Инцидентот на летот на „Флајдубаи“ од Дубаи кон Тел Авив, кој пред неколку дена заврши со итно слетување во Саудиска Арабија, доби нова и многу посериозна димензија. Главниот обвинител на Обединетите Арапски Емирати, Хамад Саиф Ал Шамси, денеска соопшти дека истрагата покажала оти копилотот се обидел да изврши терористички акт, објави емиратската новинска агенција WAM.
Станува збор за летот FZ1073, кој на 30 септември полетал од Дубаи кон Тел Авив. Според Обвинителството на ОАЕ, копилотот за време на летот го нападнал капетанот во пилотската кабина со секира за итни случаи – „crash axe“, по што се обидел да ја преземе контролата врз авионот. Истрагата сè уште треба да ги утврди целосните околности, мотивот и евентуалните врски на осомничениот со други лица или организации. Се анализираат и физички и дигитални докази.
Според „Ројтерс“, во еден момент авионот нагло изгубил повеќе од 16.000 стапки височина за околу половина минута. И покрај повредите, капетанот успеал да ја отвори пилотската кабина, по што патници и членови на екипажот интервенирале и го совладале копилотот. Други пилоти кои патувале во авионот помогнале да се воспостави контрола, а леталото потоа безбедно слетало на аеродромот во Табук, Саудиска Арабија
Капетанот Мачхар Смит е вратен во ОАЕ и, според тамошната Генерална управа за цивилно воздухопловство, е во добра состојба и ја добива потребната медицинска грижа. Властите ја пофалија реакцијата на капетанот, екипажот и патниците, оценувајќи дека нивната брза интервенција спречила многу посериозни последици.
Копилотот е идентификуван како Хамам ал-Хамами, државјанин на Оман. Според информации на „Асошиејтед прес“, повикувајќи се на извори запознаени со случајот, тој претходно бил тргнат од пилотските должности во „Оман ер“ поради неговите екстремистички ставови и бил префрлен на административна работа. Истрагата допрва треба да утврди дали постоеле организациски врски или дали дејствувал сам.
(Фото: FluDubai)
Аналитика








