ПОВЕЌЕ

    Бронза од Кина за македонското економско знаење – младите таленти на прием кај гувернерот

    Време зa читање: 2 минути

    Македонските средношколци покажаа дека можат успешно да се натпреваруваат со своите врсници од целиот свет и во областа на економијата и финансиите. Во конкуренција од 260 натпреварувачи од 56 земји, националниот тим оствари значаен успех на деветтата Меѓународна економска олимпијада во Шенжен, Кина, од каде што се врати со бронзен медал и второ место во категоријата говори на младите.

    За постигнатите резултати, на средба во Народната банка, на средношколците им честиташе гувернерот Трајко Славески, кој истакна дека нивните знаења и успех се потврда за потенцијалот на младите и важноста на вложувањето во образованието и финансиската писменост.

    Бронзениот медал го освои Теа Ангелова, ученичка во втора година во Меѓународното училиште „НОВА“ во Скопје, која освои и второ место на „Говори на младите“ (IEOx Youth Talks).

    Покрај неа, Македонија ја претставуваа Ванеса Томова од ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје, Оливера Џамбазова од СУГС „Орце Николов“ во Скопје, Стефан Младеновски од СОУ „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија и Георги Јаковлев од ПСУ „Јахја Кемал“ во Струга.

    Тимот го подготвуваа проф. д-р Анета Гацовска Барандовска и ас. м-р Стево Ѓоргиев од Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
    Натпреварот барал од учениците не само познавање на економската теорија, туку и нејзина практична примена. Тие решавале сложени економски проблеми, ги демонстрирале своите знаења од финансиската писменост и презентирале бизнис-планови.

    „Добро информираните и финансиски писмени млади се важен предуслов за стабилна и просперитетна економија. Средношколците, кои денес со своите знаења ја претставуваат нашата земја на меѓународната сцена, утре ќе бидат носители на иновации, претприемаштво и економски развој“, истакна гувернерот Славески.

    На средбата, учениците ги споделиле искуствата од Олимпијадата и ја нагласиле важноста на поддршката што ја добиле од Народната банка во текот на подготовките.
    Централната банка веќе четврта година по ред, во соработка со Сојузот на математичари, учествува во подготовката на македонските средношколци за ова меѓународно натпреварување. Поддршката опфаќа стручни предавања и едукативни активности од економијата, финансиите и банкарството.

    Според Славески, вложувањето во финансиското образование на младите е инвестиција во човечкиот капитал, кој претставува еден од клучните предуслови за долгорочен економски развој на земјата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично