Македонското пиво добро котира на странските пазари, најдобро на албанскиот и косовскиот. За само седум месеци надминат е вкупниот лански извоз – 7,1 милиони литри пиво наспроти 6,15 милиони литри. Извозот остварил и голема предност пред увозот, чијашто реализација е 3,08 литри. На македонскиот пазар, пак, најзастапено е пивото со потекло од Полска, Србија и Романија.
Во овој сегмент е направен крупен исчекор со оглед на минатогодишниот дефицит, резултат на увезените 12,6 милиони и извезените 6,15 милиони литри. Годинава е остварен голем трговски суфицит. Во првите седум месеци од годинава, според податоците на Државниот завод за статистика, извезени се 7.105.529 литри пиво во вредност од 5,63 милиони евра, а увезени се 3.080.359 литри за 2,13 милиони евра, објави МИА. Или, вредноста на извозот е речиси тројно повисок од увозната, поточно за 2,6 пати.
Македонија лани произвела 659.980 хектолитри пиво, за 5,7 отсто помалку во однос на претходната 2024 кога се произведени 700.025 хектолитри.
Ако трендот од првите седум месеци продолжи до крајот на годината, 2026 ќе биде најдобрата година за надворешно-трговските резултати на македонското пиво во последните неколку години, со значителен трговски суфицит и силно зголемена извозна ориентација. Извозот е повеќе од 2,3 пати поголем од увозот по количина и 2,6 пати поголем по вредност.
Регионалните пазари на Западен Балкан го носат најголемиот дел од извозот. Србија и Полска остануваат најголеми добавувачи на увозно пиво, додека мексиканското и словенечкото пиво се меѓу најскапите увозни категории, што покажува присуство на премиум брендови.
Според податоците на Државниот завод за статистика производството на пиво во периодот 2007-2025 година покажува цикличен тренд со умерени осцилации. Најголемо производство е забележано во 2019 година кога се произведени 738.396 хектолитри, додека најниското производство на пиво е во 2011 година со 611.836 хектолитри. Ланското производство е за десеттина отсто помало под рекордната 2019 и околу 8 насто над најлошата 2011 година.
Македонија во 2025 година увезла над 12,5 милиони литри пиво во вкупна вредност од 9,4 милиони евра. Просечната увозна цена на литар пиво е 0,76 евра.
Пет земји обезбедуваат околу 74 отсто од вкупниот увоз на пиво и тоа Полска (22,5%), Србија (19,5%), Романија (11,8%), Грција (10,6%) и Германија (9,2%).
Највисока просечна цена по литар увезено пиво има од Ирска (2,1 евро/л), Мексико (1,64 евра/л) и Словенија (1,19 евра/л), додека најниска Полска (0,56 евра/л), Србија (0,59 евра/л) и Црна Гора (0,59 евра/л).
Извозот на пиво е релативно стабилен и се движи околу 6,4 милиони литри годишно, додека за три години увозот е зголемен за 25,3 насто, од 10 милиони литри во 2022, на 12,6 милиони литри во 2025 година. Ова покажува дека домашниот пазар сè повеќе се снабдува со увозни брендови.
Минатата година Македонија извезла над 6 милиони литри пиво, со вкупна вредност од 4.306.473 евра. Најважен пазар е Косово, кое учествува со околу 70 отсто од вкупниот извоз, додека заедно со Албанија сочинува речиси 93 отсто од целокупниот извоз на македонско пиво.
Извоз кон земји од ЕУ има, но во значително помали количини (Малта, Хрватска, Австрија, Германија, Полска, Словенија).
Просечната извозна цена е околу 0,71 евро за килограм пиво. Највисока цена по литар има на пазарите во САД – 1,22 евра, Австралија – 0,92 евра и Швајцарија – 1,03 евра. Цената е најниска во Србија со 0,54 евра за килограм, Косово со 0,69 евра и Албанија со 0,70 евра.
(Илустрација генерирана со вештачка интелигенција)
Аналитика








