Пет дена наместо досегашните седум ќе трае боледувањето дадено од матичен лекар. Тоа е една од промените што ги усвои Управниот одбор на ФЗО, а се дел од Правилникот со кој се уредуваат критериумите за утврдување на привремена спреченост за работа.
Од Фондот и натаму тврдат – со измените не се скратува правото на боледување, до 15-от ден матичниот лекар е надлежен за ова прашање, а за период подолг од 15 дена одлучува лекарската комисија.
„Промената од седум на пет дена не значи дека боледувањето завршува на петтиот ден. Станува збор за периодот по кој, доколку здравствената состојба бара продолжување на боледувањето, се применуваат медицинските критериуми предвидени за конкретната дијагноза. Клучната граница од 15 дена во надлежност на матичниот лекар останува непроменета“, наведуваат од Фондот за здравствено осигурување.
Оттму истакнуваат дека со измените се воведуваат повеќе конкретни олеснувања за осигурениците и матичните лекари, со што делумно се кратат непотребните административни постапки.
Меѓу поважните олеснувања ги наведуваат: за дел од дијагнозите пациентот нема да се упатува на лабораториски испитувања; се прошируваат случаите во кои боледувањето ќе може да се утврди без физичко присуство на осигуреникот; кај хроничните заболувања ќе може да се користат постојните дијагностички наоди, доколку се во предвидениот период на важност; се прецизираат условите за ретроактивно утврдување на боледувањето; за бремени жени и доилки се предвидува олеснување во однос на радиодијагностичките испитувања со јонизирачко зрачење, кога здравствената состојба е соодветно потврдена со специјалистички извештај; кај одделни тешки заболувања се предвидуваат исклучоци од обврската за конзилијарно мислење кај боледувањата подолги од 60 дена…
„Новите решенија се резултат на повеќемесечна стручна работа и анализа на постојните критериуми, од кои значаен дел потекнуваат од 2012 година. Целта е тие да се усогласат со современите можности на медицината и дијагностиката, но истовремено да се отстранат административните постапки што непотребно ги оптоваруваат пациентите и лекарите“, информираат од ФЗО.
(Илустрација генерирана со вештачка интелигенција)
Аналитика








