ТТК Банка ја регистрираше четвртата емисија корпоративни обврзници, со вкупна номинална вредност од 1,5 милиони евра. Во Централниот депозитар за хартии од вредност на 1 октомври се регистрирани 1.500 обврзници, секоја со номинална вредност од 1.000 евра.
Со уписот на обврзниците на сметките на запишувачите, од 1 октомври почнуваат да важат и правата што произлегуваат од овие хартии од вредност, наведено е во информацијата што ТТК Банка ја сподели преку Македонска берза.
Станува збор за емисијата што ТТК Банка ја најави летово, откако Комисијата за хартии од вредност даде одобрение за нејзино издавање преку јавна понуда. Запишувањето започна на 12 август и требаше да трае најдоцна до 12 ноември, но целата емисија од 1.500 обврзници беше запишана уште на 28 септември. Последните 795 обврзници беа запишани токму тој ден, со што емисијата достигна 100 отсто реализација. Продажбата се вршеше по модел на фиксна цена, со примена на принципот на приоритет на налозите со порано време на внес во БЕСТ системот. Обврзниците носат фиксна каматна стапка од 4,75 насто за целиот период до доспевањето.
Ориентација на ТТК Банка е поголемо користење на домашниот пазар на капитал за обезбедување средства, а целта е јакнење на сопствената капитална сила и на вкупниот финансиски потенцијал. Сето тоа насочено кон реализација на деловната политика и развојниот и финансискиот план за периодот 2025–2027 година.
Аналитика








