„Најк“ најави дополнително намалување на бројот на вработени и реорганизација на работењето, откако најновите резултати покажаа пад на продажбата, а проблемите на кинескиот пазар продолжуваат. Компанијата истовремено прогнозира дека приходите ќе се намалуваат и во текот на тековната фискална година.
Проблемите во работењето се одразија и на пазарната вредност. Според „Ројтерс“, акцијата на „Најк“ се спушти на најниско ниво, гледано во период од 12-на години. По објавувањето на резултатите, на 2 октомври загуби дополнителни 3,6 отсто. Или, од почетокот на годинава од вредноста загубиле близу 45 отсто. Треба да се спомене и тоа дека по речиси 18 години, од 21 септември „Најк“ веќе не е дел од индексот S&P 100. Сепак, компанијата е во поширокиот индекс S&P 500.
На крајот од август приходите на „Најк“ изнесувале 11,21 милијарда долари, за 4 отсто помалку во однос на истиот лански период. Нето-добивката опаднала за 2 отсто, на 712 милиони долари, а заработката по акција била 0,48 долари. Сепак, бруто-маржата се подобрила од 42,2 на 42,8 насто, пред сè поради пониските трошоци за складирање и логистика, наведуваат од Nike Investor Relations.
Најголемата слабост е пазарот на Голема Кина – регион што во извештаите на „Најк“ ги опфаќа континентална Кина, Хонг Конг, Макао и Тајван. Според „Ројтерс“, продажбата таму паднала за 26 отсто на валутно неутрална основа, што претставува деветти последователен квартал со намалување. Компанијата се соочува со послаба побарувачка, силна конкуренција и потреба повторно да ја зацврсти позицијата на брендот на еден од пазарите што со години беше важен извор на раст.
Проблемите се видливи и во директната продажба. Приходите преку Nike Direct се намалиле за 8 отсто, на 4,14 милијарди долари, а дигиталната продажба на брендот паднала за 13 отсто. Продажбата во сопствените продавници е пониска за 5 отсто. Приходите, пак, на „Конверс“ се намалиле за 28 отсто – на 263 милиони долари.
За да се совладаат проблемите, „Најк“ стартува со програмата „Пејс“ (Pace), со која планира да го промени оперативниот модел на групацијата. Предвидени се модернизација на глобалниот синџир на снабдување, организација на работењето во три географски региони, отворање нов корпоративен кампус во Индија и дополнително поедноставување на организацијата, што подразбира и ново намалување на бројот на вработените. Засега не е соопштено колку работни места ќе бидат укинати.
Од компанијата проценуваат дека „Пејс“ треба да донесе околу 2,5 милијарди долари кумулативни заштеди до фискалната 2031 година. За спроведување на промените, пак, се очекуваат околу една милијарда долари трошоци пред оданочување, главно поврзани со вработените.
Извршниот директор Елиот Хил се обидува да ја врати компанијата кон основниот спортски бизнис и да ги обнови односите со традиционалните трговски партнери. Претходната стратегија се базираше на директната и интернет-продажбата. Раководството признава дека има уште многу работа кај Nike Sportswear, Jordan Brand и Голема Кина, а инвеститорите сè повеќе го мерат темпото со кое стратегијата дава резултати.
За целата фискална 2027 година компанијата очекува пад на приходите со висока едноцифрена стапка, а приспособената заработка по акција ја проценува во распон од 1,15 до 1,35 долари. „Најк“ е пред голем предизвик – истовремено мора да ги намалува трошоците, да ја обнови понудата, да ја врати продажбата во Кина и повторно да ја врати атрактивноста на брендот.
(Фото: pascalhd2 / Wikimedia Commons, CC BY-SA 4.0)
Аналитика








