118 случаи биле директно поврзани со слабата продажба.

    Причината е класична ценовна стапица: поскапуваат пивото, вискито, сакето, храната, кириите и платите. Но кога локалите ќе ги кренат цените, потрошувачите реагираат со штедење и поретки излегувања.

    Проблемот е поширок во угостителството. Во првата половина од 2026 година банкротирале 473 ресторани, 3,3% повеќе од претходниот рекорд во истиот период. Најмногу имало меѓу пабови и beer halls – 125 случаи.

    Слична ситуација има и кај услугите кои на прв поглед изгледаат отпорни на економски кризи. Во 2025 година банкротирале 235 фризерски салони, најмногу досега и втора година по ред со нов рекорд. Повеќе од 90% биле мали компании со капитал под 10 милиони јени, а речиси половина од банкротираните салони постоеле помалку од десет години.

    Покрај високите трошоци, секторот има уште еден специфичен проблем – недостиг на фризери. Големите синџири, евтините cut-салони и новите независни студија се борат за ист ограничен кадар, а малите салони тешко можат да понудат повисоки плати.

    БАНКРОТИТЕ ГИ ПОГОДУВААТ И БАНКИТЕ

    Тука треба да се направи важна разлика: не пропаѓаат јапонските банки во класична смисла, туку банкротите на други компании почнуваат да создаваат загуби и кај регионалните банки.

    Најдобар пример е Zentoshin, платежен процесор од Осака кој во јули 2026 банкротираше со обврски од околу 115,2 милијарди јени, најголемиот корпоративен банкрот во Јапонија годинава во тој момент. Компанијата обработувала картични плаќања за околу 200.000 продавници, ресторани, барови и клубови.

    Нејзиниот колапс ги погоди и регионалните банки кои ја финансирале. Најмалку пет котирани банки и банкарски групи, меѓу кои Towa Bank и San ju San Financial Group, најавиле отписи поврзани со пропаста на Zentoshin.

    Во Токио, пак, дел од баровите и клубовите привремено морале повторно да бараат плаќање во готово или преку QR-кодови, бидејќи до 40% од нивната продажба минувала преку системот на банкротираната компанија.

    КОИ СЕ ПРИЧИНИТЕ?

    Зад растот на банкротите стојат неколку проблеми кои се преклопуваат.

    Најдиректниот е растот на цените. Во 2025 година Teikoku Databank регистрирал рекордни 949 банкроти поврзани со инфлацијата и високите трошоци. Во првата половина од 2026 веќе имало уште 556.

    Вториот е недостигот на работници. Стареењето и намалувањето на населението значат дека малите компании тешко наоѓаат персонал, а кога го наоѓаат мораат да плаќаат повисоки плати. Во 2025 година банкротите поради недостиг на работна сила достигнале рекордни 427.

    Третиот проблем е наследувањето на бизнисите. Кај многу мали семејни компании сопственикот старее, а децата не сакаат или не можат да го преземат бизнисот. Само во првата половина на 2026 година Teikoku регистрирал 312 банкроти поврзани со недостаток на наследник – рекорд за тој период.

    Четвртиот фактор е крајот на евтините пари и на пандемијата како период на масовна државна поддршка. Фирмите повторно ги отплаќаат долговите земени за време на COVID-19, додека каматните стапки веќе не се на историски ниските нивоа од претходните години.

    Финансиските податоци покажуваат колку е слаб дел од корпоративниот сектор: кај 71,1% од анализираните компании што банкротирале во 2025 година обврските веќе биле поголеми од средствата, а 64,3% завршиле со нето-загуба во последната финансиска година.

    (Фото: типичен јапонски ресторан, Basile Morin, CC BY-SA 4.0)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично