Во најава е ново прекројување на државните финансии. Горивата ги реметат буџетските сметки и пресметки. Намалените акцизи и пониската стапка на ДДВ ја празнат касата. Од една страна се одржува ценовно ниво на енергентите донекаде безопасно за животниот стандард, а од друга се отвора буџетска дупка. До крајот на годинава може да се јави кусок од речиси сто до близу 114 милиони евра.
Тоа најдиректно го посочи премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека е можно во Буџетот да недостигаат 6 до 7 милијарди денари, а само ефектот од акцизата е околу пет милијарди денари.
„Предизвик е испораката на нафтата и нафтените деривати, цените на берзите и мерките што ги имплементираме како Влада. Тоа ќе нѐ чини, само по основ на акцизата, околу пет милијарди денари, а поради намалениот ДДВ и уште некоја милијарда повеќе. Затоа се разгледува можноста за уште еден ребаланс“, изјави Мицкоски.
Пред нешто повеќе од два месеци, на 27 јули, Собранието го усвои првиот годинешен ребаланс, со кој вкупните приходи се ревидираа на 379,5 милијарди денари, а расходите на 425,8 милијарди денари. И тогаш министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, рече дека намалувањето кај приходите од акцизи и делумно кај ДДВ е резултат на владините мерки, со цел ублажување на ценовниот шок врз граѓаните и стопанството. Притоа, дефицитот беше позициониран на 4,1 отсто од БДП, односно на 46,3 милијарди денари.
Кон средината на месецов, пак, министерката потврди дека Министерството за финансии анализира две можности – пренамена на постојните средства или нов ребаланс, појаснувајќи дека при јулскиот ребаланс не можеле да се предвидат последователното заострување на кризата во Заливот и ефектите врз цените на енергентите.
А пред една недела од Димитриеска-Кочоска пристигна уште една порака – дури и да има нов ребаланс, Министерството не очекува да се менува проектираниот буџетски дефицит. Според неа, евентуалниот ребаланс би подразбирал истовремено коригирање и на приходната и на расходната страна:
„Доколку одлучиме и направиме ребаланс на Буџетот, ќе работиме и на намалување на приходите и расходите. Додека сме во истата ситуација како сега, го повторувам она што го нагласивме претходно дека дефицитот нема да го надмине предвиденото, истовремено задолжувајќи се, бидејќи тоа е исто така дел од ребалансот што помина во Собранието, и да речеме дека ова се некои од рамките во кои Министерството за финансии мора да работи“.
Се прават последни анализи дали ќе има ребаланс или само прераспределба, рече и заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски. Тој нагласи дека се следи остварувањето на приходите и дали ќе биде потребно кратење на одредени расходни ставки. Исто така, посочи дека Министерството очекува подобрување на приходната страна во септември, а и потоа.
Поради предвременото трошење на планираниот дефицит, вториот ребаланс ќе биде нужен, смета поранешниот министер за финансии и универзитетски професор, Никола Поповски. Во гостувањето во „Трилинг“ тој оцени дека тоа „не е добра слика за економијата“ и предупреди на долгорочниот товар од постојаното задолжување и растечките трошоци за камати.
Поповски дополнително посочи дека сервисирањето на каматите веќе се движи околу 2 отсто од БДП, наспроти околу 1 отсто порано, и предупреди дека со растот на јавниот долг се стеснува буџетскиот простор за други намени.
Опозицискиот СДСМ, пак, неодамна излезе со процената дека годишниот буџетски дефицит би можел да надмине 900 милиони евра, односно околу 5 отсто од БДП. Партијата тврди дека планираниот дефицит е речиси целосно искористен и дека приходите заостануваат зад планот, па новиот ребаланс, според нив, би отворил простор за дополнително задолжување.
М.А.
Аналитика








